Лидија Димковска
Предговор на Лидија Димковска кон изборот ЖИВА РАНА објавен во рамките на едицијата “Македонската книжевност во 130 томови”.












Лидија Димковска

ПОЕЗИЈАТА БОЛИ И ЛЕКУВА

Поезијата на Ристо Лазаров ја открив доцна, дури пред десет години, кога во книжарницата на „Детска радост“ во Скопје пребарував низ тукушто објавените џебни антологиски избори од современи македонски автори. Изборот од поезијата на Ристо Лазаров со наслов „Јаве“ се отвори пред мене како неочекуван поетски свет. Ги вртев страниците и ги голтав неговите песни, се преместував од нога на нога и срцето ми биеше како споулавено. Со часови стоев таму, во книжарницата на „Детска радост“, сè дури не се сетив дека малото, чудесно големо книжуле од Ристо Лазаров може да биде мое, и тоа засекогаш. „Јаве“ и возбудата од моето чудесно откровение ги однесов со мене во затрупаниот со снег Букурешт и во последниот ден од 1998 год., додека наоколу се ширеа предновогодишни мириси и звуци, напишав поголем текст за поезијата на мојот новооткриен поет. И се прашував, како беше можно да не дознаам порано за оваа моќна поезија, како беше можно да не го спомне никој името на Лазаров, на пример, во литературниот клуб „Ко-Ра“, кај што одев како средношколка за да можам да читам поезија од „постари“ поети, или во литературниот клуб „Малиот принц“, кај што секоја сабота навечер се преиспитуваше раната фаза на мојата поетска генерација, или потоа, на некој од предметите по Општа и компаративна книжевност. Не, поезијата на Ристо Лазаров беше премногу „метонимична“ за да биде обожувана во нашиот генерациски круг кој наизуст ги учеше песните на „принцот на метафората“ Радован Павловски, беше премногу „неакадемска“ за студиите по Општа и компаративна книжевност, беше премногу „урбана“ за да биде цитирана во замаглените поетски вечери со свеќи, вино и во „друштво на мртвите поети“. Судбината посака поезијата на Ристо Лазаров да ја запознаам сама, да се сретнам со неа очи в очи, да ја прифатам и засакам таква каква што е, да ја читам во слатката самотија на поетското јас, подалеку од колективната генерациска врева. За една таква средба никогаш не е доцна. Од 1998 год. па наваму поезијата на Ристо Лазаров за мене е една од најдобрите поетски целини што и се случиле на современата македонска литература. Ристо Лазаров има и песни што не ми се допаѓаат затоа што отстапуваат од неговата поетика, песни во кои посегнува по рецидивите на лиризмот на традицијата од која одамна се дистанцирал преку својата поетска иновација, но тие негови поетски „застранувања“ се ретки, попатни и простливи. Јадрото на неговата поезија е неменливо и токму затоа насушно значајно и вечно: имено, Ристо Лазаров уште од првата поетска книга „Ноќна прица во паркот“ (1972), па сè до последната „Среде“ (2008) пее и говори за животот, за мојот, за твојот живот, за времето во кое живееме, за нашето внатрешно и надворешно време. Ристо Лазаров со својата поезија ги напиша најавтентичните поетски биографски белешки на човештвото, на светот и на тажно-смешното место на македонскиот човек во него.

Во процесот на создавање кај поетот Ристо Лазаров се случуваат две тежнеења и се реализираат два метода: класицистички и реалистички. Еве како тоа го објаснува Чеслав Милош во своите „Сведоштва за поезијата“: „Ако поетот го прецрта зборот и го замени со друг за да може стихот да биде што поцеловит, тогаш поетот чекори по стапките на класиците. Ако зборот го прецртува зашто не одразува некој видлив детаљ, тогаш тежнее кон реализмот“. Кога Лазаров пишува „лирски“, неговата поезија е поблиску до „класичната“ поезија, до класичниот македонски стих кој тежнее кон поапстрактни, метафизички, метафорички одлики: кулминација на неговото „класично“ поетско творештво е трилогијата „Ненадејна“ – „Чехопек“ – „Среде“, во која неговиот стих, вплотен и стегнат со стихот на традиционалната македонска поезија и на народната песна која е суи генериц класична (и, според тоа, и вечна) е поетолошки предизвик за академската критика, а академската критика отсекогаш го претпочитала аполониското за сметка на диозиниското начело. Тежнеењето на Лазаров кон реализмот, најочигледно во неговите први поетски книги, како и во подоцнежните поеми, не е тежнеење кон фотографирање на стварноста, туку кон длабок, поетски мимезис во кој стварноста од песната ја надминува стварноста од реалноста. Затоа неговите „епски“ песни се полни со имагинарни претстави и слики, а сепак толку познати и блиски, како да се видени среде бел ден на некоја од македонските, европските или американските улици. Како што вели Кундера, „комичното е посурово од трагичното кое ни донесува утеха: комичното брутално ни ја открива безначајноста на сè што постои“. Светот во поезијата на Лазаров постојано е во движење, во релативизирање на статичното, на „од Бога даденото“ трагично. Епската и лирската димензија на неговата поезија се одразуваат на три рамништа: како епска, пред сè во неговите поеми, во кои преку гласот на епскиот јунак (Силјан Штркот, Коломбо, Херакле...) се навлегува во суштината на светот и на неговото устројство; кон нив треба да се додадат и „Живи рани“ и „Посветите“, во кои микроепот се разгранува околу најважните премрежија на една човечка судбина; како лирска во неговите тристишија, пред сè од „Ненадејна“, „Чехопек“ и „Среде“, во кои лирскиот јунак е индивидуален самотник среде човештвото; и како лирско-епска во неговите поетски книги „Ноќна птица во паркот“, „Јана“, „Историја на болеста“, „Јавни песни“... во кои лирскиот јунак и епското време во кое живее (т.е. човекот и историјата) се во постојана двонасочна пресметка, како духовна така и емотивна.

Како и во понатамошните поетски книги на Ристо Лазаров, и во неговата прва, „Ноќна птица во паркот“ (1972), поетската порака се сместува во објективноста на светот кој ја опкружува и ја детерминира љубовната врска помеѓу поетот и Лидија, а не во субјективноста на таа емотивна врска. Интересно е што оваа емотивна врска помеѓу „јас“ и „ти“ е причина за објективноста на надворешниот свет, отсуството на Лидија е детерминатор на сите опсервации и размислувања кои во нејзино присуство би биле излишни. Реалноста од првите поетски текстови на Лазаров е производ на говорот и со своите загатки и кодови ја надминува објективната реалност вон текстот. Она, пак, што се случува во таа поетска „реалност“ има извесна стапка на алузивност, на ироничност, на пародичност и, во ранопостмодернистички стил, на интертекстуалност со мноштвото најразлични текстови од поширокиот општествен, медиумски и културен простор: „песната на оџата (...) потсетува на најновиот хит на том џонс“, „жолти лисја од сите земји, обединете се“, „поздрави и честитки на нашите слушатели“ и др.). Паркот е светот во мало во кој неговиот чувар е фантазиски опишувач на неговиот простор и време. Социјално-политичките и идеолошките кодови се оние кои ја поврзуваат стварноста како хронотоп (Скопје, Македонија во социјализмот) со уметнички обликуваната реалност во поетски рамки:

„црвената вратоврска запалува цигара
и чита во весниците марксови мисли
објавени во продолженија“.

Идеолошките алузии се духовити и, погледнати од денешен аспект, божем неоптоварени од стравот и стегите на времето во кое се пишувани. Поетот со иста слобода пишува за „презервативите што никнуваат со цвеќињата во паркот“ (сексуалната револуција остави длабоки и убави последици во општеството) како и за „синдикалната конференција“, на која

„летаат печени прасиња
еден спрема нула за синдикатот на келнерите
ќе плати господ бог со печат од комитетот
за прасињата никој не води сметка
маркс како да рекол дека треба да се наполни мешиштето
па да се конферира“.

Лазаров сака да демистифицира и тоа му оди од рака како на ретко кој друг поет во современата македонска поезија. Тоа е очигледно во сите негови поетски книги, од првата до последната. Во песната „Има многу комарци“ го демистифицира злото до степен на гротескност, ги разобличува луѓето од високите структури што им ја „цицаат“ крвта на другите без никаква обѕирност:

„брмчат бескрајно
и умно и високоумно
брмчат рефератски
инфлаторски
брмчат биртијашки
шеп-шеп озборувачки
брмчат семејно-клановски
брмчат идолопоклонички“.

„Ноќна птица во паркот“, вели Анте Поповски, е „побуна против постоечкиот и скаменет ред, негација на стереотипот според чиј модел се обликува животот околу нас и во нас, револт против малограѓанското сивило и минливост“. Љубовта се претвора во беснило кога саканата не се појавува на одреденото место. И саканата жена како и песната се најмоќни во отсуство, кога човекот што љуби и поетот со резигнираност самеат во својата „слобода“ или, како што вели поетот во песната „Вивалди остана осамен на свечениот концерт“:

„историјата е толку голема
и понекогаш толку сама“.

Во „Ноќна птица во паркот“ се појавува првата арс поетика на Лазаров:

„знам дека ме сака песната
но кога ќе и пријдам се прави мрдната
а маслинестиот лист мисли оти го мразам
се прави духовит“.

Врската помеѓу песната и поетот е слична на љубовната врска помеѓу маж и жена: заведување, преправање, шеговито надитрување, сè дури не се совладаат во меѓусебна победа, а не пораз, во сплотеност, во единство.

„Јана“, една од најубавите љубовни поетски приказни во македонската лирика, се појави осум години по „Ноќна птица во паркот“: и двете книги наидоа на огромен восхит и кај читателите и кај критиката добивајќи ги речиси сите постоечки награди за поезија. Со „Јана“ Ристо Лазаров уште на 29-годишна возраст ја допре највисоката поетска зрелост. Како и „Дениција“ на Петре М. Андреевски, и „Јана“ може да се чита во секој век и на најразлични начини: Јана е девојка, Јана е песна, Јана е Македонија, Јана е надежта. Како „рамнотежа помеѓу јавето и сонот“ (Анте Поповски), „Јана“ ги обединува егзистенцијалните моменти од човековиот живот: раѓањето, првата љубов, свеста за себе и за другите. Песната „Јана пред да се роди“ го поетизира библискиот код на создавањето, а реброто како симбол на создавањето на жената ја митологизира Јана „уште пред да се роди“:

„Цела ноќ плачев, плачев, плачев.
Не знам како, но утредента се разбудив без едно ребро (...)
Тоа утро бев многу радосен, ќе умрев од среќа (...)
тоа утро првпат ја видов Јана, пред да се роди“.

Моќните чувства кои преовладуваат во песната (болка, плач, радост што кулминира во „ќе умрев од среќа“) ја прават атмосферата драматична и експресивна. Детскиот тон кој се провлекува низ повеќето песни од стихозбирката „Јана“ уште повеќе го нагласува емотивниот тон кон лирскиот субјект. Во „Јана кога се роди“ поетот извикува:

„Луѓе, беше тоа песна над песните:
тој ден кога имав четири години два месеца и пет дена
тоа навистина не се заборава
тој ден Јана кога се роди
некаде далеку, точно 315 километри од Штип“.

Овој космолошки настан во животот на поетот го одредува целиот календарски хронос на едно детство во кое мигот на очудување се врти околу раѓањето на Јана:

„Некаде далеку, точно 315 километри од Штип
тој ден без престан се радуваше камбаната“.

Во сите песни од стихозбирката „Јана“ љубовта е поставена во реалистички локален општествен и социјален контекс:

„Јана е дибидус секси
(манекенките на „Астибо“ трчаат околу неа
како на пролетен крос,
како болните од срце
околу бараките на Тафталиџе)“,

но овој контекст го шири поетскиот текст со автентични човечки искуства, чувства и случки, па затоа поетската порака станува универзална како кај секој добар поет: песните од „Јана“ се истовремено и длабоко македонски и длабоко универзални. Песните се натопени со алузии од најразлични кодови на социјалистичкото уредување кои и тогаш и сега звучат подеднакво духовито, зашто се изречени од детска перспектива која не трпи морализирање и правила:

„Како второодделенец, на првомајската парада
наместо парола на транспарент ја носев Јана
(целиот град ми се смееше, но јас знаев дека
мојата Јана е поголема и поубава од тракторот што
на челото на парадата говореше за напредокот на
земјоделското производство во социјалистичкиот сектор.)“

или

„Јана кога е во мене
ми се чини
летаме во комунизмот!“

Песната „Јана вторпат кога ќе се роди“, пак, навлегува во сферата на фантастичното, па дури и позајмува битна одлика од кодот на христијанството: Христос повторно ќе дојде на земјата, Јана вторпат ќе се роди. Второто раѓање на Јана е оптимистичка најава на вечноста, на времето кое нема крај и во кое можностите за настани се неисцрпливи, па и надежта за остварената љубов е отворена за нови перспективи. Со второто раѓање на Јана поетот и ќе престане да пишува, отелотворувајќи се во својата „човечка“ природа во која ќе може да ја сака Јана, и таа него онаков каков што е:

„Јана вторпат кога ќе се роди
мојата машина за пишување ќе ’рѓоса од мрза“.

Индивидуалното „јас“ од песните во поетската книга „Јана“ станува колективно поистоветување на секој сонувач, метафизичар, пророкувач, вљубеник, поет. Идентификацијата на „Јана“ со која било жена, и не само тоа, е постигнато преку повеќе функции: емотивната, експресивната, референцијалната. „Јана“ станува култна личност која, како и „Дениција“, се врежува во колективното сеќавање како цврсто изграден лик кој не останува само меѓу кориците на книгата, туку зачекорува и во поширокиот живот, во нашиот свет како жив лик што ги надминал книжевните граници и ограничувања.

Циклусот „Шекспир во забавниот парк“ од поетската книга „Капки кисела вистина“ (1985) во прв план ја става интертекстуалната врска со повеќе историски и книжевни личности, а тоа ќе биде својствено за поетиката на Лазаров и од неговите подоцнежни поетски книги. Алузиите на ликовите од драмите на Шекспир во песната „Шекспир во забавниот парк“ се пародиски и надреалистички:

„Хамлет како машиновозач
заглавил со вовчето во тунелот;
Јулие Цезар плукаше пламени рафали
од вселенскиот брод;
Офелија и Дездемона везат
заедничка ракотворба“,

а песната завршува со драматично спознание и реторичкото прашање:

„А утре вие ќе ме прашувате
зошто пишувам политички драми
и зошто кога бев малечок
се мочав во гаќите?“

Тоа е, всушност, одговор на злото со кое е опкружен и секојдневно бомбардиран како со топ-вест современиот човек. Хуморот кој е присутен во целокупното поетско творештво на Лазаров е „смеа-плач“ или, подобро, „играчка-плачка“. Неговиот хумор боли и лекува, го стега срцето и го опушта срцевиот мускул, отвора очи, го бистри умот и го штипнува, но и го плеснува човештвото по образот за да се освести пред сопствените гревови и небулозни решенија. За книгата „Капки кисела вистина“ Анте Поповски, еден од најдобрите исчитувачи на поетското писмо на Ристо Лазаров, ќе рече: „Реалноста е инкарнирана во гротеска, иронијата во горчина“. Чеслав Милош вели дека секоја добра литература е и „поучна“, и тоа не во идеолошката варијанта во која сакаше да ја наметне како книжевен кодекс соцреализмот, туку во својата автентична природа: имено, од секоја добра книга може многу да се научи. Песните на Ристо Лазаров се во таа смисла длабоко „поучни“. Една од нив е и „Син ми пред паметникот во градскиот парк во Скопје“, посветена „на професорот Полјански“. Посветата во основа ја повлекува вокативната ти-форма на пеење, а во оваа песна акцентот паѓа на внатрешниот разговор помеѓу двајца кои за малку можеле да бидат современици, помеѓу детето (= ученикот) и „професорот“ кој, иако молчи и се наоѓа „отаде“ овој свет, се чини дека е вслушан во зборовите на детето и дека постојано кима со главата во знак на согласност со кажаното. Молчењето со мртвите е учење на историјата и во оваа песна пленува тоа што таа, како песна-посвета не патетизира, не преувеличува, не морализира, не запаѓа во идеолошкиот култ на личноста, туку на мошне едноставен начин, леко, духовито и примордијално, зборува за малите нешта во животот што го прават голем и единствен:

„Ајде да се чукнеме, на здравје!
(да не се стопли чашата пиво).
Кога ќе пораснам
сигурно ќе се вљубам
во некоја многу лична мома
и ќе возам голем велосипед
на две тркала“.

Детството и староста, животот и смртта се среќаваат и се помируваат со посредство на „таткото“, на поетот кој ја овозможил средбата помеѓу синот и „професорот“. Почитта се пренесува генерациски, и токму во тоа се крие градењето на традицијата, а традиција немаат само умот, знаењето и свеста, туку и душата и потсвеста.

Разговорот како дијалог меѓу два сродни света е присутен и во песната „Скршена количка за пеперуги“, посветена на романскиот поет Никита Станеску и на веста за неговата смрт. Во една друга песна, пак, Лазаров го демистифицира поетот како човечко битие со сите свои мани и доблести: поетот кој се опијанил на Струшките вечери на поезијата „потоа на месечина/повраќаше во езерото“. „Јавна песна“, на пример, е постмодернистичка демистификација на раѓањето на песната:

„Ќе наредиш во песната
јавни жени
јавни куќи
јавни бањи
јавни плажи
јавни трибини...“

Последните стихови од песната се арс поетичко реторичко прашање:

„И каква корист од тоа
што твојата мака
станала јавна мака?“

Поетот како човечко битие е постојано изложен пред очите на јавноста, разголувањето на поетот во песната е соочување со светот од највисок ранг. Ристо Лазаров, вусшност, демистифицира сè и сешто – тоа е неговиот бунт кон градењето култови на светот. Во поезијата на Лазаров Сократ ги пцуе високите камати на банките со кои денес е преплавена Атина. Времињата во поезијата на Лазаров се меѓу себе испреплетени, вкрстени, паралелни, но никогаш оддалечени едни од други. Минатото, сегашноста и иднината во поезијата на Лазаров играат преферанс, а победник е историјата која безмилосно ги складира и конзервира настаните (кои, на овој или на оној начин, се повторуваат). Лазаров е поет кој е свесен за улогата на историјата и во животот на поединецот и во постоењето на одредена нација и на светот како целина.

Во таа смисла, циклусот „Чамец за спасување“ е демистификација на историјата што денес ја изучуваме како митологија, а митологијата не е ништо друго туку романтизирана историја. Античките ликови дефилираат во песните на Лазаров како на воена парада, но заради нивните обични човечки желби, ниски страсти и релативизирани вредности, таа парада повеќе личи на циркуска точка или на аматерска модна ревија:

„Којзнае што би му рекол
Посејдон на Платон
ако утре случајно се сретнат
на плажа или, не дај боже,
среде њујоршката врвулица?“

Навистина, што би му рекол Посејдон на Платон? Што би му рекол денешниот Вавилон на тогашниот Јехова? Ристо Лазаров го измачуваат сериозни, егзистенцијални, онтолошки прашања кои во неговата поезија попримаат сатиричен, навидум весел тон, а под слојот хумор неибежно се крие трагичноста на човекот „сега и овде“ – и длабоко временски и просторни, и непрегледно безвременски и беспросторни. „Секој човек си има свој тиранин“, вели Лазаров во „Картагина“, а во „Чамец за спасување“: „Само човек/може да победи човека“. „Животецот“ на обичниот човек фатен во неговиот делнички ритам во поезијата на Лазаров е имаголошки опишан и испеан: неговите песни се, пред сè, „визуелни“, дури и тогаш кога на прв поглед се „аудитивни“. Поетската нарација се остварува преку слики што се нижат како на филмско платно, но неретко и како на сликарски циклус на платно или како на иконостас кој прикажува нечие житие, слики што се движат како на телевизиски екран или на уметнички фотографии. Иако поетската матрица на Лазаров често е надреалистичка, неговиот пост-надреализам е, всушност, надградба на реалноста, нејзино дополнување, однеобичување, нејзина поетизација. Има во песните на Лазаров еден документарен момент кој е незаобиколив и кој најчесто ја одредува структурата и пораката на поетскиот исказ. Токму поради тој факт неговите песни звучат веродостојно, опипливо и блиско. Тоа особено доаѓа до израз во поетската книга „Одвајнадежна“ (1993), „поетски ракопис кој со својот прецизен наслов во суштина ги одрази тие историски ремаркации на нашето време и на нашата судбина во еден од најделикатните и најдраматични мигови на македонската национална историја“ (Анте Поповски).

Во песната „На последната станица“ поетот фарсично, а луцидно констатира:

„На последната станица
на автобусот број 59 во Скопје
(ама баш исто како и на Арлингтон
или во ѕидините на Кремљ)
секој ден, секој час, секој миг
– се распаѓа материјата“.

Заклучокот дека „Животот некому му е сон,/ некому само горко јаве“ (од песната „Убивање на вистината“) или „Не се врвел лесно / патот до длабоката старост“ се само две од поетските поенти со кои изобилува поезијата на Ристо Лазаров.

Поетот, изморен од постојаните надитрувања и борби помеѓу телото и душата, помеѓу животот и смртта, помеѓу вистината и лагата, преку „Грозен кикот“ катарзично ја соголува стварноста:

„Густа крв во телевизиските базени
(директен пренос од боиштето)“.

Тој грозен кикот во поезијата на Лазаров е присутен во сите негови поетски книги, некаде повеќе некаде помалку. Како синоним на црниот хумор, грозниот кикот им е познат на сите поети-опејувачи на човечките илијади и одисеи:

„Сал Омир под чадорот од сонце
грозно се кикоти“.

Поетот, свесен за песимистичкиот тон на модерната (а не помалку и на посмодерната) поезија, носталгично се прашува:

„Каде е ведрината
од нашите први песни?“

Дваесет и првиот век дефинитивно ја загуби невиноста и наивноста на поетскиот глас кој повеќе не е зачуден пред убавините и доброто на светот, туку пред ужасите и злото што секојдневно му се случуваат. Излезот од пост-единаесетти септември две илјади и прва – синдром кој во геополитичка смисла не е само реалистичко туку и симболичко отелотворение на злото, а во библиска смисла и мини-апокалипса на човештвото, одвај да може да се напипа, а умот на современиот човек е сè помрачен, па затоа излезот не може и навистина да се најде. Во циклусот од пет песни „Апокалипса, сега“ од „Одвајнадежна“, Лазаров заклучува:

„Сиот свет е станат
Музеј на искиснати фигури.
Влезот е бесплатен, излез нема“

и резигнирано заклучува:

„Доцна е сега да се прелистува Библијата“.

Напредокот на светот, всушност, е напредок на неговата пропаст, светот си ги јаде сопствените деца, промените парадоксално водат кон полошо, вредностите се релативизираат до нивно целосно губење:

„Во овој безимен татнеж
секавично пропаѓаат
општествените класи,
се урнисуваат старите обичаи,
расте пакоста и злобата“,

а природата го враќа ударот:
„се изопачија
и годишните времиња:
летото наеднаш е зима,
пролетта се стори есен“.

Вистинското прибежиште за човекот, за поетот е, најнакрај, неговото семејство. Во одредени песни Лазаров се свртува кон тематизирање на семејните приказни кои пленуваат со својата едноставност и топлина. Една од најубавите песни од циклусот „Чевли за татко ми“ е истоимената лирска приказна, лирска новела за тоа како двајца браќа купуваат чевли за својот татко кој е на смртна постела. Кога биле деца, таткото им купувал ним чевли:

„пред почетокот
на секоја учебна година,
татко ни тогаш гледаше
чевлите да бидат
првин удобни па убави
и да бидат еден број поголеми
за да можат да се износат,
чевлите треба да се израснат,
велеше татко ни“,

а потоа настапува обратната перспектива на купувањето чевли, кога синовите треба да најдат чевли погодни за татковите нозе. Крајот на песната е гротескен и трагикомичен:

„овие чевли на татко ни
мора да бидат шпицести
и со тврд ѓон
за да може тој
да му опне мераклиски
некоја клоца
на преправениот ангел чувар
кога ќе почне да му балега
за бесмртноста
на добрината и на праведноста“.

Лазаров тагата не ја заобиколува, не ја минимализира, но исто така не ја опева на традиционален начин како тажачка, туку ја прочистува со солзите на рефлексијата, а уште повеќе на авторефлексијата. Секое искуство, па и искуството на тагата, е ново спознание за положбата на човекот во светот што го опкружува, и како микрокосмос и како макрокосмос. Меѓучовечките односи кои се најсилни и највидливи токму во семејството, за Лазаров се предизвик и за „родителски“ и за љубовни песни. „Синот во туѓина“ е тема што се провлекува низ повеќе песни на Лазаров, а љубовната поезија кулминира во поетската збирка „Ненадејна“ (2005). Во „Ненадејна“ песната на Лазаров е „длабоко субјективизирана, пред сè, свртена на внатрешниот пласт“ (Георги Старделов). Во строго почитувани седумстрофични тристишија, песните од „Ненадејна“ воспоставуваат интертекстуален однос со македонската народна песна и, за сметка на вообичаената метонимија, ги претпочитаат метафората, симболот и субјективизираниот лиризам. Во поетолошка смисла, станува збор за поезија која отстапува од препознатливата поетика на Лазаров. Самиот наслов „Ненадејна“ зборува за тоа дека оваа книга се случила ненадејно, изненадно и неочекувано дури и за самиот поет. Насловите на песните се позајмени од македонската народна лирика („Дали си се наспало“, „Врни се врни“, „Ајде сонце зајде“, „Верно да љубиш“, „Елечето џамаданчето“ и др.) Во современата македонска поезија постојат навраќања кон македонскиот изворен мелос, но не на начин како што тоа го прави Лазаров. Старделов забележува дека „фолклорниот орнамент сега е пресоздаден, преобразен во модерен говор“, ритамот на народната песна проникнува во неговата, ехото на темите пренесува поинакво време од она што е испеано во народните песни, но пораките, страдањата, трагизмот и хумористичната страна на жвотот се непроменливи. Мудроста од народните песни Лазаров ја преобликува во мудрост на современието. Љубовта во овие песни ја добива најубавата дефиниција:

„верно да љубиш
е севезден да откопуваш
древни воздишки“.

Доживувањето на љубовта се крие во едноставноста, во чистата мисла и искреното чувство:

„сркнуваш ти, сркнувам јас:
неколку голтки чај со рум,
ете, тоа да ми ти била скриената љубов.

велат: со каква сласт сркате чај
со таква сласт ќе ве следи љубовта.
жеже, ама е многу сладок овој чај со рум“.

Мелодијата во песните од „Ненадејна“ е народна, интимно македонска, а темите универзални и, иако навидум руални и пасторални, тие откриваат, всушност, детали од урбаното секојдневие на еден човек и една жена. Во овие песни владее убава „рамнотежа на сеќавањата“, која ќе биде карактеристична и за неговата наредна поетска збирка „Чехопек“. Не би рекла дека Ристо Лазаров со поетската книга „Ненадејна“ прави поетски експеримент кој би се состоел од доза ритам од народната песна и доза алузии на одминати нешта кои се рефлектираат врз сегашноста. Ристо Лазаров не е поет на експериментот затоа што него го интересира суштината, внатрешниот устрој на нештата, причината поради која светот го вознемирува, возбудува и инспирира и го принудува да пишува за неговите смешни и тажни страни. Ристо Лазаров не би можел да пишува поезија кога би имал само облик и ритам, нему му е пред сè важно значењето, мислата, рефлексијата, сликата, а не звукот. Дури и во играта со зборови Лазаров неодминливо ја проткајува нитката на секојдневието, на она што му е важно на „малиот“ човек во големиот свет. Мислам дека „Ненадејна“ се роди како природен лирски изблик на поетот кој не поседува само епско наративно мајсторство, туку и лирско.

Охрабрен од сопствениот лирски изблик во „Ненадејна“, Лазаров во сличен тон продолжи и во вториот дел од својата „лирска трилогија“, во поетската книга „Чехопек“ (2006), наградена со престижната награда „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија и препеана на чешки јазик. Во „Чехопек“, истакнува Веле Смилевски, „чудно единство градат дескриптивното, емотивното, мисловното и имагинарното“. Носечката поема во седум пеења „В’лтава“, застапена во овој избор, е лирска ода на реката што ја дели Прага на два дела, река што е како „течно читање / на заветните книги“ и средиште на човештвото:

„од извора до утока
поило на жедни ѕуници
на сите јазици си“.

Интимната ти-форма, обраќањето на поетот кон реката што ја возљубил и на која и се додворува, и се исповеда, ги дели со неа своите тајни, ги открива нејзините, е откровение на заборавените невиности и наивности што се кријат околу нас, најчесто во природата, и што повеќе не ги забележуваме зашто ни се премногу познати и блиски или зашто нашите очи се уморни од светот воопшто. Туѓите очи подобро гледаат, во тоа се содржи, всушност, целата филозофија на туризмот, а очите на поетот кој посматра „туѓа“ река се најблагодарниот орган на човекот: погледот раѓа чувства, вљубеноста е безусловна, тивкиот дијалог меѓу човекот и реката се претвора во чиста поезија, туристот станува вечен жител на нејзините тајни пространства. Дијалогот станува и нешто повеќе: дијалог со сите оние кои и сами ја виделе реката В’лтава, а такви истријата на уметноста, книжевноста памети уште од најстарите времиња. Во филозофски немерливото време В’лтава станува посредник помеѓу поетот и неговите претходници и современици, но исто така и следбеници.

Циклусите „Прогледување“ и „Мостови“ се поетска дигресија помеѓу лирската димензија од „Ненадејна“ и „Чехопек“, од една страна, и последната поетска збирка „Среде“, од друга страна. Во овие два циклуса Ристо Лазаров, со својата препознатлива опсервација на светот и луѓето во него, но овојпат и на самиот себеси, создава поетска нарација чиј центар станува телото: сопственото, телата на познатите, телото на саканата, телото на омилените поети. Разговорот со мртвите (Изет Сарајлиќ, Пабло Неруда) и со живите (татковината, синот единец) се остварува преку детализирање на телесните елементи кои и се потребни на душата за да ги изрази своите чувства:

„Леле колку би сакал да потонам во твојата топла прегратка
во која кога студи во Москва каде-каде подобро ја разбирам
тагата на Константин Миладинов
и збрлавените сонца во неговата глава“ (во „Пак студи во Москва“).

Телесната течност – крвта „се меша со зеленото мастило“ и само на тој начин можеле да се родат бесмртните песни на Пабло Неруда, а во мигови кога е зарозен животот односно човечкото тело, најсуштинско од сè е да се зачува токму интегритетот на телото за да може преку него и душата да ја преброди егзистенцијалната криза. Трогателно звучат стиховите од песната посветена на Изет Сарајлиќ, „Компир“:

„Оној ветерничав април
кога спука во Сараево
ми рече по телефон
дека сепак не можам да ти го испратам
она што најмногу би ти се нашло
– една вреќичка компири“.

Ристо Лазаров речиси никогаш не мистифицира, не прави култ ни на она што е на земјата ни на она што е на небото, во неговата поезија нештата се јасни, директни, беспоштедни. Со длабока автоиронија, поетот ни соопштува:

„Кога ми го извадија пердето
од левото око
мигум сфатив дека и ласерски се менувал
погледот на светот“ (во „Прогледување“).

Светот е онаков каков што го гледаме, цинизмот на погледот е насочен кон неговата ограниченост, можеби секој треба да направи ласерска операција на видот за да го види светот поинаков одошто го гледал дотогаш, можеби на тој начин и внатрешните очи ќе прогледаат поинаку, ќе допрат до нашата свест и потсвест и ќе го променат светот кон подобро. Тоа е само една од поетските досетки со кои изобилува луцидната поезија на Ристо Лазаров. Преку нив Лазаров го штити своето човечко и поетско јадро – кога ранливоста преминува во филозофска и математички јасна констатација се чини дека и тагата, „иако нема рок на траење“, е сепак човечки поподнослива. Циклусот „Мостови“ поседува највисок праг на естетски ризик пред емотивните слоеви на разделбата со синот единец, но и овде Лазаров успева да ги хармонизира и да ги смири својата родителска, човечка природа со поетската. Карактеристична е носечката песна од циклусот „Мостови“:

„Секогаш
пред да се вратам од Прага за Скопје
по цел ден зјапам во Карловиот мост на В’лтава.

Секогаш
пред да се врати од Скопје во Прага
син ми по цел ден зјапа во Камениот мост на Вардар.

И само ние двајцата си знаеме
какви брзаци ни течат низ душите
додека пред разделба по цел ден зјапаме во
мостовите“.

Таа истовременост на мислите и чувствата, таа суштинска вкрстеност во времето ја ништи разделбата и ја претвора во духовна средба. Прекрасниот стих „знаеме дека секој од нас го сака секого“ од „Спроти Бадник“ е најчиста апотеоза на семејството и на љубовта што Лазаров ја вади на видело најприродно и искрено; затоа ова длабоко лично признание и спознание пленува со својата едноставност и вистинитост.

Поетската книга која оваа (2008) год. ја понесе престижната награда „Браќа Миладиновци“ е токму последната поетска книга на Ристо Лазаров „Среде“ – последна збирка од поетската трилогија на Лазаров што ја сочинуваат и „Ненадејна“ и „Чехопек“. Жирито за наградата „Браќа Миладиновци“ истакнува дека со оваа книга „Лазаров го достигнува својот творечки зенит, збогатувајќи ја современата македонска литература со специфично и сложено лирско дело“. Како и претходните две поетски книги „Ненадејна“ и „Чехопек“, и „Среде“ е изградена врз строга поетска форма – седум строфи со по три стиха во секоја. Поетот во средиштето и на оваа поетска книга го поставува Зборот како гласник на човековата душа, како посредник помеѓу поетовата мисла и светските премрежја, како извор на неисцрпни слики и одблесоци. Ехото на класичната модерна поезија како хармонија од форма, метрика и звук е присутно и во последната поетска книга од трилогијата на Лазаров, но и овде поетот формата што ја избрал за поетски израз ја проникнува со хармонија помеѓу звукот и мислата, помеѓу звукот и значењето. „Среде“ изобилува со теми: љубовта, надежта, страдањето, природата, сеќавањето, сонот, јавето, дијалогот со современиците (Георги Старделов, Гоце Смилевски, Ибраим Ферер и др.), географските простори на Буенос Аирес преполни со духовни ќошиња и историските ликови кои одамна ја надминале историјата и станале икони на нашето време (Че Гевара, Борхес, Евита, Сабато) – Ристо Лазаров го интересира сè, неуморно го истражува и поетизира секое делче од личниот и од колективниот живот. Најнежен, но не и патетичен е во песните од циклусот „Жедник“, во кој носечката песна „Среде“, според која е и наречена поетската книга, ја започнува вака:

„како оној несреќен сизиф
те носам во себе
угоре кон ритката“,

а ја завршува на нему својствен начин:

„среде осојот несреќниот сизиф
бере планински чај и многу сака
очите да му истечат во раскопчаното ти елече“.

Во навалица од зборови со кои се пребогати македонските народни песни, Лазаров ја опева љубовта и страста, кои во неговата поезија секогаш одат заедно отелотворувајќи идеална љубовна врска помеѓу срцето, плотта и умот. Како што „секое дрво пека / по сласта на триењето“, така и човекот копнее по соединувањето со саканата, по единството во кое ништо не се губи, туку само се добива.

Антрополошкото искуство на љубовта добро знае:

„во сите љубовни соништа
најмногу страда љубовта“.

Токму затоа љубовта е она што заслужува да се зачува најмногу од сè, љубовта е таа што може да го спаси светот. Лазаров ретко прибегнува кон Бога како кон „спасител“ на човекот и на светот, напротив, го „приземјува“ и го тематизира како рамен со човекот. Во поезијата на Лазаров Бог и не е тема која го инспирира, поинтересни му се ангелите во чија апсолутна безгрешност едноставно не верува, со нему својствената смисла за иронија и демистификација. Во песната „Грешник“ од циклусот „Жедник“, токму ангелот е грешникот кој

„малку талка
малку шмука зрели сливи
а од уста му капат многу гревови“.

Поезијата на Ристо Лазаров е бунт и против земјата и нејзините „душевадци“ и против небото и неговите „душегрижници“. Комуникативноста што е одлика на поезијата на Лазаров во целокупното негово поетско творештво, присутна е и во последната трилогија, иако навидум формата ја впива во себе и се чини како да ја затскрива. И тогаш кога поетот заграбува од семантичката метафорика на имагинацијата и од лексичките можности на јазикот создавајќи поетски кованици, игри на зборови и апстрактни слики, сепак, не се одалечува од врските со стварноста или, уште подобро речено – стварноста ниту ја миметизира паразитски ниту ја очудува ларпурлартистички, туку создава една нова реалност која може да се провери само и пред сè во кодот на уметноста, на поезијата.

Посебно внимание треба да им се посвети на поемите со кои Ристо Лазаров воспостави нови димензии во македонската поетска традиција на поемата како жанр кој се развива сè повеќе и кој отвора простори и за епски и за лирски нарации. Може да се рече дека поемите на Ристо Лазаров се врв на македонското современо творештво на поемата. Поразлични од сè што е напишано во македонската ризница на поемата, поемите на Ристо Лазаров се урбана побуна против злото и против неговите играчи. Нивната актуелност останува непроменета, можат да се читаат и како приказни и како пеења, сите поеми се трагикомични поетски записи за судбината на македонскиот народ, за неговиот идентитет, за местото на Македонија во светските збиднувања кои директно влијаат врз нејзината сегашност и иднина, за местото на човекот во историско-географската структура на светот. Поемите за лирски субјект си имаат избрано митолошки и историски личности, пресудни во личната и колективната историја на човештвото. Поемите на Лазаров се автентични и извонредни затоа што „националното“, но и „меѓународното“ прашање го обработуваат без патосот и нагласената етничка посветеност на т.н. патриотски поети – напротив, темите што Лазаров ги обработува во своите поеми се естетски совршени, во нивната поетска порака локалното станува универзално, а универзалното локално, семантичките вредности на поемите се отворени за нови толкувања и книжевни рецепции.

Старото медиумско прашање „Што сонувам, а што ми се случува“ во поемата „Силјан Штркот уште еднаш ја облетува Македонија“ на Лазаров е нов обид за „трескање“ не само на стварноста, на јавето, туку и на имагинарноста, на сонот „од земја“. Сонот и јавето никогаш не биле толку испреплетени како денес. Во време кога медиумите го исполнуваат секое делче од нашиот живот со информации кои многу често ја надминуваат сликата што можеме да ја поднесеме, кога ни се чини дека научната фантастика е, всушност, копија на реалноста, Лазаров тоа вака го преточува во стихови:

„До ден-денешен не е разјаснето
дали воопшто имаше јаве
како што за денешново не е разјаснето
дали воопшто се сонува“.

„Црната дупка“ на Горан Стефановски која исто така ја интертекстуализира легендата за Силјан Штркот, во поемата на Ристо Лазаров се здобива со видни политички конотации:

„Која е последната мапа
во македонскиот атлас на болот
и која е последната болка
во нашата азбука на гневот?“

„Силјан Штркот“ на Лазаров е „штрк недоштркосан“ и во оваа луцидна метафора се крие горчливото прашање за македонскиот идентитет. Поради сите историски и географски грешки и болки, поради непризнавањата на јазикот, името, нацијата, црквата, Македонецот остана „недомакедоносан“, ако ја злоупотребиме метафората на Лазаров, односно недопризнат од останатите, а со тоа и без цврст надворешен идентитет со кој располагаат како нешто разбирливо само по себе останатите народи во светот. На политичката карта на светот, за жал, внатрешниот идентитет изгледа не е доволен за да се Биде, за да се постои рамноправно со останатите, небаре е Другост постојано се бори за сопственото признавање. Лазаров е свесен за оваа историска неправда и затоа и приоѓа на автентичен начин: со многу хумор и иронија успева да ја релативизира колективната немоќ во детерминираната судбина.

Во предговорот кон словенечкото издание на поемата „Херакле“, поетот Алеш Мустар ќе запише: „Иако се потпира на античкиот мит за Херакле, Лазаров го испева современиот апсурден свет на потрошувачкото општество, моралната пропаст на човештвото и релативизирањето на вредностите на нашето време“. Времето на Херакле и нашето време имаат мошне силна допирна точка: човекот ни тогаш ни сега не бил „божје милениче“: за да се заслужи тој статус треба, пред сè, да се стане Човек. Или можеби не? Од историјата на човештвото ни е познато дека не постоела сегашност која не била профана, дури и тогаш кога во неа живееле и богови или барем свети луѓе. Современикот е а приори морално деструктуиран лик, затоа Херакле на Лазаров е кој било наш современик, кој било од нас. Трагикомичноста на Херакле е асоцијативна и, би рекле, поучна. Лазаров антрополошки заклучува:

„кога народот е збунет
им се враќа на поговорките
и на паролите“

и

„Слушаше, гледаше и бележеше Херакле:
Да живее Транзицијата!
Да живее вишокот на вредности!
Да живеат новите газди!
.......................................
Да живее турбо-фолкот!“

Навидум смешни, овие пароли – парадигми на „турбо-фолк“ времето во кое ќе се најде и постмодерниот Херакле на Лазаров се горчливи сознанија за резигнацијата на македонскиот народ која во поезијата на Лазаров се здобива со драматични заклучоци: колку е посмешно, толку повеќе боли.

На националното прашање Лазаров му приоѓа од најразлични перспективи: историски, географски, социјални, политички. Како кај ретко кој друг македонски поет кој во својот фокус го ставил и „македонското прашање“, кај Лазаров нема хистеризирање на историјата, нема конкретни осуди или предлози за „будење на националната свест“. Не, Ристо Лазаров смирено, па дури и духовито ги соопштува премрежињата на националното прашање, како фотограф кој нема потреба од коментар на она што е очигледно за секого. Дури и девет години по објавувањето на „Херакле“ се актуелни, сега дури и како никогаш порано, политичките стихови на Лазаров:

„Други се прашуваа
можат ли да постојат Македонци
без Македонија“.

„Херакле“ со својата сложена семантичка структура е бездруго една од најмодерните зафати во нашата поезија, како што истакна и Анте Поповски.

„Кристофор Колумбо го открива новиот светски поредок“ повторно ги соочува малата, напатена Македонија и големата, надмоќна Америка, стварноста и нејзината сенка. Како еден вид анти-ода на светскиот поредок, поетот му предочува на Колумбо што, всушност, открил:

„...Америка што прима инфузии
од сите крвни групи
а крв дарува само на истородните“.

Во оваа поема Ристо Лазаров поставува важно егзистенцијалистичко прашање:

„и не е чудно
што сите знаат зошто умираат
а никој не им кажува зошто, всушност, живеат?“

Се чини дека современиот човек кој во ерата на комуникациите и технологијата „знае сè“, всушност, знае само зошто ќе умре: современото општество изворите на смртта ги проучува како најважна цел на животот и – парадоксално – со својот начин на живот се стреми кон нив, а животот сам по себе останува неразгатнат, божем е уште една транзиција, но многу посуштинска: од небитие во небитие.

Во „Колумбо“, нагласува Иван Џепаровски, постои „вжештување“ на јазикот до точка на усвитеност во неговиот допир со стварноста, но едновремено и „ладење“ на самиот јазик како ирониско-саркастичен коректив на сопственото видување на тој и таков поет“. Според тоа, секој поет е Кристофор Колумбо, како и секој човек кој открил нешто за што другите сè уште или безрезервно му веруваат или воопшто не му веруваат.

„Тројца за преферанс“ е македонска приказна во стихови во која се чини дека сиот македонски живот

„е собран во шпил карти,
и тоа не за штогоде игри,
ами за преферанс“,

преферансот како игра со карти меѓу тројца врвни играчи во која двајца секогаш играат против третиот, посилниот. Македонската историја е преферанс пар еџцелланце кој во поемата на Лазаров е иронизиран до врвно лирско мајсторство:

„галиба уште во најстари времиња
ѕвездите и прорекоа на Македонија
да биде центар на светскиот непокор
оти кај што има многу непокор
има и многу историски експерименти“.

Како и секогаш Ристо Лазаров е директен, бескомпромисен и како ретко кој друг современ македонски поет – „без влакно на јазикот“. Чинам дека историјата на светската поезија отсекогаш ги паметела токму таквите поети и дека Ристо Лазаров, ако не денес, тогаш сигурно утре, ќе биде незаобиколива македонска референца на картата на светската поезија. Песните на Ристо Лазаров, всушност, отсекогаш ме потсетувале на извиците во сабота претпладне или во недела после ручек, на поправачите на чадори или на „Старо купувам“: нивните прозаични реченици, преповторувани и со специфичен ритам, до третиот кат на зградата доаѓаат како мистична инкантација на секојдневието во кое старото железо, старите чадори, старите предмети изобилуваат со мноштво нови својства и пораки. Човек се вслушува во нив одново и одново, а тие толку едноставни реченици како да отвораат нови значења на целиот тој социјално-поетски контекст во кој е ставен оној кој ги извикува. Песните на Лазаров се едноставни, а одекнуваат како ехо на совеста уште долго во нашата свест; пораката што ја содржат е јасна и заокружена, а сепак во неа останува простор и за многу нови толкувања. Анте Поповски за поезијата на Ристо Лазаров запиша дека тоа „е поезија која уште од своите зачетоци е осмислена да биде негација на стереотипот; да ја одгатнува суровата, болна и жалосна страна на животот, урбана и неконвенционална поезија која се објавува против хипокризијата на денот и на неговата ефемерност“, а Старделов истакна дека Ристо Лазаров „го поврзува модерното со исконското и во тоа е постмодерен поет“. Милан Ѓурчинов, во својата антологија на македонската поезија од 1989 год., навраќајќи се на првата поетска збирка на Лазаров „Ноќна птица во паркот“ вели: „Беше евидентно дека мошне надарениот поет ја претставува новата, урбана генерација, исполнета со протест кон сите конвенции и заковставени традиции“. Ристо Лазаров остана таков поет до ден-денес. Иако е претставник на генерацијата поети родени во педесеттите, неговиот поетски извор е исто толку млад и свеж како и на поетите родени во осумдесеттите.

Во 1983 год. Чеслав Милош се запраша: „Каква е поезијата во 20-тиот век?“ и како прототип ја предложи полската поезија во која „доаѓа до необична средба помеѓу индивидуалното и историското, односно поетот ги доживува настаните што се надвиснуваат над сета заедница како настани што лично најмногу го засегаат“. Поезијата во 20-тиот, а уште повеќе во 21-иот век, не само во Полска туку во цела Европа, па и пошироко, е токму таква средба помеѓу индивидуалното и историското. Во македонската поезија сведоштвото за оваа средба се отсликува во линијата на македонската поезија која „витменски“ ја испева стварноста – еден од централните носители на поетската средба помеѓу личното и колективното, помеѓу поетовото јас и историското ние е токму поезијата на Ристо Лазаров. Кај Лазаров естетската и етичката положба на лирско-епскиот субјект сега и овде, во мојот и во нашиот свет е прекршено огледало на пошироката заедница во која се остварува себството. Поезијата на Ристо Лазаров никогаш не заостана зад развојот на светската поетска мисла. Лазаров е и модерен и постмодерен поет, а денес би рекле дека е пред сè урбан поет кој го бара „изгубениот“ човек среде урбаната џунгла, и симболички и буквално, среде празнината полна со парадокси, отуѓеност, велесили и мали народи, суштински настани и несуштински дневни политики кои го кројат животот на обичниот човек до граници на очајот и „грозниот кикот“.

Поезијата на Ристо Лазаров е поезија за нас и нашето време, сега, отсекогаш и засекогаш.