Лист по лист (блог)
Ars Poetica
ИНТЕРВЈУ
23.08.2008.13:54
Интервју објавено во "Дневник" на 23. август 2008:
РИСТО ЛАЗАРОВ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА
Некои писатели се попознати од нивните дела
Поетот Ристо Лазаров ја напиша најдобрата поетска книга кај нас во минатата година - „Среде“ и за неа ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Во неговиот импозантен творечки опус се дваесетина книги што критиката ги оцени како мошне значаен придонес не само во современото македонско поетско творештво. Преведени се на англиски, руски, словенечки, чешки, албански и на бугарски јазик.
СЛЕДБЕНИКОТ НА ОПИТОТ НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ
Да се добие награда за најдобра книга издадена последнава година секако е голем и значен настан за еден автор. Колку наградата ја доживувате како признание за севкупното творештво, а колку одвоено, како признание за поетската книга „Среде“?
- Веројатно и едното и другото, ако не се игнорираат годините што ги носам на плеќи, а и бројот на објавените книги. Со наградите никогаш не сте начисто: некогаш порануваат, некогаш доцнат, ама, ете, доаѓаат. Ем малку да не' разгалат, ем малку да ни ја поткренат самодовербата, во овие кошмарни времиња да ни дошепнат дека се' уште има надежи и за поезијата и за поетите. Во случајов, многу ми е мило што токму на книгата „Среде“ и' припаднаа почестите на наградата што го носи името на знаменитите и неодминливи стружани, браќата Миладиновци. Не отшто е моја најнова книга, колку затоа што низ процесот на нејзиното создавање ги доживеав највозбудливите соочувања со зборовите и нивното редење, најмакотрпното цедење на зборовите и нивното значење.
Како Вие, како автор што со децении е присутен на литературната сцена, ја доживеавте наградата?
- Искрено: како честит напор на жирито да и' стави точка на една серија прескокнувања на кои човек едноставно се навикнува и потоа, по дваесет објавени книги, и не му е многу гајле за наградите. Со наградите е така, ви значат нешто кога ги немате. И многу помалку ви значат кога ги имате. Мене, лично, најмногу ме обврзува името на наградата, пиететот што го имам кон подвигот на нашите вистински преродбеници, Димитрија и Константин Миладинови. Еве и во мигов ми го поткрева вознесот волшебната шупелка од песната на Константин. Се' друго во стилот „признание за досегашното творештво“ и „поттик за нови творечки напори и дострели“ е толку излитено што ми е непријатно да го ставам и во наводници.
Од каде токму овој наслов на вашата најнова книга?
- Од средиштето на животот, таму каде што се откриваат и зборовите и песните. Јас сум приврзаник и следбеник на опитот на Блаже Конески за откривањето на песната и не верувам дека песната може да се измисли. Од пресудна важност за песната е длабочината на животот од кој таа извира.
Каде Вие ја сместувате книгата „Среде“ во својот творечки опус?
- Повеќе, многу повеќе сакам да го препознавам местото во вредносниот систем на туѓи, а не на моите книги. Сеедно што сум веќе во тие години кога некои работи полесно се препознаваат и распознаваат. „Среде“ е последна книга од мојата трилогија (заедно со „Ненадејна“ и „Чехопек“) напишана во терцини. Сите три книги содржат по седум циклуси од по седум песни со по седум терцини.
Кога е човек среде, мисли ли на делби?
- Не секогаш. Среде може да биде (и во случајот е) и напор да се опстане во кохезивната јатка, а може да е и скровито или ачик место на спојување на две во едно. Што не значи дека сме скудни и дека не не' бидува за делби. Тамам ќе помислиме дека делбите си заминале во минатото, веднаш ќе се види дека минатото, всушност, не престанува. Иднината ретко кој ја споменува.
УМЕТНОСТА ЗАГРАДЕНА СО ПРОЅИДЕН ШМИНКЕРАЈ
Парите и политиката се' повеќе стануваат симболи на новото време. Уметноста се фрла на маргините. Има ли надеж за уметноста, за поезијата?
- Денес врие од сурогати, најмногу таму каде што е моќта и каде што се бараат само верни песови на кои, како што е редот, одвреме-навреме ќе им се фрли понекоја коска. На уметноста и' е наменет празниот простор, заграден со проѕиден шминкерај. Колку повеќе слаткоречиви фрази за уметноста како главен потпорен столб на нашата национална афирмација во светот, толку повеќе уметници не можат да живеат од својата уметност. Дочекавме некои наши писатели да се попознати од нивните дела. Загрижувачки малку се чита, загрижувачки и понижувачки се тиражите на нашите книги. Никој ништо не чита, па и писателите не се читаат меѓу себе. Не читаат и оние што купуваат книги. Сепак, не е попусто предочено дека луѓето еден ден можеби ќе престанат да читаат поезија, но никогаш нема да престанат да ја пишуваат. Наспроти сите црни пророштва за умирањето и исчезнувањето на уметноста, поезијата сепак ќе преживее. А тоа значи, ништо нема да исчезне.
Струшките вечери на поезијата годинава се обидуваат да и' го вратат сјајот на манифестацијата. Каква е иднината на СВП како афирматор на нашата книжевност и култура?
- Незаменлива, навистина незаменлива улога одиграа Струшките вечери на поезијата, извишувајќи се во наше највисоко и најскапоцено духовно светилиште. Од Струга, од Мостот на поезијата, потече големата и непресушна река на афирмација на македонската литература и култура. Затоа и не можам да се изначудам дека денес, по половина век на СВП, кај нас не може или не се сака да се согледа нивното незаменливо место во афирмацијата на нашето книжевно творештво. Струшките вечери ги покренаа самите писатели. Самите писатели ја носеа на плеќи и организацијата на поетска Струга и ги остварија нејзините најблескави изданија. Наеднаш, поради некакви законски и административни одредби, се случи Струшките вечери да зависат само од културната бирократија. Демек, биле национална институција, Министерството за култура ги помагало, па затоа и министерот требало да го именува составот на управата на поетска Струга. Време е и покрај законските јазли, поетска Струга да им се врати на писателите. Со децении веќе тие се докажаа како одлични организатори и како луѓе во кои треба да се има доверба, и кога има и кога нема пари. На тој начин Струга ќе си го добие својот природен сјај, ослободен од какви и да е и чии и да е политички наметки. Сите ние, кои на некој начин созревавме во поетска Струга, искрено навиваме организаторите да имаат успешна година и уште поуспешна иднина.
Претседател сте на Македонскиот ПЕН-центар. Како од таа позиција гледате на афирмацијата на творештвото на македонските писатели?
- Во правецот што го спомнувате Македонскиот ПЕН прави многу, многу повеќе отколку што се гледа или сака да се види со голо око. Стига е само да се каже дека Меѓународниот ПЕН беше првата организација во светот која прими една македонска асоцијација под нејзиното уставно име и која уште во далечната 1992 година донесе посебна резолуција за признавањето на македонската нација, литература и јазик. Но, за тоа во некоја друга пригода, по годинашната поетска Струга.
Лилјана Грџо Дамовска