Есеи

kniga-za-zivotnite

КНИГА ЗА ЖИВОТНИТЕ
и други огледи
(2012)

ВОВЕДНА НАПОМЕНА
Оваа книга настанa, без грам претходна примисла дека ќе биде баш тоа - книга. Текстовите поместени во неа, се напишани, а дел од нив објавени на мојот веб сајт (www.ristolazarov.com) во текот на оваа, 2012 година. Исклучок прават неколку текстови од последниот циклус и датумот на нивното објавување е означен.

Еден ден, не во некоја којзнае колку далечна иднина, сепак ќе мора да им одговориме на поколенијата по нас - што правевме ние во овие сматни и тешки времиња, кога пред очи ни се разнебидуваа ај идеалите, ами и државата?

Ете, затоа решив ракописиве да ги стокмам во книга, да посведочат дека драмите на ова време не ги оддремавме лагодно.

Други мотиви мене одамна не ме влечат, веќе сум доволно возрасен.

Авторот

КОЊА ЈАВАМ АЏАМИЈА
КОЊИ

Коњите се живи створови, тадури и кога се од бронза.

Зависи од бунарот од која ука ќе црпите: за коњите се есапи дека изронувааат од земјата или од длабочините на морето и како такви галопираат во крвта, ги брануваат дамарите. И кога галопираат, и кога летаат – донесуваат и смрт, и живот. Огнови прескокнуваат, води препливуваат.

Митологијата, онаа античката, е полна со коњи. А и со коњаници. Спроти коњот и коњаникот. И обратно. Митовите не би биле митови, ако во нив сите коњи се – небески коњи. Од секое ждребе не бидува Пегаз, а само тој го видел Зевс од два метра и му ја однел молњата. Онаа молња што потем Зевс им ја раздавал на сите: на воини, морепловци, а и на поети. Од тие времиња до денес нема поет кој да не ја допрел молњата. Мнозина се џишнале од неа, на мнозина им влегла в глава и им татни ли, татни. Без грмотевици не се стасува до Олимп. А и со грмотевици не се затскрива лажната коњско-коњаничка кочоперност.

Некои коњи влечат сончеви коли и се капат во сончевина. Други коњи се црни, гласници на смртта, на пропаѓањето.

Сите народи, без исклучок, им се радуваат и ги опеваат коњите. Има песни за коњи врани, што играат и се перчат на ливади, покрај реки. Има коњи лекокрили, и коњи аџамии, што ги јаваат оние кои пијат вино, ем ракија. А има и коњи коишто пијат вино ем ракија, како оној Шарко, што редовно си го добивал делот од Крале Марко. Шарко и Марко, вино и ракија, сабја и боздоган. Спроти нив Црна Арапина, а некаде и дрочни коњи, берберски. Има казанија за коњи сенатори, а и за коњи обични пратеници, долнодомски.
За некои коњи се вели дека се ајгарлии, брзоноги и брзооди. Има и коњи брзозбори. Во песните, а и во животот, ќе сретнете и дуветлиски коњи кајшто пасат трева чемерница, кираџински коњи, па коњи раванлии, пулајлии, шарацлии.

Некои коњи се ептен мали, коњчиња, и служат претежно за разонода на посетителите на зоолошките градини. И од нив има помали, пластични коњчиња, во луна парковите. Тие, најмалите, галиба, оставаат трајни фрустрации кај некои коњољупци, кои си се замислуваат како принцови на бели коњи. Ним не им помагаат ни илјада бајачки.

Освен во песните, коњи има и во ликовните галерии: насликани, или излеани во бронзи. Некои такви коњи се заштитни знаци на нивните стопани: Мештровиќ, Бербер, Серафимовски, Георгиевски, Манев... Ги има и кај Исак Бабел, цела коњица, ама современите коњољупци не ја фермаат многу, кај се најде меретлија да биде баш – црвена! За да биде кавалерија, како во народните песни, треба да се потрефат боите, според вкусот на коњољупците. По мерка на таквите вкусови не се баш ни белите коњи, како оној на маршал Жуков во Берлин. Што да се прави: коњи и вкусови.

Кајшто има коњи, има и коњаници. Има и коњари, коњарки – цели родослови. Некои врапци се нарекуваат коњопарци.

Кајшто има коњи, има и коњушници – обични штали или баш коњушници, со пет ѕвезди. Спроти коњушниците и – коњушарите. Не дека нема разлики меѓу нив, ама коњушарите си се коњушари – повеќе карактер, помалку професија. Коњушарите, во принцип, милуваат цели градови, тадури и држави да ги гледаат како коњушници. Господарите се јавачи, или фаќачи на облога на коњските трки. На коњушарите им даваат да одјаваат по некое крукче и толку. Сето друго е тимарење на коњите, бркање на коњските муви и исполнување на другите коњски потрепштини.

И денес, кога значително е редуцирана нивната улога, не може да се рече дека коњите не се во мода. И оние што спокојно шетаат низ тревниците во центарот на градот, и оние кои „само што не кинисале“, бронзени, истопорени на плоштадите. Коњи, ем коњаници. Бабачки – се величаат себе си, а уште повеќе водачот – победник, неговата слава и триумф. Можеби затоа некои коњи се истопорени на некои триумфални порти, а други доаѓаат до сопствениот кип – низ триумфалните порти. Коњолупците, такви какви што се, кои не јавнале ни муле, се перчат со коњите, како оние аџамиите во народната песна. Забораваат дека, кога ќе им збоктиса и кога ќе им се истенчат дебелите коњски нерви, некои коњи удираат со копитото средчело, како во песните на Ацо Шопов.

Коњите кога влечат, влечат во тројки. Во тројки се влечат и цели партиски устројства. Некаде се спомнуваат и четворки, и четири коњи дебели. Ама и четири коњи со четворицата коњаници на апокалипсата, кои, како што се знае, најнакрај се струполуваат врз римското царство. Нејсе, вљубениците во коњите речиси без исклучок го прескокнуваат поглавјето за четворицата јавачи на апокалипсата. Повеќе милуваат да си претставуваат дека коњите секогаш влечат сончеви коли.

Кога се во блажен занес, коњољупците севезден си велат и си преповторуваат во себе: на коњ сум, на коњ сум. Неоти не знаат дека во животот, како и во песните, бива од коњ да се падне на магаре и тоа на криво магаре. Дури тогаш кочоперните коњаници го сфаќаат вистинското значење на извикот: коњу низаеден! Сами си се мамат дека извикот му е упатен другему, ѓоа не знаат дека самомамењето има ограничен рок на употреба. Кога ќе сфатат дека е готово со самомамењето, коњите низаедни, гледаат дека е доцна за подвиткување опаш. Камшикот тогаш игра во други раце.



МАГАРИЊА

Има скудни и најскудни времиња, буџетски, морални и секакви други дефицити, ама со магариња никогаш и никаде не била скудна живеачката. Ако немало и ако нема магариња – како ќе се паѓа од коњ на магаре? И каде ќе се паѓа? Ако нема магариња, кому ќе му се подвикне среде лутина, со причина или туку така под облака: магаре едно! Има разлика кога некому ќе му подвикнеш дека е коњ, а другему дека е магаре. За коњот никогаш не се испеала ниту една шегобијна, тадури навредлива песна, а за кривото магаре ехехееееј, колку да сакаш. Често и накриви песни. Цела антологија на накриви песни, за криви магариња. Криви – прави, кој ќе носи вода на свадба ако не се магарињата? Повеќеслојна е, што би рекле учените, улогата на магарињата. Па, и на магарешкиот живот.

Магарињата имаат многу знаци за распознавање. Се огласуваат од далеку, рикаат во дворови, рикаат по ливади и по полиња, а има и урбани магариња коишто рикаат каде што не им е баш местото – на плоштади, на пример, на големи народни собири, на конференции. Надрикувањето им е омилена забава на магарињата. А и се мачат магарињата да си го контролираат рикањето, се натпреваруваат во култивирано и естетизирано рикање. Им стокмила природата уши магарешки, па ѓоа слушаат префинето, како првородени слухисти. Мижи Асан да ти бајам. Уште има и магариња што по цел ден си ги гледаат ушите во огледало, толку им биле убави, та забораваат да зобнат нешто од толку огледување. Оној Нарцис од митските кладенци може само вода да им носи на магарињата вљубени во своите уши и во огледалата. Гледате, ете, се најде некој и на самобендисаните магариња да им носи вода, не биле само тие за носење вода на свадба.

Сега, што ушите магарешки за некого се топки варени, тоа е друга работа и нема врска ни со огледалата, ни со кладенците.

Инаку, општо е познато дека често бидува товарено магаре да не знае што носи. Ни на плеќи, на самар, ама ни во главата. Од такви магариња да те варди господ. А инаетливи, баш магарешки инаетливи магариња. Како на мост. Викај им уш, чуш, чунш – јок џанам, нема мрдање и нема врвење преку мостот. Допрва ќе се испитува како ќе функционира магарешкиот инает при минувањето преку новите мостови, оти магарињата сè уште не знаат дека дошла епохата на јакнење на нивниот инает, тоест на изградба на нови мостови и мовчиња. Мостови и на суво, ако треба – да ги премостуваат улавштините, на пример, полесно да се врви од една до друга недоветност, од еден до друг магарешки инает.

Ако некому некогаш му текне да направи магаре од бронза, тогаш тоа мора да биде поставено среде мост. Со оглав или без оглав, сеедно. Ако е за право, можеби е поправедно да се направи паметник на магарешкиот оглав, отшто дереџето е такво, како во прастарите песни за магарињата: оглав имам, магаре немам, пусти сиромав...

На самарот магарешки се товараат многу ветувања, цели иднини се товараат. Откако ќе се утврди дека во вреќите и нема некои асолни ветувања, туку повеќе нечист воздух, на лесноверните им следува поуката: држ’ се Маро за опашката. А ни од опашки, ни од држења фајде нема, белки во тоа не треба никој да се уверува. Освен оние кои безпоговорно им веруваат на магарињата. И децата знаат дека магарињата не се за верување, ами за онаа играта крива магарица. Зошто во игрите е крива магарица, а во песните криво магаре, ќе треба да објасни некое здружение за заштита на правата на магарињата, па можеби и некоја магарешка феминистичка асоцијација. Од каде да знаеш, светот е преполн изненадувања!

Магарињата, освен криви, можат да бидат и дрти, можат да бидат и селски, разни. Има една посебна сорта магариња, буриданови магариња, и тие му припаѓаат на интелектуалниот свет, што, меѓу другото, потврдува дека меѓу интелектуалците има мнозина магарешки мислители и метафоричари. Од судбината не се бега. А освен интелектуалците, и буридановите магариња да ти имале судбина и тоа да ми ти било баш склоноста кон слободата на волјата, што ни од далеку нема врска со магарешкото инаетење на сред мост. Проста како грав изгледа волјата на буридановото магаре: упорно да стои меѓу два сосема еднакво оддалечени пластови сено и бидејќи не е во состојба да се определи ниту за еден, магарето скапува од глад. Ни ваму, ни таму. Ем му иска, ем не му стиска.

Магарињата се инаку достоинствени и горделиви суштества. И можеби затоа во новите времиња најмногу им фали некаков, најнакрај и каков било – Санчо Панса.

Нема магаре и магариштар што не знае дека магарешката клупа не е измислена за џабе.



КУЧИЊА

Се рекло и не се згрешило: песовите (кучињата) се вистински, верни и искрени пријатели на луѓето. Голема тежина има во нивниот лавеж: никој не треба да ги потсетува, нив, верните песови дека најтешко е во живеачката да врвиш низ верноста. Како што никој не треба да ги потсетува дека лавежот им е универзален говор, со безброј суптилни нијанси.

Е сега, меѓу тие суптилни лавежи спаѓаат и оние кога псите си лајат, лајат, ама карваните си врват, врват. На илјада собири на кучешката солидарност категорички е заклучено дека кучињата не се виновни што карваните не го почитуваат демократскиот карактер на кучешките лавежи.

Од друга страна, куче што лае - не каса. Приврзаниците на демократското лаење никако не прифаќаат дека лајачката демократија така станува – штрбава демократија. На некои кучиња им одговара, како на им одговарала, штрбавоста на демократијата. Кучињата лајат и кога „лоши луѓе идат“ што е опеано и во некои народни песни. Но, никако не било препорачливо баш тие песни да се пеат кога во официјална посета на селото/градот ќе дошол некој главатар „од горе“. Кога доаѓале тие „од горе“ кучињата замолкнувале, не им давале дури ни на тукушто окотените кутриња да цимолкаат. Има време за лаење, цел еден живот, кучешката година на живеење и онака се множи со седум. А за седумката како број има секакви толкувања. Главно се врзуваат со среќата и воопшто не е за чудење што има модерни кучиња кои на своите крчми закачуваат фирми „Кај седумте лавежи“.

Севезден се множат кучињата касапски. Тадури и обратнопропорционално од бројот на касапниците: колку помалку касапници – толку повеќе кучиња касапски. Нивна животна цел: на каков и да е начин да се докопаат до коска, после цели кучешки глутници не можат да им ја земат. Нивна животна навика: да глодаат цел живот.

Кучињата во јавните служби се дресирани кучиња. Да лајат: фатете го крадецот, фатете го крадецот, а од друга страна, ако не ги фатат, за пет-шест години јавна служба да станат милионери. Не е лесна јавната служба на некои кучиња. Сите им завидуваат, а само тие си знаат колку кучешка пот сака за збогатување на брзина. Што не значи дека нема и кучиња бадијалџии, оние кои се поклонуваат пред бајракот на изгубеното време. А потајум се надеваат на паметник. Ако не друго, барем паметник на изабеното време и на излајаното куче. Кучињата што сакаат да останат потајум, се кучиња далаверџии. Кога би играле шах, би биле можеби кучиња тајни секунданти, дошепнувачи со мобилни телефони.

Дресираните кучиња, додека трепнеш, ќе го пронајдат и најцрниот ѓавол, во најдлабоката дупка. Особено ако е од спротивставениот кучешки табор. За забава и за замачкување очи на јавноста, откриваат дрогирани, шверфцери на дрога и разни други бараби од поситен калибар.

Сите кучиња знаат да пливаат, а никој не знае како научиле да пливаат. Арно ама, кучешкото пливање се брои само на маалските олимпијади. Никој не може да гарантира дали е баш кучешко пливање кога некои кучиња ќе се зададат во брзаците за кои,пак, не се знае што носат под распенавената вода.
Меѓу негуваните кучиња пливачи највисока цена имаат морските кучиња. Тие лајат само на бродоломци, толку што се фини јунаци.

Има кучиња скитници и бездомници, на кои не им е право што на некои други животинки им креваат споменици, а нив ги утешуваат така што им велат дека се споменици кои чекорат. Ем чекорат, ем лајат. Живи споменици на слободното лаење. Ама кусовечни и минливи.

Домашните миленичиња речиси и не се нарекуваат кучиња. Тие си имаат фини странски имиња и, нели рековме, миленичиња се, од повисокото добро утро. Тие јадат специјална кучешка храна, редовно одат на лекарки прегледи, а им отвораат и детски градинки и училишта. Сè поголем е бројот на некои клетници кои би се менувале за статус на куче – домашно милениче. Како во оние приказните за Јаглика на која и преостанал клисарот, а не попот. А и онака од секое куче не бидува домашно милениче. Би требало тогаш да се увезува домашна милозливост.

Неодминливи се, нема куртул од бесните кучиња. Бргу се множат. И касаат обично погрешни луѓе, на погрешно место и во погрешно време. Најмногу се вообразени, и најмногу се чаламат бесните кучиња, уште и ако се закачиле за бесни стопани.

Само насолзените кучиња никој не ги забележува. Небаре се насолзени од мераци и милини.



ЛАВОВИ

Мнозина од мојата генерација првпат видеа лав на големото филмско платно (синемаскоп): онаа позната шпица на Метро голдвин маер, оној лавот кој до ден-денес ‘рже ли ‘рже и врти глава... Отпосле дојдоа зоолошките градини и „лавовите во живо“, ама оние филмските некако полесно и поненаметливо се врежуваа во сеќавањата.

На почетокот на македонскиот плурализам, филмските лавови со сила ги натераа да рикаат за партиски потреби и оттогаш, ми се чини, лавовите не се она што беа. Станаа лавчиња кои што рикаат по нарачка, а тоа не му прилега на едно суштество од цаскиот род. Обратно е - баш лавот е тој кој ги дава нарачките.
Ете, бргу стасавме до лавот како експонент на царската сорта. Некои народи воопшто немаат таква сорта, кај другите таа сорта е во изумирање, овената китка, а кај третти ѓоа служи за украс. Има и такви народи, од раѓање републиканци, кои само во зоолошките градини имаат царови, во форма на лавови, ама сепак царови. Поарно лав отколку глушец, а уште поарно лав отколку ништо, или едночудо самопрогласени царови, згора и царски самобендисани. Царови без царски круни. Додуша, некои од нив почувствувале круна на глава, кога се венчавале в црква, ама тоа трае миговно и главно не се памети секогаш како делче од царската судбина.

Царска моќ, тадури и поголема, има и без круна, како што им е познато на сите што сркнале од кое било казанче на Транзицијата. И што ѕирнале кон највисоката власт, макар и на телевизија. Некои од таквите, кои секоја вечер ви се пикаат дома преку телевизорот, градат споменици на лавови, да има со кого да си ја мерат моќта. И моќта на говорот некаде се симболизира преку лавот, ама царевите таа моќ малку ги интересира. Тие повеќе милуваат да рикаат. Да се знае! Од рикање се тресат брда и долини, луѓе и животни, а не таму од некакви зборови!

Оние коишто се мерат со лавовите, не се баш по енциклопедиите за животните (не се ни по другите книги, та тие знаат сè) не забележуваат лесно дека лавот-цар има, всушност, два дела: главата и предниот дел ја олицетворуваат лавовската боженствена природа, а задниот дел (сите знаеме како изгледа тој и кои органи се таму) е олицетворение на човечката природа. Па сега, повелете, навалете царчиња и царови во изградба!
Лавот е силен. Баш арслан. Ама со сила што не знае и не може да си ја контролира. Невротичен цар, што не значи дека нема и флегматични лавови, воајери и чекачи. Од таквите можеби сака повеќе вардење.
Трај-прај лавовите не се перчат по градските плоштади и по телевизиските дебати. Тие си прават поинакви посоки: ем си ја кријат невротичноста, ем си ги покриваат (со мелни пелени) изопачените нагони, така што наивните може и да поверуваат дека тие, трај-прај лавовите, не сакаат деспотска власт (а сакаат, многу сакаат), дека ги поминале сите лавовски скалила на демократијата, па според тоа немаат грам потреба некому да му наметнуваат (и тоа брутално) власт и авторитет, тоест авторитарност. Секој сам си знае колку пати се уверил, а колку пати луто се измамил дека е така.

Што е за право, досега никој не им оспорил на лавовите дека имаат срца, и тоа какви. За витезите и јунаците се вели дека имаат лавовски срца. А и за оној шекспировиот Ричард трети се вели и преповторува дека има лавовско срце. Што не значи дека нема лавови со зајачки срца. Иронични комбинации на транзиторните епохи.

Лавови ли се, арслани ли се, малку повеќе се користат од авторите кои трошат застарени и банални алегориски фигури. Дури и на некои ангели, ни криви ни должни, им ставаат лавовски ликови: гротеските немаат граници. За што говорат и луѓето кои си мислат дека имаат лавовска лика и царистички предиспозиции.

Од друга страна, има лавови на кои од устите во градските фонтани им тече вода, за што никој не нашол логично објаснување, ако не се есапи за логика желбата на невротичните властодршци. Тие знаат зошто е така, ама ете, не ни кажуваат, да чукнеме малку со тоа тимбите, да не чекаме сè на готово од саканите господари!

Секоја чест на Толстој, па и на Троцки, да речеме, ама секое новокрстено лавче, и кога ќе порасне - нема да стане лав. Тоест ќе стане, ама само во книгите на родените. Мжеби и на некое партиско бајраче, ама тие бргу бледнеат. Отшто има многу празници и голема потреба да се истакнуваат пред влезот на зоолошката градина.



ВОЛОВИ

Едно време, проколнато и едноумно, еден самоуправувач пикнат (сетики не по своја волја) во една мошне популарна драма, се прашуваше: можно ли е, бе, другари, сите ние да сме волови? Некој на ова би потпевнал „минаха години“ ама тешко некој ќе фати облога дека прашањето не држи вода и денес. Напротив, дури. Кај и да се свртиш – саде се расплодуваат, размножуваат волови (и по некој бивол, да не би да се поплачат дека се дискриминирани).

Кога да сретнеш вол, си сретнал, велат – добрина, спокојство, мирољубивост. Ајде консензуално, што се вели, да се согласиме дека малку или малку повеќе претеруваат оние кои повлекуваат равенство помеѓу воловите и тапоста, глупоста, менталниот застој. Таквите, кога ќе се размафтаат со пцовки (како воловите кога со опашите се вардат од воловски муви и мушички) за чист еуфемизам го сметаат подвикнувањето со: волу еден!
А волот како вол. Збунето се прашува зошто е „волу еден“ кога на добрите луѓе им пружа драгоцена помош. Таков, вреден помагач е и биволот,ама него многу поретко го нарекуваат „биволу еден“. Не пасува баш, со еден слог повеќе.

Инаку, јазикот наш познава и деминутив од „волу еден“. Колку нежно звучи кога некој вол ќе се ослови со „воле“ или „воленце“. Наспроти безобразните и безобзирните силници кои од уста не го вадат навредливото „волиште“. Што не значи дека покрај волињата нема и волишта, ама не личи таков простачки вокабулар во 21-от век, вистина не личи.

Тоа што понекогаш е збунет, не значи дека волот е и вознемирен, никако. Секој вистински вол многу држи до својата рамнодушност и флегматичност и така најмногу личи на задуман мислител, аха. Што не може да се рече за биволот, кој не му ја мисли многу и кој повеќе милува макар симболично да го боцне некого со рогот, отколку да дозволи да се прават третокласни добиточни чешли од истиот тој рог. Не е секој роден за задуман вол, има колку да сакаш и здивени биволи. Буквално секаде, не само в поле погледнеш или в планина.
Некои волови, кога ќе направат контемплативна пауза, завршуваат на ражен, а откинувањето врели парчиња од нивното недопечено месо обично се нарекува народна веселба. Шо знаеш, може има и ненародни веселби, ама си се крстат за народни. Како што е, впрочем, и со некои, исто така – народни влади. Баш таквите народни влади организираат баш такви народни веселби. Да пукне човек од веселба, нарочно ако успее да стави троа од волот на ражен во пластичното кесе – за дома. Отшто на дечињата баш и не им се препорачува да се врткаат околу воловите, и тогаш кога се вртат на ражен.

Е, сега, тука нешто не фаќа дикиш. Некои организатори на народни веселби со волови на ражен, го сфаќаат сето тоа што го прават како принесување жртви. Така било тоа во оние славни, антички времиња – да се принесуваат секакви жртви, кој што сака да жртвува, како во шахот подоцна – ја пион, ја коњ, ја кралица. Арно ама, заборавиле жртвувачите, од толку страствена далдисаност по древните времиња, дека Одисеј, на пример, строго забранил такви жртви. Оние кои не го послушале испоцркале до еден и отпосле се вртеле на ражен, ама во пеколот. Најнакрај де, не мора сите антички древности да се третираат сосема еднакво. Не се рекло џабе, уште од антички времиња, дека има и единство на разликите. Или така некако.

Можеби некој ќе рече дека волот е обично скопено говедо, ама тоа му спаѓа во слободата на говорот. Не ќе да е баш така.

Зошто улицата на која се преват најголемите финансиски далавери се вика волстрит? Зошто и среде Скопје се курдиса еден таков, едар вол? Зошто, де?



МАЧКИ

Кајшто има глувци мизерни, а разни други куќни гадинки – има и мачки. Останало од времињата да се нарекуваат – чистикуќи. Не попусто и не само поради глувците. Макар што нема никаква двојба дека мачето глувчарниче си е – асли глувчарниче. Ама има и мачки мултипрактик. Како што и правосмукалките денес не собираат само ситни наслаги од прав. Секакви гадинки има в куќи.

Маче како маче, љуби да лизне. Како кучето, без разлика од која сорта е, сака да гризне. Низ вековите, мачињата се избориле за рамноправен третман на лижењето со гризењето. Нема докази дека тоа го сториле преку паради на гордоста. Има и други начини лижењето да ја покаже супериорноста.

Итри биле, брзи биле, ама на мачките сепак им лепат очите. Мижат пред она што се случува во стварноста. Не е секоја мачка за секоја стварност. Најугодно им е на тие што си обезбедиле прекар на маче гурелаво, сосе таков статус. Поарно гурелаво отколку маче аџамиче на кое му кркорат цревата. Поарно никаков статус отколку никаков живот или секаква смрт.

Еднаш една мачка на еден мој пријател ми заличе на – половна мачка. Беше како од прастарите народни песни: сета пепелава, со душа мемлосана, што мириса на старо. Меѓу самопрогласените мачишта врие од камуфлирани половни мачки: однадвор лизни-мазни, однатре гнилеж. Бетер од половните автомобили што ни се нудат како џиџит-нови, само со половни цени. Од што може да се заклучи дека половните мачки и мачишта се адаптирани за преживување и делење на судбината со работничката класа.

Вистинските мачишта не се многу-многу фалбаџии. Добро де, меѓу мачорите има извесни исклучоци, ама тоа сепак се сам – исклучоци. Вистинските мачишта се како рибаришта: одат од риба на риба. Ем мачиштата сите, ем рибите на број.

Рибната чорба никогаш не се зема за замена на рибата. Не се знае колку казани чорба, на веков, претумбале мачките. Нарочно сивите мачки. Сивото често е склоно кон претумбување на нештата и на поредоците.
Има ли некој кој да не знае дека мачка на грб не паѓа и дека секоја нормална мачка, нормално, има – девет животи. Деветката им е среќен број и сите мачки се тепаат за дрес со деветка на грбот. Не дека не знаат и што се девет бабини деветини.

Глувци кога се прикажуваат за мачки, им прават споменици. И да видиш, во бронза личат на мачки. Вистинската глувчја интернационала бега пред наездата на мачките – какви бронзи, какви споменици. Еден ден и онака нема да има ништо од таа работа.

Има и поинакви мачки во бронза, нив некаде и некои ги нарекуваат шмизли, а богами некои и ги плеснуваат по газињата, со опроштение. Има и мачки на кои им е ептен ќеиф кога ги нарекуваат маченца. Нарекувачите тоа ништо не ги чини, само им го отвора патот кон други риби.

Мачорите се посебна сорта, во секој поглед. Тропаат по тавани. Многу мрчат. Сучат мустаќи, ѓоа не знаат дека се ќоси. Ај што бакнуваат, ама и драснуваат со тоа ноктиштата, мачороци низаедни!

Ноќум, мачките го користат остриот слух, а уште повеќе ја користат моќта (и вештината) да гледаат во темно. Помалку гледаат, повеќе го демнат својот плен.

Оние кои на главните улици им подигаат споменици на мачките, како на недоветни ни кажуваат дека во стариот Египет, на пример, мачката била свето животно. Мачешки лик имала божицата на музиката, на танцот, тадури и на мајчинството. Гурбетџиите од Македонија отпосле научувале дека таму, на гурбет, всушност дома имале божици. Не баш бозаџиите, ами нивните понови поколенија. На гурбетџиите им било поважно мачките да ги оневозможуваат глувците да влегуваат во бозата. И да го вардат фитилчето, како во онаа старата народна: дојде глувчето, зеде фитилчето...

Низ вековите, мачката се припитомила. Ама не го баталила својот ловечки инстинкт. Ретко кој и се приближува на жртвата толку бесшумно како мачката, нарочно мачорите. И сега е така: а ќе се докопаат до власт, а ќе почнат мачорите да им ги кинат вратовите на одбраните жртви. Уште има посебни мачешки комисии за избор на најпогодни и најнемоќни жртви.

Свретете се малку наоколу и ќе видите дека на светот и на веков се уште има неприпитомени мачки. Гребат, немилосрдно, кајшто ќе стасаат. Гребат се, а на простосмртниците им ја оставаат надежта од гребењето грепки на државната лотарија.



МАЈМУНИ

Кажано е, та прекажано: во Прилеп мајмун не игра! Штом сè што има прилепска семка тврди дека е така, мора да е така. Макар што малцина (баш со прилепска семка) знаат и да објаснат зошто баш под Маркукуле мајмун не игра. А знаат да објаснат дека во најново време други суштества играат други игри во Прилепа града, а и во пошироката ни, колкава-толкава, татковина. Дошло време на новите играчи, кој ќе им го бере сега гајлето и на мајмуните? Па и на оние, механизираните мајмуни. Пак зацапавме во некаков животинско-цивилизациски расчекор: се гушиме од афрички горештини, а имаме одвај неколку мајмуни, оригинал, во зоолошките градини. Прашуми, вистина, немаме, а од шумите направивме – градилишта, со кревки потпорни ѕидови.

Но, да не се разбереме погрешно: тоа што во Прилеп мајмун не игра, а во зоолошките градини имаме мајмуни на број како во детската песничка „две рачиња, десет прсти имам јас деца“, никако не значи дека сме скудни со мајмунлаци и мајмунарии од секаков вид и дека палавите црвеногасци, со опроштение, не се вгнездени речиси во сите пори на животот, како што оригинално се вели.

Пред да застанат пред кафезите на скопската зоолошка градина, подоцна и на битолската (Битола може да нема аеродром, ама зоолошка никако!) мнозина од нас првин го видоа Чита во филмовите за Тарзан со Џони Вајсмилер и Гордон Скот. И со Џени, де.

Од тие убави времиња со црно-бели мајмуни, паметиме, дека тие се добри, спретни, пргави, подаровити имитатори и лакрдијаши од мнозина професионалци во таа фела, па и во други фели, оти од имитатори и нарочно лакрдијаши врие во сите фели. Ако продолжи вака, и животот ќе ни го направат имитација и лакрдија. Или можеби веќе како таков и си постои? Со будалести и иритантни мајмуни, ама асли мајмуни. Од секој мајмун не бидува мајмун за урнек. За потсмев да, ама за урнек...

За урнек, на пример, сака повеќе скокање од гранка на гранка, пентрање на повисоки гранки. Без да се помисли дека паѓањето од повисоки гранки секогаш е поболно.

Посебно привлечни се гранките на кои се доскокнува со тајна покана и однапред подготвена членска книшка. Којзнае колку мајмуни испоскокале на такви, ѓоа разлистани гранки.

За доброто на мајмуните скокачи од гранка на гранка се садат нови дрвца, да пркнат нови гранки, да има каде да си се вратат мајмуните кои (и покрај сите напори) не успеале да се очовечат. И тоа го бива: ако се човеколики, мајмуните да не се очовечат. А нема сомнение дека има и мајмунолики човечулиња.

Низ вековите, сличноста на човекот и мајмунот не е оспорена, ами напротив – сè повеќе се потврдува.
Препечени од врелото сонце на живеачката, мајмуните обично се собираат на изгрејсонце и на зајдисонце – да си го негуваат дрдорењето, што во некои медиуми се нарекува и експертска дебата.

Се разбира, не се сите мајмуни дрдорковци. За орангутанот се вели дека ги избегнува дебатите и дека повеќе љуби да молчи, отшто бил многу умен. Како да не биде умен, џабе ли е орангутан?
Има ситуации кога мајмуните се колку сакани, толку и непожелни. На свадба, на пример. И баш во Јапонија, на пример. Таму ден-денес веруваат дека спомнувањето на мајмунот, може да ја избрка невестата од свадбата. И зарем некому треба низ инка да му се клава дека свадба без невеста нема?!

Има цивилизациите каде што сонцето се прикажува како мајмун. Кај нас – обратно: секој просечен мајмун се прикажува за сонце. Тешко нам од толку мајмунолики сонца.

Кој сонува, сонува у мајмуни. Во таквите сонови, мајмуните се обично пратеници на блудот и на сличните скокотливи нешта. Мајмуните од памтивек си ја сметаат за ептен природна состојбата на блуд. И немаат никаков зијан од тоа. Напротив. Мајмунскиот адреналин има посебна специфична тежина.
Врти-сучи, мајмуните си остануваат неспорни јунаци на цивилизации: стига е што први почнаа да палат оган со триење.

Секоја мајмунска цивилизација си има свој заштитник од нецивилизираните мајмуни. Еве, замислете го на пример Кинг Конг на градскиот плоштад? Штоако е мајмун: тој навистина знае дека од секое стебло не разлистуваат гранки, како што од секоја бронза или мермер, на пример, не бидуваат споменици.
Ич не му е лесно на Кинг Конг и на неговиот сој меѓу толку многу бронза и мермер да ја пронајдат човечката разборитост, кон која, нели, се стреми секој мајмун.
КОКОШКИНО СЛЕПИЛО
КОКОШКИ

За вошкари знаеме дека има, секакви. Ама кај се накотија толку кокошкари? Ќе да е да нема кокошки само во живинарските фарми, ако и таму воопшто ги има, или во селските кокошарници. Ќе да е дека со темата за кокошките, се отвора и прашањето на кокошарниците. Може ли некако, во еден единствен кокошарник, да ги збере сите наши кокошки, сосе некое прокриумчарено петле на кое, перчосано, не му преостанува ништо освен да му ја мисли. Баш да му ја мисли.

Кокошките барем мене така ми се чини, не се есапат за родова категорија. Повеќе за ментална. Оти, има и машки кокошки кои кокодакаат ли, кокодакаат – оттука до вечноста. Кокодакаат ѓоамити работно, кокодакаат церемонијално, парадно, кокодакаат на партиски трибини и митинзи, кокодакаат во институти, научни и други, каде што ќе стасаат. Не треба да чуди ако се воведат и специјални медали за кокошките – најкокодакарки. И за нивниот немерлив придонес - едно за вџашувањето, друго за засмејувањето на народот. А се во името на задоволството и мешколењето на градителите на кокошарници и нивните тајфи.

Кокодакањето зема замав, дури и независно од бројот на кокошките. Кокодакања има нежни и романтични, поетски. Кокодакања има строги и прецизни, теоретски, на научна база, демек. Има јавни и закамуфлирани кокодакања. Јавно обично кокодакаат најнаивните од сојот на кокошките – коковчињата кои не пронеле, јаричките. Постарите и поопитните си ја негуваат долговечноста и се тешат дека без стара кокошка нема добра супа. Ја нема, ја има. Зависи од кокошкарите, градителите на кокошарниците и нивните ортаци.

Постарите кокошки, патем, никогаш не забораваат да дофрлат дека денешниве коковчиња се многу галени и распрдени. Баш така велат, како тие никогаш да не биле млади. Оние, понапернатите, не се ич сентиментални и толерантни и младите, неопитни коковчиња веднаш ги множат со нула. А знаат и делење, подобро од множење, ама баш кога ќе почнат да вежбаат делење – или ќе згрми, или ќе стрешти, или некоја друга чинка ќе се стори. Таман колку да го запре дележот.

Кокошките кои не кокодакаат се зачмаени кокошки, не стасуваат во животот, пред да завршат во некој лонец со зовриена вода, барем еднаш да зарипнат. Била како да не била незарипнатата кокошка – ако не на митинг, барем на некој натпревар да зарипнеше од силно навивање. Некои од нив не стасуваат ни до лонец, ни до испочукано тенџере, ами на некое буниште на непотребни и истрошени нешта. Секоја кокошка си има и рок на употреба. Арам им велат на истрошените кокошки, со изминат рок на употреба.

Ако е до арамот, не се баш за машала и мрсните кокошки, кои си врват рака под рака со масни погачи, пити, зелници – со прас, со сирење, со секакви нешта.

А најмалку се за машала кокошкарите, веќе спомнати. Можеби тука повеќе станува збор за кокошкарите, отколку за кокошките, ама оптичките мамки во вакви случаи се допуштени. Кога веќе им е допуштено на кокошкарите на раат да си поткраднуваат и да прават други зулуми. Не дека нема ни страшливци меѓу кокошкарите: погледнете ги само како се ангелосуваат, кога ќе ги залиже еден обичен пес, на пример. Кокошките што се кокошки немаат гајле рака под рака да одат на веселби со песови, ама кокошкарите страшливци тие слики ги сметаат за надреалистички. Надреализмот нема граници, додека не се удави во постмодернизмот.

Од толку кокодакање, некои кокошки никако да снесат. А оние трај-прај кокошки на едно место просо колваат, а на друго јајца несат. На трето место се чудат зошто баш ним кокошкарот им ги витка вратовите.
Една група кокошки севезден кокодака за слободите и правата, а ваму ги ускратуваат истите тие права и слободи, правејќи си бајрам со умот дека никој не го гледа нивниот злостор.

Јајцата на своите заблуди некои кокошки на пазариштата ги продаваат како иднина. Внимавајте баш тогаш да не им го спомнете кокошкиното слепило, баш кога на сет глас ја продаваат иднината. Нема никаква гаранција дека името на таквата иднина е – пропаст. Злокобните кокошки претаат сè на едно место, како тркалото на историјата да е заглибено сал во еден глиб.

Кокошките кога се нурнати во стварноста, абер немаат од историјата. И обратно.

Знам само една вонвременска кокошка, која севезден, дење-ноќе, саде се потсмевнува, понекогаш и онака тажничко, бастеркитоновски. Одамна не сајкали никакви вештачки кокошки и насилни кокошкари – тој, Оскар Кокошка.



КРАВИ

За едни крави со право се вели дека се хранителки. За други крави, безбели исто со право, се вели дека се – крави. Притоа, не е неважно која крава во каква и чија штала е, а и како се храни. Хранителките не би биле хранителки ако се гладни.

Во светот на биволите, воловите и кравите – дамите немаат предност. Кравата е женка на волот и тука започнува и завршува приказната за предноста. На кравата и е судено да дава млеко, ама и да биде впрегната кога се оре, кога се тегли некоја запрега, а и кога се вршат некои други работи по дома. Во најново време кравите се придружуваат на разните движења за родова еднаквост и се борат за предимство барем во мукањето, за почеток.

Некој пак, ако везден мука, не значи дека е крава хранителка. Не значи дека воопшто е крава, ами обичен мукаџија.

Некаде далеку на исток, во Индија, белата крава се доведува во врска со жртвениот оган. И млекото кравјо се споредува со месечина. Но, како што е познато од учебниците по географија за најмалите, секаде не е исток. А некаде, како кај нас на пример, месечината е јасна само во песните, а башка и ја бркаат, да се удави. Во кравјо млеко ли да се удави месечината, или во батаците на современоста? Ма, важно е да се удави, а може и да се задави. Нема тука давител против давител.

Кога е удавена месечината, налетуваат облаци, во облаците дождови, со дождовите и ветрови, понекогаш силни ветришта. Арно ама, баш тогаш некако слабо се оддувнуваат ѓубриштата. Што значи дека има и виртуелни, вербални дождови и ветришта. Што ли се нема виртуелно во нашава епоха на надежи пропаднати во дупка. И тоа во дупка што нема дно.

Од кравата, се вели, живеат сите сонцето кои ги гледа. Некои си мислат дека живеат, онака, виртуелно. Особено ако даночниот ураган им ја однел кравичката. Сега и тој се брои за живот. Ќе си седнеш на првата ливада, или до првиот контејнер во градот, и така, убаво ќе почнеш да си мислиш дека живееш. Милина една којашто катаден го поткрева виртуелниот восхит.

Секоја крава не е хранителка. На некоја богот на кравите и одредил да биде јаловица, да не би неконтролирано да порасне бројот на телињата. Колку повеќе телиња, толку повеќе зјапања во шарена врата, скраја да е. Никој нема никакво фајде од толку многу зјапања во шарени врати, ама и таквите телиња – зјапачи во шарени врати, не си поминуваат баш лесно во животот. Ако брцнат троа повеќе во медот, бргу ќе ги почувствуваат одбранбените боцки на роевите пчели. Но, на повеќето телиња, сепак, не им е јасно зошто ги поистоветуваат со зјапачи во шарена врата и зошто за некои од нив велат дека се теле-марка? Сетики, не затоа што се кравји рожби. Освен тоа, си отстојува правилото: каква крава, такво теле. Само во некои хумористички приказни има двоглави телиња родени од едноглави крави.

Во кравјиот сој има и неспастрени, и серт. Таквите крави даваат можеби најмногу млеко, ама на крајот нема да заборават да претнат со една од задните нозе и да го истурат котлето полно млеко. Во зависност со која нога го истураат млекото, кравите ги класифицираат и како левучарки и десничарки. А кравите си се само крави, ама ајде убеди ги класификаторите во тоа. Од што потем ќе живеат тие – луѓето ги испокласифицираа, ако и го одземат и класифицирањето на животните – готови се, дефинитивно им дојде крајот.

Тоа што кравите немаат предност, дури при мукањето, не значи дека нема и крави пристојно заоблени или апла речено – дебели крави. Има, богами, многу кандидатки за дебели крави, ама сега тие се кравички, уште играат за подмладокот.

Кравјото млеко понекогаш скиснува, од невнимание на молзачот или пијачот. Кој сè денес не ги молзи нашите кутри крави?!

А да не се ни прашуваме кој сè денеска името на кравата не го користи за излив на комплименти врз конкурентката. Знаеме, де, дека бесцелното и безобзирно мукање се есапи за демократска придобивка.



ОВЦИ

Никој не греши кога вели дека овци се оние кои во овие времиња го преживеале јагнешкиот период, куртулиле од тнр. јагнешки бригади и од велигденските и ѓурѓовденските софри.

Вообичаено е овците да се гледаат како давателки на млеко, волна и кожа, како што е вообичаено од нвното млеко да се прави ем кисело млеко, ем првокласно овчо сирење, ем солен овчи кашкавал. Вообичаено е, исто така, од овчјата волна да се плетат џемпери, а од кожата да се прават опинци или чевли - кому како.

Инаку, како и некои други животни, овците се третираат во зависност од карактерот. Не се сите овци само за сиренце и кашкавалче, за мезетење со ракија, вино - кој што сака. Има многу овци само за стрижење. Овчички што си гри стриже кој ќе стаса, од оние де, што имаат меѓународни лиценци за стрижење овци. Тие, кои самите си ги потпишале лиценците и удриле мурови врз потписите, испраќаат наемници - стрижачи, им даваат ем прецизни упатства, ем големи, остри ножици. Се подразбира дека тие со големи и остри ножици првин поминале низ курсеви за бравови. Некои бравови милуваат дене да ги викаат лидери, ама во суштина тоа ништо не менува: брав си е брав, те бил овчеполски или севернокаролински, сеедно. Со тоа што овчеполските бравови сакаат да си останат обични бравови, оти инаку треба да им се наоѓаат толмачи кои ќе им го објаснат тоа лидерството, меретијата.

Овците се групираат во стада, а живеат во трла. Често се стуткани, ама има и конфорни трла. Зависи од овците, а и од тоа како бравовите гледаат на нив. При што никако не треба да се исклучат и овчарите, оние на кои овците им се објагнуваат во народните песни. Во ниедна расправа за стадата овци не треба да се прескокаат и пастирите, тие се прастари, врсници на овците. Како што меѓу овците има бравови (кочови) така и меѓу пастирите има индивидуалисти, попастири од обичните пастири. Има и такви кои си мислат дека се најпастири и тие се топат како сало во казан кога некои курдисани припадници на стадото ќе почнат да ги креваат во облаци, дури до скриената зона на боговите. На стадото стига му е зоната на самракот. На крајот на краиштата, зона си е зона - а на боговите, а на самракот. Не се добројуваат боговите кои скончале баш во зоната на самракот. Можеби од првиот таков пад од зона во зона се вели: кој високо лета, ниско паѓа. Од секој пастир не бидува супермен, некој завршува како полуквалификуван овчар. Со крлук в рака, наместо со божје жезло.

Некои стада овци преживуваат и траат затоа што ништо не им е јасно: кога читаат (има, знаете, овци кои читаат) ништо не им е јасно; кога гледаат телевизија, некакви шпански или турски серии, пак ништо не им е јасно; кога ќе заскитаат некој политички митинг дибидус ништо не им е јасно, ама си аплаудираат, силно, најсилно и викаат, си ги кинат грлата: ура, ура! Дали оние кои послабо слушаат и кои не биле на обука по прислушкување, наместо ура викаат уа? Ако им ја фатат финтата, не им гине раженот на таквите овци, безобразни овчетини кои на митинзи, пред пастири и други големци ќе ја искривоколчуваат неизмерната овчја љубов кон водачот со крлук в рака. А нема носител на крлук на светот којшто може да разбере дека во ниту една историја нема само аплаузи, ракоплескања, како што ниету една индивидуална судбина не може да се исткае само од аплаузи.

Овци како овци: со векови не успеваат да научат да се бранат од себе самите, а не пак ќе се бранеле од зла, од овчари и особено од пастири.

Ај што се рекло, ама и се овековечило: спроти стадото и овчарот, спроти овчарот и крлукот, спроти пастирот и лажните приказни коишто овчичките ги слушаат со притаено блеење, блеење.

Не и дека не се прашувааат: на две нозе ако се кренат, имаат ли шанси да станат пастири со чаша желби и големи планови во десната рака, а во чашата многу, многу мраз што бргу се топи.



ВОЛЦИ

Велат дека човек на човека му бил волк, што не значи дека волкот е човек. Можеби затоа што – како што беше бил рекол Чехов - кога ќе стане животно (волк) човек е полош од животното (волкот). Волкот, се разбира е само еден од недобројните мерници на човековиот лошотилак. А волкот, да не заборавиме – што му е на волкот? Човек? Хм... ај обложете се дека не е така.

На некој од своите свети собири, волците си го прогласиле својот род за род на гладните (и страдните ли?) И оттогаш, вијат ли вијат волци гладници - ама баш на секој меридијан. Едни вијат, други спијат. Потем други вијат, први спијат. Перпетум мобиле од курдисани виења.

Ај што вијат, погласно од градските дискотеки, волците и колат, и кркаат. Имаат изградено цел систем за тоа. Како прво и прво, уште незаволчени, си ги здебелуваат, колку што може најмногу - вратовите. За дебелите волчки вратови има безброј приказни, некои од нив се - слабички. Потем, ги пулат жртвите, обратно од поговорката: кој ме пули, волк ме чини. Волчката верзија гласи: кого пулам, жртва ми е. Или ќе ми биде жртва, кога тогаш, долг е волчиот живот. Кога ќе заврши пулењето, почнува ловењето и черечењето на жртвата, за што однапред се крева тревога и им се препорачува на јаганците и овците да се вардат од гладните волци. Нема кој да не знае дека кога волците ќе се доберат до пленот, од него останува само волкојадина. Тоест: мрша од животно кркнато од волците. Како доказ за тоа дека волците се сурови и јадат сè - и кози јадат, кози пипер што јаделе, и други друго што јаделе. Волците не се џимрии, ако не сте знаеле.

Волците сега станаа ретка сорта, речиси под заштита на државата. Нема веќе на секоја ритка дери волче. Но, се уште има мажи (како дедовци во народните песни) кои си ги полнат торбите со волчиња. Око не им трепнува од фактот дека волците со дебели вратови и немаат грам милост ни спрема мажи, ни спрема дедовци. Спроти секој волк, волк се наоѓа - та бил маж, та бил дедо, сеедно.

Кога ловџиите со звуците на роговите ќе ги најават хајките на волци, веднаш ќе се огласи гракањето на гарваните и ќе ја предупреди волчешката дружина. Некои волчешко-гарвански коалиции си функционираат беспрекорно и делотворно, што со ловџиите никогаш не било случај. Во гракањето ли е, во бојата на гарваните ли е, во нешто трето ли е - знае оној четвртиот, горе. Не е тоа она горе каде што многумина незнајковци се мислат академици, ѓоа во волчешката има само зналци и сезналци.

Мнозина мислат дека волкот се преправа кога ќе стави капа на глава и долго, долго ќе се огледува во бистрата река. Волк без долама не е баш вистински волк - напернат од сила, кицош. Волкот кицош наеднаш станува многу нежен, ама тоа трае додека јагне погоре на реката не му ја замати водата. Волкот знае дека водата му ја матат одозгора, ама им удира на оние долу. Тоа го знае секој просечно бистар волк, а го има научено од луѓето, тадури и од приглупите луѓе.

Арно ама, ако многу се занесува, секој волк може да заврши како волковина. Таквата облека се уште не е излезена од мода кај некои луѓе кои начекуваат волци.

Тогаш, всушност, на очи се покажува дека дебеловратестите волци џабе сурла свиреле. Не биле надарени, што не значи дека и за волците важи дека кој нема дарба нема ни проблеми. Нема нервна клиника за волци, па можеби затоа им се јалови обидите да стекнат статус на будали. Таа привилегија ја имаат некои меѓу луѓето, некои шашардисани поети, посебно.



СВИЊИ

Има домашни свињи, крмаци и крмачки, има диви свињи и има свињи низаедни! Некаде ги викаат бишки, а нивните стопани, оправдано – бишкари. Едно без друго не оди. Од називот бишки се изведуваат убишки, ама далеку ќе не одведат таквите етимолошки копања...

Свињите првин се прасенца или свинчиња (некои од нив завршуваат како прасечко), некои, значи и диви прасенца, па дури отпосле стануваат свињи, свињишта. Некои од нив, од сортата јоркшир, ептен бишки над бишките – 300 до 400 кила тешки. Пу-пу, машала, да не им се уроци!

Прасето, кога станува прасечко, онака, реж печено, задолжително има јаболко во препечената уста: да ни се чудат странците на обичајот, кога ќе ги викнеме на свадба.

Кај нас од најмали нозе децата ја учат употребната вредност на свињите. Се топи, топи свинското сало и така се добива свинска маст – измислена за мачкање на лепче и посолена со црвен пипер. Уф, уф, прсти да излижеш! А џимиринките, пак, да не ги спомнуваме. Подоцна децата ја откриваат и сласта на шницлите, вешалиците и кременадлите и тоа е знак дека тие веќе пораснале. Оние кои кркаат кремендали, не се деца, никако.

А сите тие специјалитети свињите ги „произведуваат“ на тој начин што јадат сè што ќе најдат, ама буквално сè, а не само бисери и ловорови венци, по што најмногу се познати во тнр. мудрости за свињите. Ехеееј, колку ловори изеле свињите, колку повеќе од ловороносците кои дури најнакрај сфаќаат дека китењето со ловорови венци била една обична прелага, местенка што се гледа од долгите списоци на прескокнатите ловороносци.

Кога јадат се, некои свињи ги јадат и своите деца. Вие сега сами просудете револуционери ли се, или ханибалисти.

Кога им е жешко, свињите се ладат во кал или во вода. Некои во лазурни морски води, некаде далеку. Оние пак, што се мешколат по батаците, барем се вардат од високиот уве фактори. Свинската кожа не би била таква каква што е, ако често е изложена на висок уве фактор: од неа, како што се знае, се прават убави чевли, а од влакната и четки, секакви четки. Од свињите низаедни не се прават вакви нешта, оти, испитувањата покажуваат дека тие баш и немаат некоја особена кожа, а за образ и да не говориме.
Свињите, како што е познато, се интелигентни животни и транспаренти, што денеска е мошне важно. Не ги кријат емоциите: кога опашката им е цврсто свитката тие се среќни, просто бликаат од свинска среќа, а кога опашката им виси млитаво – не се среќни, кај можат да бидат среќни свињи со млитави опашки! Тук-там има и свињи без опашки, ни ваму ни таму, неопределени, не отшто сакаат да биде така, ами отшто судбината така пресудила.

Ова не важи за дивите свињи. Иако не се на самиот врв, тие се котираат меѓу стоте животни во светот – според наездата. Зарем вие лично не познавате некој ловец на кого му откасале некое делче од бутот, на пример? Свињи како свињи, диви свињи, каде одат дивите свињи, се прашуваа едно време со месеци на телевизија.

Свињите не се претвораат само во реж печени кременадли. Од нив се фаќа и бруцелоза, и свинска чума, и други болештини, од кои најопасен е свинскиот грип. И свинскиот грип, како и други неправдини, се јазат по конци кои се кинат таму каде што е најтенко.

Свињите се чуваат главно во фарми, што се чувствува кога возите покрај некое такво свинско живеалиште. Порано имаше свињогојства, порано имаше и други работи, а немаше толку свинштини, ама тоа беше порано.
Некои наши пресностасани граѓани прочитале недочитале дека свињите, таму, на запад, каде што се си е стокмено како што треба, демек, свињите значи, се третираат како домашни миленичиња. Па убаво си ги качиле прасенцата на балконите на новоградбите во новите градски населби – да си ги галат миленичињата, ем носталгијата по родната крутка.

Да не ве чуди што има едночудо одбори, граѓански, невладини организации за заштита на правата на свињите. Некој се борел за човечки правдини, некој сега за свински. Море, не е баш сега. Јарослав Хашек, оној што го напишал „Добриот војник Швејк“, уште во 1911 година водел кампања за правата на свињите и барал рехабилитација и за свињите, и за другите животни. Да ги добранел свинските права, Швејк, сетики, немаше да му биде толкав шишко.

Кога некој ќе ви рече дека сте како свиња, мисли на две работи: или сте многу извалкан, или пронашол нешто во вашиот карактер. Трето нема, ако се исклучи дебелината.

Има и обратни приказни: за некои глумци или политичари се пуштаат гласишта дека спиеле со свињи. За некои злобно се вели дека „за свинска не ги бидува“.

А свињите се смеат, смеат. Дури и после смртта им се смеат на луѓето, кога ги јадат. Ај проверете пред да го голтнете првиот залак од вашата прва наредна, реж печена, свинска кременадла!



ЗМИИ

Дотаму дојде работата што змиите сега се пуштаат по мобилен. Некои се шарки, отровни, некои водени – зависи од содржината, а и од отпорноста на примачот на пораката-змија.

Телефонските змии немаат баш некаква врска со нормалните, вообичаени змии, освен со оние змии што им се гнездат по џеповите на цициите.

Нормалните, вообичаени змии, како прво и прво се – зли и не дај боже некаква таква да ти се пикне в пазуви. Потем, итри се нормалните змии и вообичаено лути. Не ги даруваат џабе снаите своите свекрви со комплиментот – лута змија, итрица. Свекрвите, демек, змии, а снаите јагниња, од кротки покротки. Само уште да е така.

Во многу ситуации, змиите убаво си поминуваат. Знаат да се провираат секаде, а провирањето е очевидна предност. Особено во политиката, на пример. Провирање до највисоките врвови на власта, до троновите на полтронството, на кои нема место за сите, од проста причина што не се само змиите што знаат да се провираат угоре.

А горе, демек, на врвот, посебна почит се гаи спрема црните змии: ем пиштат најлуто, ем ќе го кркнат оној кој треба, дур клепка да ти клепне.

Ништо подолу не се ни змиите алетини, бабачки. Нивниот лапачки капацитет е подобар, а има такви ситуации, кога само змиите алетини и никој друг не може да ја заврши работата така како што треба – ефикасно и квалитетно.

Змиите-алетини вршат и една специфична „превентивна“ функција: сал туку ломотат дека страв лозје чува и го пикаат така, народецот, во еден вид општествено засолниште. Седи си мадро, да не носиш модро.
Други змии, не мора да се баш алетини, со пиштење, со шуштење, со исплазени јазици, ама неуморно, пикаат некои луѓе до работ на транзиционите бездни. Тука закачена табла на која е запишано правото на избор: Удолу длабоко, угоре не може. Њутон бил виновен за тоа, законите на гравитацијата, а никако црните змии, не мора да се баш алетини. Посреќните пак, тргајќи им се од пат на змиите, ќе заталкаат во длабоки клисури од каде што нема излез и каде што севезден можат да си се прашуваат – ги пикнаа ли змиите во вакви клусири отшто биле недоветни или страшливци? И со одговор и без одговор, се останува во клисурите, додека се дише, а и после.

Во клисурите, обично, течат брзи реки. Ама и во нив да ти имало змии, водни змии, а не само во македонските езера, на пример. Змиите од брзаците ептен се пргави и не те оставаат да и се приближиш на водата, не пак да се напиеш или да се искапиш во неа. Сега на друг им бил редот за пиење и капење, макар што други заточеници во клисурите не можат да се видат.

Покрај веќе спомнатите змии-алетини и змии водни а пргави, има, како што знаете, и змии камењарки, змии јаловици, змии осојници, змии присојници кои пиштат в поле зелено, змии љутици под врели плочи.
Во некои стари приказни, а богами и во делата на некои наши современици, има и змии троглави, змии шесторкили (не ми се верува дека има шестокрили плакари, да речеме), а за шарките и поскоците знаат и основците.

Познати се во македонските краишта и змии гроздаклии, кои висат како гроздаци, по десетина на една гранка на секое дрво во преспанското острово Голем Град.

Змии летно време има и на охридското корзо, и тоа змии големи, ама тие служат да се фотографираат јунаците со нив околу вратовите, а патем и да се уплавосуватт некои од малите дечиња, дотолку, што да си ги навлажнат гаќичките.

Змиите во зоолошките градини не се бројат, а змијоликите луѓе со усти како змиски челусти се бројат, најмалку трикратно.

Со змии не сме скудни, ни со нивната алчност и безмилосност не сме скудни. Можеби затоа некои наши предели се нарекуваат змијарници.

А секој змијарник живее за денот кога ќе се појави змијарот, оној вистинскиот.



РИБИ

Со рибите нè мавтосуваат од најмала возраст, тукуречи уште непроодени. Кому не му подотекло детското увце од прикаските за златната рипка која на децата, ако се добри, им исполнува три желби? Една рипка, колку сака каратна, а толку многу желби. Верувај или исчудувај се, изборот е твој.

Во рибите, што се учи од животот а не од прикаските, не се зјапа кога се во јато. Секоја риба си е риба за себе и си има изразита индивидуалност, што не значи дека во дадени околности и колективно не си легнуваат на брашното (не на она во тавите, по што следува пржење). Има, да потсетиме, и политички типови брашно - и бело, и црно.

Она што рибите го имаат, а другите го немаат се перките и жабрите. Перките можат да бидат во разни бои, зависи од оние кои ја диктираат модата. Веќе подолго време, на пример, црвеноперките не се во мода. А се множат сомови и кленови и ним водата не им е услов без кој не се може. Кленот е можеби поклен кога е на суво.

Рибите се едни пргави, снаодливи суштества, ама сè уште ги има во голем број и примитивни, закржлавени, безвилични, штрбави риби. Секој врти глава кога ќе ги види такви.

Лесно се прилагодливи, вешто се камуфлираат. Пливаат и во плитко и во длабоко, на разни температури. Одвреме навреме ќе скокнат над водата - ја од роденденска радост, ја да пукнат од мака оние кои не ги бива за скокање над вода. На рибите не им требаат скокалници, затоа што нивните скокови се устремени угоре.
Некои риби се прават мнооогу риби, ептен многу риби, кренати на големо - сеедно дали носат високи штикли или рамни балетанки.

Обичните риби опстануваат која како ќе се снајде. Некои се месојади, тревојади, сештојади. Овие последниве, со особен апетит кркаат и ергени, и женети, секакви. Сештојадите се риби без наситка.
И штуките се сештојади, ама брзојади, а понекогаш не им личи да се брзозборки и грдозборки. Понекогаш, кога се вдадени во политика (како во парламентот, на пример) се толку груби, што никој здрав не би рекол дека се риби.

Отшто не се штогоде, рибите ги има и во зодијакот. Оние што се по хороскопите безбели знаат дека со рибите повелаат Нептун и Јупитер. Нептун е даровник на рибната имагинација, а за Јупитер се знае што му е дозволено, како што се знае дека тоа што му е дозволено на Јупитер не му е дозволено на волот.

Веќе спомнатата смисла за камуфлажа, рибите ја покажуваат и така што се прават самостојни и независни, а всушност го спроведуваат она што го проповедаат водолиите. Играорките не туѓи тапани ги нема само во хороскопите. Кој ќе им земе кусур на рибити ако некое орце, па и песничка, им се камуфлирани? Та, и на рибите им требаат и веселби, музики, распиштолувања. Мина времето на рибното молчење, сега не молчат ни тајните полициски служби, а не пак рибите!

При толку распиштолувања, ќе се најдат и такви, и тоа од кругот на пријателите на рибите, што ќе ги искористат рибите. Има цели сурии специјалисти за такви работи, кои петпари не даваат што рибите, кога ќе бидат искористени, многу, навистина многу страдаат. А вистина не личи рибите да страдаат и да бидат тажни. Ама ете, им се случува да бидат невнимателни и да се фатат на пријателски мамки. Тука не се мисли на оние рибаришта во гумено чизми кои катаден се обидуваат да ги надитрат рибите. Во таа игра на надитрување, на крајот се гледа кој е риба, а кој риба-сом. Млитав, муљосан, заникаде.

Рибите можеби ги искористуваат бидејќи лесно создаваат пријателства. Претпазливите риби ги нарекуваат намќорки, катил-риби. Како и многу нешта во општата живеачка - без никаква особена причина.
Други, пак, риби ги нарекуваат прчли. Најчесто се среќаваат по плажите, намачкани со сите масла против сите уве фактори, со темни, ѓоа шизички очила купени за евтини пари на тезгите близу плажите. Леле колку неподносливи се рибите-прчли, не само на плажите! Вртикапи без капи. мртви ладни емотивки. Гостољубиви, дружељубиви вдадени во трка која прва ќе рече ај сиктер, бре! А и дволични се, брате, ем дволични, ем лажливки. И како такви, ги убедуваат странските претставници дека ќе ги научат да ги препливаат сите наши маки, сите наши подводни гребени.

Додека има лесноверни странски посматрачи, рибната магла ќе држи висока цена. Како што додека има матежи, ќе има и сомови. И обратно, божем тука редоследот има пресудно значење.

Рибарите се фалбаџии и во нивните фалби секогаш има двосмисленост. Рибокрадците, пак, се кријат во темниците на бесмислата. Ним им е светлосни години далечна смислата на стариот Питагора, кој им плаќал на рибарите уловената риба да ја фрлат назад во морето. Питагора си имал работа со рибарите, не со рибокрадците.

А како што стојат работите, рибокрадци ќе има и кога ќе снема риби, дури и во аквариумите.
КОЗИ И ПРЧОВИ
КОЗИ

Козите, како ретко кој склони кон слободата, во најново време се затечени - не знаат на која страна да книсаат на транзиционите ливади. На ливадите тревата подисушила, нема ни толку полско цвеќе, колку што има слобода. Не баш секогаш миризлива, понекогаш и безбојна, ама сепак - слобода. А козите, ако се кози: не се толку глупи и тупи за да не разберат дека таквата слобода, кога можеш да трескаш што сакаш и за кого сакаш, и не само да трескаш ами и да правиш - повеќе прилега на распашана команда. Тоа, што секој може сè, нели го урива притаено скалилото на вредностите: ако секој може сè, значи ли тоа дека ништо веќе не е битно, побитно, најбитно? Исто ли е да играш фудбал на зелена ливада, без никакви стативи, без никакви димензии на игралиштето, тадури и без никакви правила? И бива ли тоа да е тотална слобода, а обележувањето на игралиштето, поставувањето на стативите и утврдувањето на правилата на играта да се смета за ограничување на слободата? Како тука се разликуваат бесмислата и хаосот од вообичаениот тек не козјото брстење?

Ете, такви јанѕи ги јадат малку посовесните кози, кинисани на свежо брстење по планинските висови. И не би им личело на козите без такви јанѕи, оти откога постојат ги викаат мајки на светот, а мајките се да ги лазат јанѕи и понекогаш, од невоспитаните, да бидат опцуени.

Мајките, нели, се питоми. И козите мајки се питоми. Макар што ги боли сознанието дека колку се попитоми, толку роговите им се помали. Да не се чудите ако видите коза без рогови: само питомина носи на нозе.
Има и диви кози, муфлони. Неприпитомливи, додека не ги потрефи некоја сачма. Во последно време, за жал, сачмата не се користи како средство за смирување само на козите. Колку народи се испржија о такви седативи! А се чини уште не почнало асолното спржување, скраја да е.

Некогаш, многу одамна, козите се принесувале како жртви, а од главите им се правеле наковални. Дални наковални, што би рекол Петре наш Андреевски.

Потоа, не многу одамна, козите беа ничкосани. Отшто беа склони кон повеќе слобода, или отшто брстеа низ шумите сè што ќе стасаат и секаде каде што ќе стасаат? Отсекогаш имало големи пријатели на шумите и природата. И сега ги има, само се прават дека не ги гледаат козите, или пак ова се некои сосема други кози? Некои кози се чуваат во штали, на фарми, како мали кравички.

На времето, кога козите не беа омилени животинки (штоако давале четирипати повеќе млеко од овците, кога толку шума ничкосувале!) имаше една песна Цела Тузла једну козу музла. Бидејќите песните имаат сосема поинакви корени и не се шумовити, песната не ја делеше судбината на прогонуваните кози. Не да речеш дека беше некаков хит налик на денешниве, ама сепак, си ја пееше народот. Чиниш ќеифлиски, а од каде да знаеш колку инает имало во тој ќеиф? Таквите ќеифови, набабрени од инает, само се мижи-асан-да-ти-бајам ќеифови. Многу подоцна, низ насловот на еден филм, дојде и прашањето: кој тоа таму пее? Ако беше за песната за једну козу..., а не беше - тогаш беше задоцнето. Има едночудо задоцнети прашања, како што има и задоцнети песни. Барем на Балканот тоа не е за чудење.

Ќе речеш коза, роглеста и не баш угледна и уредно дотерана, арно ама, зналците потсетуваат дека баш коза, по име Амалтеа (презимињата кај козите не се запишуваат) му била доилка на Зевс, лично и персонално.
Ќе речеш коза, кротка, а таа да ти се есапела за молња, за најавувачка на луњи и дождови. Боже, боже, какви кози имало на времето!? Сега луњите и дождовите, а и жолтите и портокаловите топлотни бранови, ги најавуваат нашминкани и наконтени убавици. Сака човек да е ептен малициозен и безобразно бесен, на таквите најавувачки да им плесне „комплименг“ употребувајќи го баш името на роглестото и не баш угледно животно, хранителка за пример.

Машките кози се викаат прчови и тие се вишок во оваа приказна, како и сите бивши, клапнати женскари, кои сега не служат ни за украс, а не ни догледуваат, па да бидат барем какви-такви воајери.



ХИЕНИ

Хиените се третосменки, како буфовите, ама ептен поразлични од нив. Хиените дење коват планови, ноќум ги реализираат. живеат во пештери. Мрачни животни, повеќекратно мрачни. Мачкани барем со четири бои, убаво им стојат, да им се радуваат наивните и неупатените.

Хиените личат на кучиња, на асли кучиња. А фактички им се први братучетки на животните од фамилијата на мачките. Уште и предните нозе им се подолги од задните, па одат како мечиња, мали стрвни и опасни мечиња.
А касаат уникатно, силно, баш како хиени. Јачината на укасот апсолутно не е сразмерна на нивната величина. Мали, мали, ама гризаат првокласно. Му признаваат само на тасманискиот црн ѓавол. Тешко да извадат нерешено со него.

Хиените не би биле хиени ако не ги презираат, од дното на душата, тревојадците, вегетеријанците. Што ќе им се заби на таквите, за да корнат тревки?! Забите се за черечење месо и кршење коски, така ги учат хиените уште од мали, а таква им станува и животната практика.

Се нарече ли кучето бесно, како бесно и ќе си умре, ако може да е и кротко. Со хиените е така: сите велат дека се бесни, а никој досега не посведочил дека се кротки. Особено кога ги повелаат другите. А ги бива за повелање, умни се, интелигентни, итри. Не се такви: кркни му го некому бесцелно вратот и збриши во непознат правец. Макар што во последно време сè повеќе има и такви хиени и требаат едночудно сведоци (заштитени, полузаштитени или само заштитени од врелото сонце) за да се утврди дека черечат безразложно. Хиение се, велат, интелигентни скоро како мајмуните и тоа е една од причините што многу се мајмунраат и се чаталат. Често, божем патем, припомнуваат дека кајшто има сила - нема правдина.

Во сите сериозни разговори и маалски муабети хиените се земаат како негативни примери. А кој би изустил нешто арно за створови кои ископуваат и јадат лешови, сосе коски. Не биле проблем коските, хиените имале многу силни органи за варење.

Кога ќе се изнакркаат коски, фекалиите не им се коскени. И што е поважно, хиените ги одлагаат фекалиите што подалеку од своите живеалишта. Не поднесуваат смрдеа, макар што секојдневниот вокабулар им е преполн со фекалии.

Може нема да ви се верува, ама хиените се ептен запалени по сексот, како зајаците. Белки не се толку и брзи, па да служат за подбишега. А впрочем зошто по секоја цена и подбишега - може си имаат и други важни обврски хиените. Не може, туку сигурно имаат. Што не ги спречува да бидат опседнати со сексот. Сексот си е секс, па и на брзинка. Има и бетер од хиените и зајаците.

Не дека многу уживаат во тоа, ама на хиените им е дадено, освен да бидат стрвни, да можат оддалеку да го намирисаат пленот, поради што им се припишува способност за претскажување. Ама тоа претскажување се однесува само на пленот. Се покажува дека хиените ги утнуваат економските, па и политичките претскажувања. А ист ѓавол ти е ако и ненамирисан завршиш во челуста на хиените - таа мелница и на најцврстите и најситние ковчиња. Во крканлуците на хиените има некој систем, некое знаење, тадури научно. Додека не им се истопори некој со поцврсти заби. Не дека се страшливки, ама тогаш хиените си ја покажуваат и простосмртноста, и наивноста, и глупоста. Тогаш служат за подбив, а тоа им го зголемува капацитетпт на подлост.

Како осведочено интелигентни и бистри, не е ни чудо што хиените се многу амбициозни, многу ги љубат врвовите, сакаат на живеачката да гледаат од високо и секогаш да биде по нивно. Што не бива работа, ама тие не отстапуваат од тврдоглавите си амбиции. Нема некој таму ним да им кажува што бива, а што не бива. Бива, дури, тие да се мерат со значењето и улогата на лавовите, само што им недостасува малку смиреност и мудрост, ама и тоа не го признаваат. Законите на хиерархијата важат само за оние што се под нив, а не и за оние над нив.

Хиените, како што подучува митологијата, можат да се третираат и како специјалци: имале должност да ја надгледуваат светата шума во која се одржувале состаноци и средби на братствата. Всушност, хиени – хиени чувале.

И ден денешен не се знае кои какви хиени се, оригинали или фалсификати, ама дека ги има - ги има. Каде и да се свртиш: моќни, насмеани, задоволни хиени кои си мислат дека нивното време трае цел еден човечки век. Обично е доцна кога ќе сфатат дека сите балони тешко се помпаат а брзо издишуваат, а балоните кога ќе издишат исчезнува од нив сè што е хиенско. Некаква константа чуваат само хиените во вид на затворски чувари и за нив, кога ќе им донесат некоја хиена-бивша горделивка и чаламџика, не важи правилото: хиена на хиена очи не вади.



КРТИЦИ

Кога ќе видиш, што ќе видиш во современиево - сите се вардат од кртици. А и неако логично е така кајшто има големо подземје, има и булуци кртици – роварат ли роварат, си ја вршат работата. А подземјето сепак си се шири чиниш цел свет ќе стане едно големо подземје. И сите сфери на живеачката: те подземје во политиката, те подземје во економијата, подземје во царината, подземје во спортот, тадури и во културата и уметноста, подземје и меѓу оние што се платени за борба против подземјето, подземје и во самото подземје, подземје со дупло дно. А чудно некое подземје: си го присвојува тоа име, а педа земја нема.

Какво подземје, такви кртици. Џип-џипосани, брич-бричосани, ама некако пластични, вештачки, како за во саксии со умот. Жива потврда дека има наивни и недоветни кртици, дека од секоја лебарка кртица не бидува, дека тоа што се знае подземи со дикат се изнесува на светлината на денот. Сè уште има такви кртици што не знаат дека кртица која што има доверба во двајца, всушност, не е кртица. Некаков бесполезен сурогат, можеби.

Со гајгеров бројач можат да се следат подземните трки и надитрувања на кртиците. А ако се има уште и видео-пристап, уживањето е комплетно: каков Холивуд, какви артистички салтанати, какви дози на лицемерие и дволичност. Не дека не знаат дека барем меѓу нив има барем една кртица, ама сите се прават дека не се подземи, дека само што не го допреле сонцето (море, им текнува: таму има џиш, горат прсти, горат раце, очи, сè што има еден обичен подземник на себе и со себе. Кога се залетува по сонцето, не е при себе. Во кртиците се збрани сите сили на земјата, затоа и не се мали штеточинки, предизвикуваат меѓународни, глобални последици.

Критиците, пишува во сите книги, се слепи. Уште и биле добри по душа. Ако се слепи, тогаш како гледаат сè наоколу, како ништо не може да им избега од погледот како влладеат со сè што е подземи.

Обрасците и клучевите на сите подземни лавиринти им припаѓаат на кртиците. Кртиците имаат калаузи од сите подземни престојувалишта на боговите, а се разбита, и од нивните гробови. За секој случај.

Кртиците имаат и едукативна улога. При толку надземни универзитети, си сакаат барем еден подземен (не дека во надземните нема подземни далавери!) нивни, со целосна автономија. Кога можат некои подземници – аматери да се перчат со фалш докторати по надземните универзитети, тогаш може и подземи да се произведуваат оригинал подземни доктори на науки, на кои сакаш науки – и на оние за размножувањето на мравките на Месечината, а во најново време и на Марс. Има и подземи доста недоквакани, а љубители на факултетски дипломи, магистратури и докторати. Подземните учители нив ќе ги водат низ сите лавиринти, душите ќе им ги водат низ мрак, онака, како на првачиња, фатени рака за рака, само уште и да запеат: десет прсти две рачиња, има во секој мрак!

Би било малку лицемерно подземи да се проповеда за земјоделието, да се кажуваат високонаучни скаски на таа тема, оти нема земјоделец кој во пракса не поувствувал каква и да е штета од кртиците.

Е, сега, најделикатна е темата за кртиците меѓу оние што се платени да ги откриваат кртиците. Врана на врана око не вади, се рекло. А кртица на кртица? Неоти ќе ви кажат – од најдолната полициска станица до највисоките и најтајните врвови на гоничите на кртици. Немаат време да си ја истресат земјата од листер костумите.



ОРЛИ

Некои животни, да останеме да животните, колку повеќе ги таманиме и колку повеќе се проретчуваат, стануваат – поскапоцени. Им нашле и име: загрозени врсти. Од што загрозени? Од простотилак, од безгржност, од кабадахијност, од „голема работа“ и „кој што ми може“?

Приказната за загрозените врсти важи и за орлите. Жалните орли во жална Македонија.

Навикнати се овие асли птици да ги надвишуваат и да пребиваат над облаците. Директно да се соочуваат со сонцето в очи: ни замижување, ни вртење глава, ни симнување поглед, ни бутур. Просто – стекнато и неуништиво право и точка.

Никој не ги прогласил, самите си се избориле да га викаат кралеви на птиците. Да ги споредуваат со лавовите на земја, како вистински владетели на птичјото царство.

Но, орлите не се синоним на моќта. Тоа што се блиску до сонцето е и естетска височина, тадури кога би биле и изгорени од сонцето – а не се.

Орлите, на пример, ја раскрилуваат сета моќ и раскош на контемплацијата. Први се во редот на мислечките птици. Ем шират крила, ем шират мисла, севезден се прашуваат нешто сериозно. Негуваат високоразвиен систем на вредности. Го поткреваат угоре вредносниот систем со многу прашања – и одгатливи, и тешко одгатливи, и неодгатливи. Еве, можеби баш во овој миг орлите заеднички бараат одговор на прашањето: новите вредности врз апологетика, или врз критика се градат? Се губат ли, горе во облаците, наследените вредносни доблести? Потемни ли стануваат, со текот на времето, облаците на некогашната вина? Може ли да се отфрли сето минато? Може ли да се прави ново минато?

Секој одговор има лице и опачина. Опачина има и сликата за орилите. Не се тие само спокојни контемплативци. Има меѓу нив, среќа што се проретчени, и окрутни грабливци. Ех, кога би можеле јагнињата да сведочат. Што би рекле тие за орловското сфаќање на борбата за живот? Јагнињата, ги оставаат ли орлите рамнодушни пред прашањата за (само)истребувањето?

А не дека не знаат јагнињата, и не само тие, дека од прашања, макар и непријатни, не им паѓа круната на орлите. Некои од нив пак ќе си бидат експоненти на царската власт, други ќе си ја негуваат и натаму охолоста и потлачувањето, трети ќе останат знаци за изопачување на власта. Живот, орловски. Животот не е само гордо да се надлетува. Од друга страна, ако орловската смелост и срчаност била за отфрлање, немало да опстане во сите вредни записи, од древна Персија до денес. Денес, кога од авион ќе здогледате орел, ќе ви се разбуди можеби сомнеж дека малку се прекардашува со увеличувањето на орловските доблести, дека малку повеќе отколку што треба се поткрева неговата моќ, а можеби и не ви изгледа многу разумно орловското запнување за извишување во небесата? Такви дилеми ако изнесете пред некои современи орлиња, ќе ве исколваат кајшто ќе стасаат.

Но, додека се најнаврв, орлите, особено оние двоглавите, си остануваат симболи на врховната власт. Двоглави орли – двоглави умови. Два цара во еден, двојна власт, двоен суверенитет, сè е двојно. Дури и тврдоглавоста и своеглавоста.

Во Македонија, некои орли се драматично проретчени, а некои, обратно – уште подраматично размножени. Што сè не поминало низ канџите на овие, размножените!

Едно време, едни се силеа дека ќе им ги поткаструваа канџите на некои орли, да не би сите да станеме нивни пленови. Беше тоа уште една злоупотреба на Шекспир: многу врева за ништо. Беше Транзиција, немаштија, не се најдоа ножици.

Во меѓувреме зеде замав шминкерството, вклучувајќи го и педикирството. Со мали ножички почнаа да им ги сечат ноктињата не на орлите, туку на некои суштества, речиси заборавени од сите. Таква да ми ти била логиката на политичкото педикирство.



ЛИСИЦИ

Во земја во која има толку кокошарници, кокошки и петлиња, просто е невозможно да нема и лисици. Да чади, а да не горело, бива ли?

И веднаш, уште коковчињата не се расониле, се вели дека лисиците биле полни секакви итроштини. Најчесто се заборава да се додаде дека итроштините на лисиците се секогаш полни со злоба. Се подразбира дека има и други итроманци што мислат дека си ја сокриле злобата под итроштината.

Да не одиме толку далеку, до Далечниот Исток, па да велиме дека лисиците имаат сотонско значење. Ако погледнете подобро, никаде не се омилени, не само меѓу кокошките. Само Индијанците во Јужна Калифорнија ја сметале сребрената лисица за јунак и создател. На други местоа не се слушаат баш убави зборови за лисиците. Еден од заштитните знаци на Англија е прочуениот годишен лов на лисици.
А да не не ги прогонуваат лисиците само поради тнр. агрокултурни штети? Да нè боде очи и нивната похотност, лисичјиот донжуанизам.

Се наоѓаат причини за лисичјата похотност, нема похотност без причина. Лисиците, како што знаеме, се самотнички, живеат сами, си имаат своја територија и речиси не ги минуваат нејзините граници. Секому своето или мене моето, тебе твоето – од тоа се раководат лисиците во секојдневната живеачка. Уште и самотнички. Па, како да не им се сака?

Којзнае дали е научно испитувано што прават лисиците зиме, кога сакале-нејќеле се здружуваат со други лисици? Дали зимата е сезона на разврат меѓу лисиците?

Лисиците секогаш се означуваат како црвени. Не дека зад тоа треба да се бара нешто посебно, ами едноставно – таква им е бојата. Не можете од црвено да направите сино, како што не можете од чавка да направите гулаб. Ако можете, ќе заработувате како волшебник.

Кога на светот и на векот би имало само лисици, не би имало очни доктори. Толку добар вид што имаат лисиците, што дење или ноќе ништо не може да им избега од погледот на златно-жолтите очи, со светнати зеници, како на мачки. А кога се знае дека плус тоа се и многу вешти, нека му ја мислат потенцијалните пленови.

Трчаат, на пример, 70 километри на час, можат да си организираат асли атлетски трки. Но, нив брзината им треба за друго, не за медали од славни трки: брзо го зграпчуваат пленот, а и брзо му збришуваат на оној кој ѓи напаѓа. Дека не се најуспешни во збришувањето пред напаѓачите, сведочат и крзната на бундите на сопругите или љубовниците на напаѓачите.

Кога ловат, лисиците ловат сè. Тоа со кокошките е митологија, да има и прикаски за мали деца. Значи, лисиците не се џимрии и ич не се пребирливи: лапаат глодари, глувци, зајци, риби, а и други мали немоќни животинчиња. Кога нема ништо друго, а може и за додаток – добредојдени се и билките. Да не би да има забуни, си останува дека се подобредојдени кокошките, еребиците, фазаните и нивните јајца, нормално. Субспецијалност им останува влегувањето во кокошарници и здиплувањето по некоја кокошка.

Црвените лисици, дење потиснати на политичката периферија, се активираат приквечер. Сега има и урбани, тоест, ноќни лисици што се среќаваат и по ноќните клубови. Време на промени.

Лисиците се познати тамаќарки. Ако можат едно да изедат, ќе здиплат три. Вишокот го закопуваат (немаат ни обични, ни фрижидери за длабоко замрзнување) и го јадат во кризни времиња.

Има, не дека нема и машки лисици, ама за нив обично се говори во женски род. А машките лисици претпочитаат да ги викаат стар лисец – толку што биле итри. И толку што имале втора совест.

Освен тоа, мнозина сакаат да се прават лисици. По злокобната итроштина некои тоа и одамна се, ама не знаат, се прават дека не знаат, или никој не им кажал.



СТАОРЦИ

Којзнае колку луѓе со лика на стаорци сме се изнагледале во животот! Којзнае колку глувци мизерни ни претрчале пред нозе, не, додуша, како црни мачки, ама сепак не се оставале рамнодушни. Ништо добро не се поврзува со стаорците: на сите им е непријатен нивниот тропот по таваните и долапите, на сите им е непријатна нивната канализациона биографија. На млади години, имав еден пријател на работа кој мошне често за оние кои не му се допаѓаа, каде и да беа во општествената хиерархија, салтуку велеше: стаорци мизерни! Во таа реченица немаше омраза, имаше повеќе мајтап, а највеќе сожалување. Глувци и луѓе на Штајнбек ни беа школска лектира. Секој си читаше на свој начин: некој во глувците бараше човечки црти, други во луѓето бараа глушечки однесувања.

Ноќум, кога ќе се растропаа по таваните, стаорците не вадеа од памет! Личнеа на некаква таванска герила за која не знаеш од која страна ќе те стрефи. Наутро родителите нè смируваа со прикаски дека токму тие, стаорците, во Азија се животни што носат среќа. Ние живеевме во Европа, каде што за стаорците постојат вековни предрасуди. Затоа и не им верувавме многу-многу на таквите азиски приказни.

Знаевме дека некои глувци носат среќа, ама тоа не беа стаорци, ами мали, бели глувчиња. Што на нашите панаѓури ги носеа некои Цигани кои си ги дереа грлата викајќи: миш бели, срећу дели! Имаше и мишеви бели кои грицнуваа по некое ливче од голема кутија за чевли, а на ливчето – цело претсказание на судбината. Кој нема друга занимација, нека верува – така ни велеа оние кои еднаш си ја беа пробале среќата.

Чудни се канализационите мрежи, ама и земските патишта на стаорците.

Стаорците често се доведуваат во врска со разни арамилаци и со богатства стекнати на нечесен начин: лека-полека, гриц-гриц. Од гриц-гриц стаорците најлошо минувтаат оние кои грицкаат стари книги. Многу се здодевни кога дебатираат за книгите: повеќе не разбрале, помалку разбрале, ама највеќе сакат да мудруваат. Стаорец мислител, колку гордо звучи тоа!

Со стаорците има и други, уште поголеми сензации. Можете ли да замислите дека токму стаорецот е второто име на Аполон? Па, сега пекајте и воспевајте ја убавината. Убавино, ти си како стаорец!
Има стаорци со сите бои вапцани: црни, сиви, сиво-белузлави. За најцрни ги есапат нордиските стаорци, што внесува мали забуни, кога се има предвид нагласената русокосост на нордијците.

Стаорците, главно, се подстанари – ја во нордиските земји, ја на југот на Европа, секаде. Чудно, сами си се прогласуваат за подстанари. Претходно прават студиозни прошетки низ домовите каде што има најмногу храна, а најмалку јадачи.

Да не се заборави и да нема после дискриминаторски ломотења: да, има луѓе кои си чуваат стаорци како домашни миленичиња! Ако земеш, зошто пак да не – кога едно ротвајлиште може да биде од милениче помилениче?! Инаку, многу би сакал да ги видам луѓето со стаорците – домашни миленичиња: како се хранат, како се галат и милуваат, како одат на прошетки, ги пуштаат ли некогаш стаорците на слободно корзо низ канализацијата, како се бањаат, има ли специјални стаоречки шампони...?

Сепак, сака внимателно со стаорците: Многу се по грицкањето, и ич не им е гајле што едно нивно гриџнување, на пример, може да пренесе бактерија на црна чума. Там долу Демир Капија...

Дезинфекциите, дезизнескциите и дератизациите стасуваат ли до самите врвови на стаорските гнезда? Сега за сега, не е разгласено за некој случај на самодератизација. Нема стаорец кој занавек не сака да си остане – стаорец. Што лошо видел во животот?



ЛИЛЈАЦИ

Кога ги гледате од далеку, како мини параглајдери се, како да работат на моторче. А ми ти биле обични лилјаци, оние што Штраус толку удобно ги сместил во својата музика.

Арно ама, лилјаците само на сцена се музикални. Вистина, совршени слухисти се, ама не се занимаваат со музика. Повеќе сакаат да летаат. А вистинските, професионални лилјаци летаат цик-цак, по што се разликуваат по оние што ги имитираат. Не е секој скроен за цик-цак шашми. Или шишми, зашто останала навика лилјаците понекогаш да се нарекуваат и шишмиши.

Кога летаат, лилјаците летаат долго, долго, да се умориш што ги гледаш, како вртат кругови, како пикираат, како прават и други бравури.

Едни ги викаат летачки кучиња, други – летачки лисици. Најновите поколенија ги знаат и како бетмени, исто така летачки.

Летачките кучиња не лајат, гракаат страотно, ама не лајат. Слушаат сè, слухот им е од бога, кој им дал само мали очиња со кои не можат да видат речиси ништо, ни дење, ни ноќе. Ама увцата им работат како да се вработени во Шестата управа на УБК. Или некоја таква каде што се прислушкува и што е важно дали е Шеста или Девета?!

Лилјаците се набилдани во мускулите и тоа најмногу во крилјата. Затоа и можат да летаат долго.
Немаат никаква ориентација, како да живеат вон времето и просторот. Заитани, ќе плеснат понекогаш во некој ѕид, во некоја бандера, во некој од високите споменици. Плескањето им се смета како самоубиство, или, не дај боже, како самоубиствен напад.

Бројот на лилјаците катаден расте, особено на лилјачињата. Влегуваме ли тоа во ерата, во цивилизацијата каде што водачи ќе ни бидат лилјаците – толку колку што гледаат. Слушачи можат да не водат на концерти и опери, ама за во живеачката сепак требаат – гледачи, со ококорени очи, а не со очиња гурелави.
Лилјаците се ноќни птици. Ноќта е створена за нив – да се докопаат до пленот, а никој да не ги види. А и ако ги види, тие што ќе ги видат немаат душа од страв, губат здив, лилјаците си се однесуваат како да дошле на игранка, на гости. Додека има такви што во гостите гледаат само добронамерници.

Ако им ќеифне, лилјаците можат да приземјат и авиони полни со патници. Особено ако меѓу патниците има и панични страшливци, а во кој авион нема такви!? Тогаш, на пилотот не му преостанува ништо друго туку цурик назад на пистата, белки таму некој ќе знае на кој начин лилјакот се прошверцувал во авионот.
Лилјаците имаат ушни снајпери. Ловат ноќе, а дење висат главечки кајшто ќе најдат – на стебла, на гранки, во пештери, висат како гроздови на лозница. Меѓу нив има и бабачки, ум да ти штукне. Колку крв им се собира во тоа главите на лилјаците, додека по цел ден висат со главите удолу? Ако одат на часови по фискултура и ако ги тераат да прават само стој на глава – сите ќе имаат само петки.

Во живеачката, тешко е справувањето со лилјаците, а нема место каде што ги нема – од питачи на крстосниците, до костумирани чауши на важни места. Цик-цак и ете ти ги горе!

А ваму се хранеле со овошје, цвеќе, полен и такви ми ти работи (летачките лисици) и со жаби, инсекти и такви ми ти работи (летачките месојади). И од лисиците, и од месојадите, инаку, го видовме аирот.

Малите деца се крстат во Бетмен, облечен во костум на лилјак и му се восхитуваат кога ги заштитува немоќните – старците и децата, жените.

Што знаат малите деца што се лилјаци!
СИЗИФРЕНИЈА
СИЗИФРЕНИЈА

Нема кој да не чул за митот ли, легендата ли, приказната ли (како што милувате) за Сизиф. Тадури и овие нововременските носители на купечки дипломи, магистратури и докторати, кога сакаат умно да глаголат за општествените појави и проблеми, често ја употребуваат „метафората“ – Сизифова работа. Не дека знаат што е тоа, ама начуле нешто, па ред е начуеното да се искористи за промоција на сопствената мудрост, ами како!

Вистинската, изворна приказна за Сизиф е малку замрсена. Едни велат, други одрекуваат: бил син на Еол и татко на Одисеј. Од таквите рекувања и одрекувања се плетат јадри, бабачки јазли на цела една сизифренија. Не се нашле мажи што да ги распетлат толку силните јазли – ни Фројд, ни Јунг, никој. Ако гледаш јазол, не значи дека си го распетлал. И секој што видел јазол, не се нашол автоматски во Гордион, а кел фајде и да се нашол: и оној со острата сабја, многу подоцна наречен воин на коњ, не му можел ништо на јазолот на сизифренијата, а не пак таму некакви туристи стасани во Гордион со скапани автобуси. Просто: попуста работа да ми ти било делањето на Сизиф, од што не треба веднаш да се заклучи дека тој бил бадијалџија. Скраја да е. Попрво: судбина, проклетство, пресуда.

Не е бадијалџиство големата камена топка да ја буткаш угоре и да ја наместиш на врв планина. И не е дека нема да те фати сизифренија кога, баш кога некако ќе го дотуркаш каменот до врвот, тој ќе се струполи, урниса прудолу, кон почетната точка. И сè така, оттука до вечноста, од дамни времиња до Ками, до денот денешен. Од подножјето – до врвот на неуспехот. Како кога севезден садиш, а тоа не врзува, ни никнува, а за цутење ќе попричекаат идните цивилизации. А и иднината, пустата, тешко се препознава: не е еднобојна и до неа не се стасува преку трупа.

Е, во личното си макотрпие Сизиф бргу разбрал дека каменот прудолу секогаш полесно и побрзо се тркала. Па му се поткренала сизифренијата: ако на врвот е иднината, прудолу, кон минатото секогаш е полесно. А и на подножјето се пошироки ливадите за разни народни ора и други гачки за увеселување – ем на народот, ем на сеирџиите меѓу народот. Во себе, како што сведочат мнозина умни, Сизиф никогаш не ја гледал маната: каменот бил пакосен, а тој самиот дури маченик и страдалник, ама не и – злосторник.

Па, за џабе ли бил казнет? Не ќе да е, ако, како што вели древната приказна, го предал баш главниот бог Зевс. Што не значи дека и во оваа прилика треба да се плеткаме во замрсените интригантски игри на Зевс и на боговите и богчињата околу него. Што пак, исто така, не значи дека и денеска нема такви што си се замислуваат Зевсови или зевсчиња, барем. Секој Зевс си има свој Сизиф и секој Сизиф си има свој Зевс. Има ли јасно разграничување меѓу нив, денес? Дали наместо проклетството и казната од Зевс, на пример, Сизиф денес би добил орден за упорност или за тврдоглавост? Каков било, ама орден! Им многу ордени кои првин предизвикуваат самозадоволство и самобендисаност, а потем стануваат зрачилиште на сизифренијата.

Модерните носители на заслуги си мислат дека има прости, како грав, решенија и за најсложените проблеми. Уште едно зрачилиште на сизифренијата.

Кревајќи ја едноставноста на пиедестал, модерните носители на заслуги стануваат алергични на неистомислениците, не сакаат со нив да го споделат напорот и маката во туркањето на камената топка. Нив, неистомислениците, ги множат со нула. А множењето со нула, исто така, е зрачилиште на сизифренијата. Знаеш, а не знаеш дека не можеш сам да го дотуркаш каменот до врвот. Ги викаш оние од минатото, ама тие бргу бргу се претворааат во камени сеќавања и од нив нема никакво фајде во туркањето на каменот кон врвот.

И така, продолжува да трае баучот на сизифренијата. Сите сакаат да вдишат длабоко, ама никој не се чини дикат да остави барем троа од кислородот на разбирачката. Забораваат дека ист бог го повела и качувањето и урнисувањето на каменот. Исто зрачилиште на сизифренијата, во која, сепак се знае кој е Сизиф, престорен во продавач на модерна сизифренија. Купувачите веќе го видоа аирот, а и го гледаат се поизострено. Само иднината се потешко се препознава, среде маглите на сизифренијата.



ИДНИНАТА VS МИНАТОТО?

Ако се преврте метафоричката пирамида на поетот, а и без тоа, би можело да се рече дека иднината не е само она што ќе дојде. И притоа да се има на ум дека топлата вода е измислена уште од векутума века: на мнозина можеби им викале џиш пред да брцнат во топлата вода, ама тие не се обзирале. Така некако почнувал секој устрем кон иднината. Безбели, и денешниот. Толку изарчен во дневните препукувања на ривалите, ако воопшто можат да се наречат така.

Денес ни со боринка не се наоѓа некој кој ќе одрече дека иднината е почната, дека ене ја, доаѓа ли доаѓа. Ем доаѓа, ем потсетува дека – што веќе доаѓа и ќе дојде – треба да се преживее. Иднината ако не се преживее, ич да не доаѓа, ич да не се закачува на тркалото на животот, кое се разбира, не е еднакво со тркалото во луна паркот. Дотолку барем сите се одбираат, разбираат. А во тркалото на животот било и ќе биде: старото станува ново (и без паролите од старото да создадеме ново). Е, сега: новото ќе стане ли поново? Секогаш? Како и колку новото се преточува во иднина?

Во катадневната бркотница има многу сонувачи, асли сонувачи. Ама има и мнгу визионери, самопрогласени визионери. Кои си ги љубат само сопствените соништа, дибидус. На другите им допуштаат да сонуваат бело. Бели соништа, бела иднина? Или безбојна? Многуте соништа и визии, какви-такви, не значат автоматски и иднина. Како што од секое врбово гранче, тадури и од оние кои поседуваат заштитен знак на паметник, свирче не бидува. Јок.

Иднината сака да се препознае. Овде и денес, без одлагање. А сака и да се освои иднината, оти не доаѓа на волшебно килимче. Сака да се изгради иднината – зо разни алатки: од гребло до багер, од дикел до забревтан кипер. А не сака да се позајмува од иднината, сами си го мамат умот тие кои мислат дека можат да ги вратат тие позајмици.

Кога се сака иднината, што всушност се сака? Тераса, Гоцева раса? Мирисот на бронзата, студенилото на мермерот? Се разбира дека не е срамота да се сака, ама сака понекогаш да се има на ум и крајот на една народна за Грозда мома: што се сака, не се зема.

Иднината понекогаш прилега на спортски натпревар: од пропуштени шанси не се прави ни победа, ни иднина. Шансите се создаваат (понекогаш и подаруваат) за да се искористат.

Иднината не се наметнува. Тогаш е тоа само иднина на оној кој наметнува. Иднината не се прави и за инает, ни со вишок тврдоглавост. Во тркалото на животот што се врти кон иднината, понекогаш не треба да се попушта, ама за тоа сака голем усет за време и за вредноста на мигот. Понекогаш, пак, сака и да се попушти, пак во вистинскиот миг. Ако не, ојде возот и сака ново окапување од неизвесност на стариот железнички перон. Цуцул стои на перон, во името на иднината!?

Не е лошо од време на време луѓето да се потсетуваат дека самите си ја грицкаат иднината, како грисини на некоја евтина гозба или како пуканки в кино. Кога се грицка неконтролирано, ти се чини дека грабиш кон иднината, а всушност, се враќаш назад – назад во иднината!

Арно де, грми врви – патот врви. Стига ли е сал еден пат? Патишта без умешни трасери се прават ли? При толкуте дрдорења за иднината, помислува ли некој на децата? Создаваме ли деца на иднината или деца на минатото?

Вечна е трката за водачи во иднината. Небаре е тоа да фатиш дете за рака, па претрчаш некое парче зеленило што останало на патот кон урбаната иднина. Не е мала конкуренцијата и за водачи во сенка. Поарно во ладна ладовина отколку на гола ледина, згора и не разорана. Иднината има се помалку фајде од орачите. Доцна се разбира, во некоја далечна иднина, дека не бива така.

Ако не бива од старите митови, бива ли иднината од некои нови, таканаречени глобалистички митови? Сам човек колку може на овој бели свет застанат на мостот кон иднината? Особено кога знае дека џабе ќе врви преку мостот, ако пред тоа нема едно големо и асолно прочистување? Иднина од валканици не се прави.
Уште колку може и се поднесува ли воопшто чекањето на иднината? Или и таа самата, иднината, ќе збрлави отшто толку ја чекаме?

Запнете малку, изострете го погледот: вистина ли врви возот напред, кон иднината?



ВРЕВА И МОЛК НА МОСТОТ

За некои поети стварноста е сè, други повеќе летаат на крилјата на нестварното. За некои други луѓе пак, кои немаат ама баш никаков допир со поезијата, стварноста е обично тесто за месење и за производство на далавери кои изгледаат нестварни. Таквите се нарекуваат и начекувачи и за нив стварноста е полна темни темнини и тесни сокаци. Во тесните сокаци масите изгледаат помасовни, а во тишината на темните темници хоровите изгледаат побучни. Од една страна. Од друга страна, во темни темници и тесни сокаци некои трети, пак, не дозволуваат никаква масовност, никаква бучава, никакви хорови. Само издишки – од оние препознатливите, надуени со фреон од (само)задоволство.

Во стварноста има сè, па и делби – по сите линии. Не излегуваат од мода делбите (тадури и прозивките) на јунаци викачи и кукавици молчеливци. Јунаците викачи, по правило се хористи, улични гневници, дувачи во свирчиња, удирачи во барабанчиња и тенџериња. Паролите далеку им се слушаат само кога се во хор, поинаку, солистички не фукционираат. Се знае, де, и во најдолната опера во светот што се хористи, а што и кои се солисти.

За солистите се вели дека се молчеливци, дека нивниот глас не дофрла далеку, отшто се плашеле, богати. А што ако баш нив, солистите, нема кој да ги чуе? Вклучувајќи ги и оние кои ги обвинуваат за молчење – да не излезе дека баш тие се наглуви за гласот на солистите? Од едно уво им влегува, од друго им излегува, страстите им се разгорени и исцело свртени кон хористите, викачите од сите бои и од сите сорти, а и на сите места, не само на плоштадите.

И солистите не се едномисленици, едноумието, нели, си го отпеа своето. Едни меѓу нив се прозивачи, други прозивари, трети - преживари. И прозваните се слично поделени. Меѓу сите нив, мнозина многу љубат да си се нарекуваат интелектуалци. Демек, мислечки луѓе. Умни. И како на такви, соло пеењето им се смета за - молчење. И тоа од оние најглувите, а најострастените. Таквите отсекогаш претпочитале да бидат „масовици“.
Мина повеќе од цел век од првообјавата на интелектуализмот на Емил Зола познат во сите учебници под насловот „Обвинувам“. Денеска секоја суша обвинува што и кој ќе му дојде на ум, а секоја сушичка си се смета за интелектуална суша. Барем средношколските лектири да ги прочитале, ајде де. Немале време, биле зафатени, всушност, со бербатењето, мрсењето и излитувањето на поимањето, па и ликот и делото на интелектуалецот. Во неговото впрегнување во партиските кочии, сеедно каде вртат тие на првата раскрисница – лево или десно. Ако не си на кочијата, молчаливко си, кукавица си, сè што е недолично си. А знаат дека не си, ама ѓоа не знаат дека знаат.

Интелектуалноста се докажува под партиско знаме, на партиски митинзи, трибини и слични масовни собирања. Понекогаш се на цена и колумните – зависи чии и зависи во кои весници. Ако се напише нешто во некое списание – речиси и да не се есапи, а ако се напише и цела книга – дибидус не се есапи. Кој денеска чита книги, па баш тие некого да покренат на акција?! Логиката е како грав тетовец: ако си од спротивниот табор си дродорлив простак, ако си од „нашите“, а молчиш, тогаш си предавник. Ѓоа нежно, еуфемистички звучи тоа.

Големите мајстори на кавгите меѓу малите луѓе знаат дека е природно да се критикува власта (особено кога не се на власт), ама се прават дека не знаат дека таа критика автоматски не значи припаѓање и нежно гушкање со спротивниот табор. Тешко би можело да се рече дека тоа е празна неутралност, уште помалку дека е тапење на критичката свест. Како сакаш сврти го, критичката свест не се прави само на плоштадите, ниту со медиумски мегафони. Критичката свест има свои корени и природен развој, континуитет. Повеќе се потпира на аргументи, помалку на гласноговорност, иако и едното и другото си имаат своја цена, вредност. При што секогаш е важно власта да зависи од општеството, од народот – никако обратно. По тоа, на некој начин, и се мери умот на власта: умната власт има слух за критиките, неумната ич не поднесува критики, знае власта, не дека не знае – без критика нема напред. Што е за право, иако работите не стојат баш пата-пата, и опозицијата ја знае приказната за прифаќањето и одбивањето на критиката.

Оние што повеќе љубат хорска врева и не поднесуваат мислечка, солистичка критика, очевидно, се скарале со иднината и застанале на бајката за огледалцето коешто кажувало кој е најубав (и најумен ли?) на светот. Изгубиле од предвид дека нема волшебно огледалце што во историјата кога тогаш нема да се скрши. А од друга страна нè мавтосуваат дека индивидуалецот е столб, и тоа не каков годе, на демократијата. Велат, со право, дека нема колективна вина, на пример. А заслугата само колективна ли мора да биде? Само тимски ли мора да се игра, што е со поединечните спортови?

Обвинетите молчеливци, вистина ли молчат? Нивниот невидлив говор, што толку лефтерно се крсти за молчење, вистина ли е молчење? Или повеќе зборува од нарачателите на хорското вреваџиство во одвај подносливата балканска темнина? Толку ли е безболно некому, туку таа под облака, да му се ампутира правото на безвреваџиско, мислечко мислење, во кое само кусогледите можат низ маглата на изместената диоптирија да препознаат молчење? Божем има само еден вид на говор и на отпор!

Во „меѓународната поделба на трудот“ на мислечкте луѓе не им припаѓа да бидат активистички гласоноговорници, а романите, стихозбирките, есеите и другите книги, да видиш, „активистите“ не ги бројат за ангажман. Хорското пеење има апсолутно предимство, се мисли дека кравите што заеднички мукааат даваат повеќе млеко.

Застанат на мостот над брзаците на нашата стварност, мислечкиот човек е на големи маки – обата брега, имено, сакаат да биде нивни, да го земат „под свое“ а тој сака да си остане свој и самостоен. Не дека не ја знае јачината на обестраната врева, ама и не дека не знае дека одвај може да се рече дека во нашата стварност живурка некаква јавност и дека што и да каже разумен човек, нема никако да влијае врз аздисаните карвани на моќта. Тоа не е дефетизам, тоа е само слика на времето што го живееме. Сè во свое време?



УЛИЦИ И УЛИЧАРИ

Еден мој добар пријател живее во Берлин на улицата Владимир Мајаковски. Не му завидувам баш многу, оти и мојата улица во Скопје, барем засега, носи име на поет – Коле Неделковски. Некогаш за среќа се есапи и да не си приоритетен кога ќе збрлават гумите за бришење на историјата.

Но, уште малку за Берлин. Од улицата Владимир Мајаковски се влегува во еден, што би рекле ние тука, сокак што го носи името на Борис Пастернак, а оттаму во улицата на Петар Илич Чајковски. Веднаш тука е и улицата Фридрих Енгелс. Кој малку подолго талкал низ берлинските улици, знае дека има не една ами неколку улици што го носат името на Карл Маркс. Знаат и дека постои голем плоштад на Роза Луксембург. Знаат, најнакрај, дека еден убав и голем театар во Берлин се вика Максим Горки, а пред театарот, како што прилега, е и Горки излеан во бронза.

А новото време дојде во Берлин пред да стаса тука, кај нас. Дел на тоа ново време во Берлин беше и преименувањето на улиците, ама тоа се направи без таламбаси, со многу дикат – се сменија имињата само на некои безначајни типови, а имињата на великаните никој не ги чепна – ни на улиците, ни на плоштадите, ни во школите. Меѓу другото и затоа улиците во Берлин немаат дупки, а баш деновиве, во јуни, главните улици опојно мирисаат на липов цвет. Миризливи улици.

По калдрми, по тесни и темни сокаци, по макадами, којзнае уште како не, новото време стаса и на нашите улици, такви какви што се и какви што можат да бидат. Сцена на уличните артисти, на пример.

Улиците, инаку, малку личат на старите тетратки по тесни и широки. Не се толку дирек-прави, ама, ги има и тесни, и широки. Тадури и булевари. Некои се асфалтирани, некои поплочени. Како да им е поудобно на поплочените – тие барем можат да бидат поплочени и со спомените на многу поколенија кои пораснале и врвеле на улиците. Спомените вградени во асфалтот на улиците се некако згмечени спомени.

Има живи и живуркави улици. Живите се прометни, речиси со деноноќна врева, престорени во мобилни канцеларии на новопечените бизнисмени и газди. Живуркавите – тажни сврталишта на сиромасите, а има и бетер – пусти улици, заборавени од сите, тадури и од нивните жители.

За улиците се напишани недобројни песни, раскази, романи. Најпознатата повест на нашиот Славко Јаневски носи наслов Улица. Којзнае дали самиот Јаневски има улица во родниот град.

Секоја улица е дел од биографијата на секој град. Секоја улица е дел од нашиот идентитет, од идентитетот на нејзините жители, но и на сите кои катаден врват низ улиците – ја пеша, ја со автомобили. Кога се врви низ улиците, всушност, се врви низ времето, се оставаат знаци за распознавање на времето. Затоа секоја улица си има свој именден. И си го варди името, оти се знае дека не е паднато од небо, оти му припаѓа на великан. А великан не се станува по ничија директива, саде со дела.

Има времиња и силници кои се занесуваат дека баш од Бога им е дадено, чекорите од нивните копуци да ги вградуваат знаците за распознавање на градовите. За таквите е важно да станат и да останат кумови, да крстат, ете и улици. А немаат време да бројат колку народ исфрлиле на улиците, тоест, оставиле без работа. И колку луѓе снеможено останале на улица, удирајќи си ја главата како ќе го протуркаат денот, не месецот. Такви станаа нашите улици, и никакво преименување не им го сокрива срамот. Не е литературна измислица ако се каже дека и улиците знаат да се срамат, знаат кој чекори и кој се топори по нив. Улиците и ноќум ги чувствуваат светлините на животот, ама нешто сè помалку се осветлени.

Исто така, не е литературна измислица ако се каже дека улиците се чувствителни, па понекогаш и плачат. Си ја оплакуваат судбината, цели улици плачат од новопечените кумови. Улиците се чувствителни и кога некој, демек од педагошки причини, ќе рече дека не треба да се дозволи децата да ни ги воспитува улицата.
Сите кои врват по улиците не се уличари. Ама на уличарите не им успева да се камуфлираат и да се престоруваат во нормални минувачи. Што и да се, на која ритка да се искачиле, уличарите си се уличари: дома не се прибираат, постојано се моткаат и ги мерат улиците. Демек, асли мангупи, прваци по раскалашеност и непристојност.

Улиците не ги личи без улични свирачи. Како што не личи нивната музика да е сè потажна, сè попразна, скоро глува. И минувачите, и свирачите, нема кој не знае – џабе таблите со нови имиња, кога улиците се полни со питачи и бездомници. А и животот, богами, долго трае. Некои печати си мислат дека се вечни, ама бргу бледнеат. Во историјата на улиците има многу вратки на направени вратки.



ДИЈАЛОГ И ДВОУМЕЊЕ   

Има разни крстосници (со семафори и без семафори, на пример, со патокази и без патокази) и до нив се доаѓа на разни начини. На крстосницата секогаш е важно која посока ќе ја фатите. Затоа и двоумењата на секоја крстосница, затоа и дијалогот, макар сам со себе.

На некои крстосници се доаѓа бодро, со победоносен бајрак, на други пак – уморно, тадури двојно уморно: и од победниците, и од победените. Крстосницата е заедничка, ама секому му изгледа – поинаква. А баш оти е заедничка крстосницата и судбината од посоката што ќе се избере, важно е да се прозбори некоја пред да се избере посоката. Лесно е да кинисаш си мислиш дека те води самиот Господ, да не фермаш никого, оти си мислиш дека лично Врховниот ти вели дека само ти знаеш и како таков зналец си ја избрал посоката која води директно во вечноста. Арно ама, животот и не мора ептен долго да трае за да се види дека кусовечни биле жиците на виолините и басовите кои ги свиреле маршовите на вечно среќната, рајска иднина. Свирачите на одите за светлата иднина не се бираат меѓу оние кои одвај врзуваат неколку такта од новокомпонирани песни, главно патриотски, ами какви!?

Долговечноста на избраната посока не се мери со мандатни отсечки. Она што на најобична крстосница некому денес му изгледа како избор на најсреќна и најбериќетна иднина, на крајот на баладата може да се престори во корзо на легиони од црви, лазачи и грицкачи на убави идеи. Од анализа на состојбата на црвите тогаш, бездруго, ќе може да се прави анамнеза на готвачите на нивната наслага, ама ќел фајде од тоа – овде и денес?

Да се скрши збор-два пред да се избере посоката, не значи обично задоволување на формата. Минато е времето на празните дијалози, сетики и на пизмите, иако најтешко се откажуваме од нив. Понекогаш во историјата се случува нешто што просто – се наложува како неопходна потреба, без многу филозофирања. Понекогаш толку неопходните дијалози започнуваат со дијалог самиот со себе, со самоиспитување наместо со будалесто самохипнотизирање. Понекогаш, баш во судбоносните мигови на крстосницата, сака да се запре со арогантниот дијалог и пречкање со мртвите, оти од тоа не се крепи ни самохипнотизирањето.

Ехееј, непрегледни се полињата на можните дијалози, што се гледа и со површен поглед врз светскиот глобус. Дијалозите не се дијалози ако се водат на подбишега, ако едни со други си играат мајтап – без меѓу два зајадливи мајтапџиски гриза да скршат барем некој разбран  збор. Имате ли впечаток во оваа непрегледна ревија на суети дека некој со некого воопшто разговара – тајно, јавно, како било? Колку за пример, разговарате ли вие со вашиот сосед, со колегата на работа? Ако разговорот во најголем број е позитивен, во што е тогаш проблемот? Како едни од други успеваат да ги сокријат каналите на логичното размислување и сè да туркаат во канализацијата?

Кога ќе се најдат на крстосница, како некои умеат да ги изберат баш лажните крстосници кои директно водат кон нови и нови заблуди? Плукни во минтото и кинисај без компас, со надеж дека сигурно ќе стасаш на ветеното место! А пред да плукнеш, помислуваш ли дека и плунката ако не баш веднаш, тогаш секако некогаш ќе се исуши, ќе стане минато, полигон за нови плукачи, ако се размножуваат таквите?

Одбирањето на посоката е еден вид демаскирање, што неизбежно следува. Од такви демаскирања потем се (пре)создава историјата и тука веќе нема алиш-вериш. Од чавка гулаб не бидува, ни од новото старо не бидува, ниту од новите аршини бидува еталон за старите состојби. Некои работи од минатото, вистина, се повторуваат, ама сите што малку од малку се одбираат знаат дека тоа не е – иднина. Башка и минатото дали го имало баш такво какво што се прикажува и ако не било, може ли како такво да биде иднината? А, и да речеме дека нешто личи на нешто – што станува со духот на времето, со духот на нашето време? Кој е минимумот на чесност во духот на нашето време, што делотворно може да го покрене дијалогот? Колку количини на чесност има и во барањето некој постојанои да се согласува со вас, како и вие постојано да се согласувате со некого, оти таква била реалноста? Има ли дијалог без почитување? Најсетне: има ли дијалог и без самопочитување? Чуму трубењето за дијалогот, ако од него не никне зрното на (само)освестувањето – овде и тука, ама и на други места.



СО СИЛА ИСТИ

Во грмушките на историјата, сетики откога постои таа, има итреци и мајстори со навидум проста задача: на ловецот да му велат да пука, а на зајакот, веќе нанишанет – да ја спрашти?

Има ли некакво зрнце вистина од ова засеано, а не пркнато колку што треба, на широките полиња на Транзицијата, каде што едно парче, одвај оградено, ни припаѓа и нам? Ако сево ова треба да трае оттука до вечноста – каде е вечноста, каква лика има таа? Колку Црвенкапи има на патот до вечноста? Кој е ловецот, а кој зајакот?

Ова нашево, заборавено ќоше на Европа, не било скудно со тегобности од разни видови и уште поразни тежини. Една од нив секако беше топтан постројувањето во Транзиционите редици на Источна Европа, божем самите ние, а уште повеќе силните Транзициони Постројувачи, не знаеја дека не беше баш сè што беше малку или малку повеќе на исток – Источна Европа. Од самиот почеток заглавивме како во рибарска мрежа во која, кога ќе се извлече на брегот, има и капиталци, и пастрмки, и мрени, и плашици. Рибите си се риби, ама не се сите риби исти. Така некако беше и со државите наредени на стартните позиции на патеките на Транзицијата. Ама некој сакаше, некому можеби му беше полесно – сите да ги брои топтан. Сите нека потскокнуваат, ѓоа весело, фатени во она орото: топтан, топтан, кисело млеко... Лицата и онака ни беа веќе асолно скиселени, а тукушто почнавме да го береме – како онаа кутрата Пара – киселецот на историјата.
Нешто скиселува веднаш и некои држави, се виде, скиселуваат веднаш. По стотина години ќе се знае зошто, ама никој од урнисаните и скиселените нема да има фајде од тоа. Башка што: ја ќе зе знае – ја нема да се знае. И обично така бидува.

Не само новите врапци, стрвно расколвани во затекнатите комунистички кабинети, ами и најобичните политички анафалбети (и со такви не беше скудна Транзицијата) знаеја дека Југославија, иако веќе распадната, не беше што и земјите од тнр. Источен блок – која и да ја земевте за пример, од Албанија, Бугарија и Романија, дури до Русија. Знаеја ама не знаеја дека знаат. Што, меѓу другото, се виде и во некои важни сегменти на распаѓањето: колку книги, на пример, како забранети во она време се објавија тука, а колку другаде? Што тоа го натера дисидентот од соседниот север, писателот и филмски режисер Живоин Павловиќ, пред смртта да рече дека југословенското време (да, тоа Титовото) беше Периклово доба во однос на она што сега, по распадот, го живееме? Што тоа, од друга страна, едновремено го крепеше опортунизмот и и зошто мнозина се правеа дека не се оттука кога кој кога ќе му текнеше, ќе повлекуваше равенства меѓу светските комунистички искуства? Скраја од помислата дека Југославија беше безгрешна, дека беше пролетен багремарник и сета мирисаше на мед и млеко, ама баш источноевропските дисиденти во тие времиња за свои лозунзи и идеали го истакнуваа самоуправувањето. Никогаш не беше обратно. Како во оние вицевите за слепците што од југословенските злодела по грешка бегале на Исток, а сонцето севезден било на Запад. Нивните весници имаа по четири до шест странички (празничните изданија по осум) а нашите најмалку по петпати повеќе.

Впрочем, се покажува последниве години и на други подрачја, дека тнр. големи стратези многу милуваат нештата да ги поедноставуваат и да ги гледаат црно-бело. Кој ќе се бафта сега со спектрални нијанси, ајдете, ви се молам! Јал не јал три и пол и – квит.

Безбели, како што нема потреба да се кријат гнасотилаците на стариот систем, нема ни потреба од толкави количества отров во бунарите на тоа време. Не само поради прадедовските пораки дека не е на арно плукањето во стариот бунар. Повеќе со изедначувањето на квалитетот на водата од нашиот бунар, со квалитетот на водата од соседните бунари. Правејќи безочни изедначувања, некои незнајковци и патентирани мразачи лефтерно, како да се работи за тукушто испилено пиле, ја ампутираа и уште запинаат да ни го ампутираат животот, да ни ја ампутираат историјата која сведочи за разликите. Поништувањето на разликите значи и затворање на отворот кон дел од минатото, а како да сака да каже дека не се наоѓа минато врз кое не се нафрлаат џелати, од дедо Ное па којзнае до кога.

Ние уште се маткаме со Транзицијата и никој жив тука не знае каков ден ќе изгрее утре, а за задутре се навикнуваме да размислуваме како за далечна иднина. Каков покров ќе се изнајде за сè што било?
Не дека немаме автентични гревови и глупости. Ама и онака елегантно, со нескриено милосрдие и добрина, некои пријатели повеќе нè учеа кој и како ги измислил ножиците, а не како се прави костум. А можеби знаат дека белки сè уште не е доцна за освестување и за дефинитивно затнување на устата на оној папагал кој ќе замине во пензија салтуку повторувајќи: сите се исти, исти... А види мајката, некои во меѓувреме од исти станаа поисти. И обратно.



КАРАКТЕРНИ ОСОБИНИ

Трпение спасение, рекол некој нашинец некогаш. Пред или по првата крштевка на која е крстен Трпе, сеедно. Оттогаш, лека полека, изденуден, како што се тркала времето, трпењето, и тоа долготрајното, станува наша карактерна особина. Секој сам може да пресуди дали е тоа за машала. Или за уште едно наведнување на главата пред изгрејсонцето на новиот ден.

Долгото трпење, најчесто, води кон реката на заборавот. И во таа река не се влегува двапати, што рекол древниот учен. Ама стига е и еднаш – да се заплови на лаѓата на самозалажувањето. Демек, што и да е, како и да е – еден ден сè ќе се заборави. Заборавот е кладенец на нашето уште подолго трпење. Луѓе и обичаи, рожби на стари заборави и градители на нови далдисувања. Младината тука служи не да се оттргне од заборавањето и да зачекори кон нови висови, ами да има за кого да речеме дека ги продолжува славните традиции на трпењето. А и да има кого да прекориме за распрденост, од која некогаш последиците влегуваат во историјата. Младите тука служат и да бидат плукани в лице поради нивните татковци, со време да сфатат дека запчаниците на машините за производство на виновници се незапирливи. Перпетум мобиле.
Младината тука е непресушен извор на нови јунаци во борбата за минатото. Чувањето на традицијата тука се сфаќа како приклештување за минатото, не како исчекор во иднината, со поуки од минатото во малото џепче. Чувањето на традицијата тука значи свежо да се памети боздоганот на Крале Марко, а да ги снема од паметењето оние што нè описмениле, што ни создале букви и азбука. Стига е да знаете за великото коњско име Букефал, а што има да си го оптоварувате умот со имиња на учени, писмени. А и некои од учителите ги качивме на коњи, безимени коњи, ама коњи. Време на коњите.

Така учени, денес доучуваме како се станува и колку убаво да ми ти било да си заточеник на власта. А ваму, демократијата дошла, со сите таламбаси, само ние не сме го виделе тоа. Таму пак, во демократијата, учат и доучуваат обратно: власта да е заточеник на народот. Зависи од народот, не се рекло џабе – каков народ, таква власт. Може и обратно, еписибир.

Ако е за право, сите луѓе на светот имаат власт. И сите луѓе на светот, на овој или оној начин, ја поднесуваат власта, некои и влијаат врз власта. Таксиратлии се оние кои набасале на глува власт, која ги одзатнува ушите само кога сака да чуе колку и’ се воодушевувате.

Трпењето, како што се знае, не е мрза. Напротив. Пекаат луѓе за работа, ама само пекаат, не работат. Поточно: нема што да работат. Трпењето не носело нови работни места.

И лажењето ни станува карактерна особина. Се лаже на ангро. Секој и секого го матка за нешто. Лажат и медиумите. Како што велеше еден шегобиец во едни дамнешни времиња, кога исто така се лажеше, сетики помалку и со повеќе усул – само датумот им е точен на медиумите, а и него понекогаш го грешат. Некој беше рекол дека одвај може да се верува и во жалните вести во весниците, ете дотаму стасала нашата лажачка карактерна особина.

Каде што многу се лаже, зборот го губи значењето, животот се претвора во сува полјана во која пеплосуваат гласовите на осамениците. Таму јавноста губи секакво значење. Што и да кажете, исто ви се фаќа – како ништо да не сте кажале.

Уште малку, па ќе се фалотиме со тоа што не ги сајкалиме предизвиците на 21-от век. Запињаме некако да стасаме до крајот на 19-от век.

Ако продолжиме како што сме кинисале, бргу-бргу ќе видиме дека, всушност, не знаеме да покажуваме нанапред. Наместо со покажувања, се мавтосуваме со поткажувања од стари и најнови датуми.
Инаку, пукаат уши од барабаните на демократијата. Дозиметрите на слободата одвај издржуваат да не се прелеат, од толкава слободарска бујност.
ПОМИЈА(РНИК)
ПОМИЈА(РНИК)

Кој што знае што е помија, знае и што е помијарник. И каде што има помија ( а останува помија и од кујните на најпрочуените готвачи), не ја бидува без помијарник. Макар што не е докажано дека е добро сета помија де се истури во помијарник. Има и други нешта што се прават со помијата, без помијарник. Чистотата на садовите е основната поттикнувачка при секое спомнување на помијата и помијарникот. Чистотата често пати е повеќе од половина здравје. Затоа и сака, покрај чисти садови - и чист образ, и чиста душа, па и чисти сметки (долга љубов)...

Има времиња кога растат количествата помија и бројот на помијарниците. Има парадокси, во историјата, кога баш среде сиромаштија растат количествата помија. Тоа можеби и не би се видело, кога наместо во помијарник, помијата не би се истурала секаде, кому каде ќе му текне, со што грубо се деградира улогата на помијарникот. Или, би можело да се рече - помијарник се прави од сè: и од контејнерите, и од затскриените ќошиња, и од ливадите покрај патот. Ама баш од сè, тадури и од некои места каде што се собираат избраниците на народот. Вистина, на таквите места во главната улога е пизмата, но одвреме навреме ќе се истури и по некоја помија, без око да му трепне на истурачот, ако пак тој воопшто е и свесен дека и од зборовите се прави помија. Чудна помија: од остатоци од пизма немерена и од хистерија. Навистина чудна помија: живо сведоштво дека има и такви кои по мермерни скали и црвени теписи се качуваат угоре, на важни места, без да си го понесат со себе врзопчето домашно воспитание. Првин се изодува патеката на домашното воспитание, а многу отпосле блескавите патеки на моќта и надмената дрскост. Тие чекори секој мора да си ги помине сам, шашмите тука бргу излегуваат на бела виделина и ги покажуваат сите дупки за кои наивно се мисли дека моќта магично ги покрива, онака - окус покус препарандус и нема веќе дупки во домашното воспитание. Има, има!

Кога не се избира, дибидус не се избира каде се истура помијата на домашното невоспитание: врз луѓе угледни, врз луѓе постари, тадури и врз луѓе мртви. Се разбира, не мора секој да ги сака луѓето умни, угледни и постари, ама тоа не значи дека секој може да им истура помија врз ликата и делото. И кога си им рамен на нив не бива така, а не пак кога не си им до колена. А за мртвите пак, сетики не се вели од дамнини, од кога постојат мртвите - за нив само најдобро.

Арно ама, ние не би биле ние ако кај нас и мртвите не треба да бидат претпазливи и да се вардат од бесот на истурачите на помии. И да е барем само од нив. Не им е лесно на некои мртви кај нас, каде што - да се парафразира еден умен - бргу се стемнува.

Почитувањето на мртвите Софокле го беше нарекол свет закон, ама кој ќе се бафта сега со некој си Софокле, кој, не знаел, на пример, дека почитувањето на законите може да биде селективно, што не ги исклучува и светите закони. Инаку, меѓу истурачите на помија ќе препознаете и горди почитувачи на антиката, ама, ако се може - без оваа мисла на Софокле и неговите Антигони и други хероини. Стига им е ним Охридско лето и фестивалот на античка драма во Стоби. Да се допрецизира, за секој случај: античкиот локалитет Стоби, а не истоимената винарска визба.

Истурачите на помија често се доброволци, често се луѓе од задача, а кога убаво ќе се погледне - не им е целта да го вџашуваат недолжниот народ, туку многу повеќе да продрат, да го раздробат здравото ткиво на општеството. Кој ги создал такви какви што се? И каков одговор очекуваат: на помијата со помија? Кога сите би се препелкале во помијарникот, значи ли тоа дека всушност никој нема да е извалкан од помија, дека сите се исти? Со таков есап на ајван пазар не се излегува, а не пак да се влегува во политички супермаркет.
Така било судено: во живеачката да набасуваме на непријатни миризби, ај да не се рече смрдежи, од разни помии, за кои веќе е кажано дека се истураат и таму каде што не треба, а и врз луѓе врз кои не треба. Да се тешиме ли со сознајбата дека еве и во овој миг, додека се привршува овој текст, сегашноста бргу минува и станува минато? А секое минато на буди чувство на гордост, има и минато од срам и за срам. Од помија минато никој не неправил.

И истурачите на помија, се разбира, стануваат невидливи, безимени и безначајни сенки. Скраја да и е ладовината на иднината од таквите сенки.



СУФЛЕРАЈ

Се тркала животот, до последната капка минато. И до последната дамка на и од минатото, оти минато без дамки не било минато – такви се узусите на сегашноста. Која, пак, утре ќе стане минато. И се така во круг. А сите кругови не се волшебни, магични. А и да се – круговите си остануваат кругови, некои само привремено светнуваат врз спотнатите чела на самобендисаните современи триумфалисти.

Сосе животот, се тркалаат и прашања, цели дрвореди од прашања – оттука до Стамбол. На пример: од каде толкав вишок на омраза, на агресивност врз минатото? Зошто и од каде толкав кусок на знаење – не само за мнатото? Зошто некои мислат дека толку лесно се стекнуваат тапии, мајсторски уверенија, за месење на минатото? Гледаат ли дека конечниот производ е, всушност – онаа празна дупка што ја има секој ѓеврек, па и ѓеврекот на минатото?

Каде што има прашања има или барем би требало да има одговори. Јасни и гласни. Баш како што бараат таламбасите за транспарентност од кои на луѓето им пукаат ушните тапанчиња. И тапаништа да се, пак ќе пукнат, како кога некој тапанџија пресилно ќе ги рокне на свадба.

Татнежите на таламбасите, сепак, не можат да сокријат една ем појава, ем професија што се развива во раните фази на демократијата. Колку повеќе таламбаси – толку повеќе суфлери и суфлерај. Од што некој ќе извлече заклучок дека живееме во време – театар. И нема да е многу далеку од вистината. Особено кога, згора на сè, ќе осознае дека и бројот на режисерите не е којзнае колку помал од бројот на суфлерите. Но, режисерите се друга фела, истопорена на исти даски живот што значеле. Без оглед на нивната гнилост ли?
Суфлерајот не е молерај, па да се види веднаш каде попуштила раката на мајсторот. Суфлерајот знае дека без него станува карма-караши од репликите, па си ја крева цената, а рангот, природно, си го смета – уметнички. Шепотењето отсекогаш имало уметнички амбиции, нарочно во животот – театар. Има претстави кои велат дека животот е сон, ама животот учи дека сонот, кога ќе се оддолжи, се претвора во кома. Оди па разбуди се потем, ако си маж! А, знаете, има е театарски илузии.

Нема суфлер што не е отровно каснат од змијата во мислата на неговиот господар. Барем во тоа не треба да се убедуваме – дека има господари со змии во мислите. Бродски на едно место вели дека песот си го слуша гласот на својот господар. Така некако е и со суфлерот. Тадури, има суфлери што го знаат наизуст гласот на господарот, пред тој да отвори уста. Тесна специјалност на таквите суфлери им се епските успеси, расклокотените води на залажувањето.

Има емотивни суфлери, ама и суфлери постудени од надгробни камења. Овие студените се прават дека не се оттука, се прават дека се само дел од публиката, ама оние кои се разбираат од суфлерај бргу-бргу ги препознаваат. Суфлерот си е суфлер, ако сака понекогаш и да окапе во публиката. Има и такви претставленија. Како што има и претставленија со суфлери – двоцевки: на ловџијата му шепотат да пука, а на зајакот да бега.

Суфлерајот добива на цена кога ќе се згусти. Тогаш згуснува и бројот на суфлерите, а слушачите, им стојат на располагање: како првпат да се на сцена, како да не знаат ни зборче од текстот. Трема? Страв? Во такви ситуации, кој навистина нема сопствен лавеж: суфлерот ли, слушачот ли? На крајот на претставата, господарот белки нешто ќе каже и на таа тема.

Во меѓувреме публиката е малку подвоздржана. Некои се прашуваат ни се случува ли пред очи замена на жанрот, или што би било уште полошо – само замена на формите на шепотење и говорење? Ако се тркалаш од сртот прудолу, има ли суштествено значење на која страна ќе се стркалаш? И кога се тркалаш прудолу, како ли звучи суфлирањето за триумфите, кое, подоцна, нели од суфлирање станува силна говоранција, со мегафони и со сите салтанати?

Суфлерајот понекогаш во силен уметнички занес си помислува дека е на директна линија со Господ. Како од шега го прескокнува режисерот сосе неговите помошници. Збрката е веќе замесена и тогаш Господ нека не варди и од суфлерајот, и од режисерот, а и од господарот.



ЗАСТАНАТО ВРЕМЕ

Едните врескаат на митинзи, другите дрдорат на прес-конференции. Катаден. И не само денес, не од вчера. Откога почна Транзицијата траат ривалските панаѓури. Затоа и не е баш без врска прашањето: Транзицијата, застанато време ли е? Покрај сите времиња (минати, сегашни, идни...) и застанато време ли има? Која му е одредницата, како се препознава? Личи ли на застоена летна жега, или можеби на занемено пладне во каубојските филмови кога ни ливче не трепнува пред да почне двобојот?

Кога гледаме што сонуваме а што ни се случува, нели посилно запнуваме да го негуваме минатото во оваа беспоштедна пресметка со сегашноста? А пресметката со сегашноста, значи ли одлагање на иднината, во која на сите ни следува да се сториме зрно песок во пустина? Може ли да се одложи иднината, ако не се одложи сегашноста, сосе сите валканици?

Нема меѓу нас кој да не сака нешто. Тоа што го сакаме, всушност, кажува кои сме ние самите. Затоа и ни е дадено да сакаме нешто. Ретки меѓу нас умеат толку страствено да сакаат, што да станат, дури, дел од тоа што го сакаат. Така на времето велеше еден поет. На времето и поетите беа сакани. Сега се сакаат онака патем, колку да се рече дека се сакаат, да им се поггали само суетата, но тоа е друга тема.

Сите ломотат нешто за слободи и правдини, сите се токмат за победници. Знае ли некој во ова време да поднесува порази? И ако не знае, може ли таков да биде учител на слободата? Џабе ли, кога се учи човек да скија, првин се учи да паѓа?

Слободите и правдините, демократијата, не се за обезначување на луѓето, не се за луѓето да бегаат од гладта. А и каде да бегаат? Бегањето во себе, бегство ли е? Допирањето на маглите на иднината, зацапување во слободите и правдините ли е? Понекогаш и за мнозина – токму спротивното?

Каде тогаш, назад? Како онаа Калина во народната песна? А и способноста за враќање назад, нели е нова пресметка? Колку повеќе наназад, толку повеќе покажување на напумпани мускули и растроени нерви? А не мора баш назад за да се растројат нервите, стига се сегашните ценоскоци во фонтаните на сиромаштијата.
Низ водената прашина на водоскоците (и ценоскоците) одвај се гледаат едно чудо хористи, зависници од хорското пеење. Се разбира, кога диригентот ќе даде знак. Си мислат: хорското пеење е синтеза на сите пеења. Си мислат: сите птици гракаат, ама само оние што се во хорот се навистина ретки птици. И не е да не се ретки. А само на ретките им следуваат добри хонорари. Другите учествуваат на локалните натревари на аматерските хорови.

Ретките птици, со време, се навикнуваат да летаат само високо, тамам колку да се на дистанца од стварноста. Итаат, итаат, павтаат со тоа крилјата, дури не сфатат дека играта завршува на рамото на баналноста на диригентите. Тогаш го истрошиле времето за летање ретките птици. Не дека не се офајдиле малку, ама веќе не личат ни на маалски птици, со толку упадливо искубени пердуви.

Барабар со хорското пеење, од дамнини, се топорат и куклите на конец. Секоја политика милува свилен конец, онака, традиционално. Некој рекол дека баш од свилен конец се прават два типа лулки – на оттуѓување и на самоотуѓување. Изборот е слободен, та нели за слободниот избор е борбата!?

Хористи, диригенти, кукли и куклари и којзнае уште колку на нив слични, до „упицанетите“ измеќари и измеќарки, во некое минато време би биле висококвалификувани исправачи на домашните криви Дрини. А со погледи секогаш свртени надвор, не од завист, ами, онака, наперчено – оти баш тие се одбрани за хористи и кукли на конец.

Мнозина иматели на веќе наполнети (од друг) кредитни картички, не дофрлаат далеку со погледот – ако се вешти шиткачи на далекувидост. Ни стебло, ни шума гледаат и догледуваат. Допуштаат, дури се радуваат да ги јаваат како ислужени магариња, само и само да им се исполни животниот сон – да се чуе за нив, да се збори за нив, макар и лошо, како што беше било речено.

Во тек е конкурсот за совесни ноќни чувари на исчашени сништа, коишто предизвикуваат џимкања и потења. Безбели ќе има и наградна игра со едно многу старо прашање: оној што мисли дека ја дофатил слободата, слободен човек ли е?

На вештите препишувачи око не им трепнува пред ваквите прашања.



НОВОПРОИЗВЕДЕНИ

На времето, во бившата ни татковина од која историјата исечка вкусна салата, на времето, значи, имаше некакви свечености на крајот на учебните години во воените академии, кога дипломците ги „произведуваа“ во чин потпоручник. На тие „произведувања“ се зачнуваа генералските соништа на тукушто „произведените“
Времињата се сменија, многу матежи протекоа низ реките, сега ту имаме ту немаме воени академии, ама „произведувањето“ во чинови не сме го заборавиле, макар што она другото производство, сосе БДП-то, нешто ни трокира, ни опаѓа. Ни опаѓаат и некои други работи - од некогаш бујните коси, па сè до моралот на пример, а и до меракот. Другото и така и така, никој, нели, не е совршен, ама меракот не е за паѓање, сак'н!
Нема-нема, туку некого ќе произведат во писател, друг сам ќе си се прогласи за принц на нешто што и тој самиот тој не го разбира, трети веќе се станати плоштадски излагачи на бронзено-мермерни делкања, и сè така, од тука до Охрид преку Зајас.

Произведените, откако ќе ја изглодаат фрлената (одозгора) коска, без вина виновни си мислат - дошло време и тие да произведуваат некого: во епигонче, во гласачко шрафче, во гениј во изградба. Регистерот на лажните ветувања е бесконечен, што, да биде белјата поголема, воопшто не значи дека производството подзастанува, производството во тнр. духовна сфера. Напрoтив.

Новите производители првин ги плукаат оние постарите: срам и арам да им било, кај баш нив ги избрале, тогаш, одамна, за шефчиња и директорчиња, небаре намерно било тоа, за сега да не можат на раат да си произведуваат нови послушници и извршители. Бре, бре, колку видовити биле старите „произведени“ уште тогаш знаеле дека сè ќе отиде во мајчина му, па правеле од криви врби шупелки, како некадарни да бидат искомпромитирани кога подоцна, среде расцутот на демократијата, ќе се пројавуваат како нови „производители“ или производството ќе го туркаат потајум, по мрачните подруми на зломислата.

На оние кои сега со леснотија се „произведуваат“ им се фрлаат коски, секогаш една коска на две кучиња, очи да извадат за неа, до крв да се испокасаат каде што ќе стасаат. Колку повеќе крв во борбата за една обична коска, толку поголема наслада на нарачателите, секогаш мандарински замислени за судбината на народот и за бојата на иднината. Не е ни чудо што борбата на кучиња станува врвна атракција во некои наши предели. Паѓаат големи облоги додека кучињата крварат.

Колку што вреват на борбите на кучиња, новопроизведените уште повеќе милуваат да мудруваат кога борбите ќе стивнат. Се мачат да кажуваат зборови што треба да се кажат, што ќе им ги разгалат ушите магарешки, ја, онолкави, на нивните главатари! Да им го направат ќеифот на главатарите измислуваат дури и сонови, божем којзнае каков ќелепур е тоа.

А ќе уловат некој слободен миг, новопроизведените навалуваат да се сликаат: сликите им излегуваат наместени, позираат како што ќе им текне и каде што ќе им текне, пред паметниците за чиишто фалби си ги одрале грлата, а и пред сите недвижнини што ги стекнале сега, во најново време, со толку труд и мака, просто да ги жалиш и да не успееш да ги дожалиш, толку што се измачиле! Позирањето ретко кога било неконјуктурна работа.

Тие весело си позираат и воопшто не забележуваат дека оклината ни станува едно огромно живеалиште на простаци и примитивци, предводени од новопроизведените. Местото за живеење ни станува како измислено за будалетинки од секаков вид.

Будалетинки, будалетинки, ама не ептен будали, кога за занимање го одбираат новопроизведеното, исто така, канење - да мразиме заедно, да пизмиме заедно, не мора баш да знаеме што и зошто, ама да мразиме, во името на иднната. Новопроизведените, баш кога ќе помислш дека ти се насмевнува среќата, ќе пуштат патот да ти го пресече некој ќумур црн мачор.

Некои од новопроизведените бргу-бргу, уште не огреало сонцето, стануваат експерти за поткревање на етничката гордост и за врзување јазли на меѓуетничката нетрпеливост. Доктори, професори - новопроизведени, барем сега таа работа врви лесно и набрзинка, иднната нема време за чекање.
Белосветскте експерти се трпеливи трагачи по аргументи, а нашите новопроизведени веднаш стануваат вреваџии кои проповедаат живот еден против друг. Кој го ферма Рацин и неговото „цел свет куќа ми е“, од многу брзање новопроизведените експерти немале време за Рацин, ни за Конески, ни за другите. Еден ден, можеби... сè бидува н овој бели свет. Поголема им е радоста кога ќе им намигне некој главатар, отколку срамот што не го прочитале Рацин.

Новопроизведените паралелно живеат најмалку два живота: претпладне, додека го сркаат утринското кафе, се нуркаат во фонтаните на животот, а попладне, додека локаат жолта или некое ново сортно вино, од очите им искри омраза. Тогаш покажуваат заби и просто мамат да им ги искршиш забите, барем насмевките нема да им се толку монструозни.

Плоштадите и шеталиштата ни се преплавија со шиткачи на погрешни идеи. Мислители биле, велат. И како такви, си мислат, им е дозволено да кажат сè. Небаре мислата е еден обичен петочен прдеж. Од толку и такво мислење, на новопроизведените не им текнува една илјадапати проверена вистина - погрешните идеи завршуваат со крвопролевање.

Новопроизведените сакаат да бидат опкружени со муви без глави.

И други нешта сакаат.

Овде веќе залезите на донесуваат романтични воздишки. Испаднале некаде по пат.

А и не ни личи на годините да расадувамд лажни надежи.

Ќе биде што мора да биде, рекол мудриот поет.



ЦРНОРИСЦИ КУКАВИЦИ

Приказната за Црноризец Храбриот е исправена во историјата. Современиве наши црнорисци се кукавици од највисока категорија: немаат ни микрон светлина ни во очите, ни во душата. Зад поданичкото егзекуторство се кријат вистинските налогодавачи, како самите да си знаат дека немаат образ за покажување.

Затоа оваа нашава, тешко ја бидува без капки страв во кислородот, без густи и темни облаци на очајот. Некои облаци се градоносни, пустошат по полињата на цивилизираната живеачка, дерман се нема од нив, ама, изгледа се преценуваат кога си мислат дека и чаре се нема од нив. Денес тешко да те тресне мака, а да не може да се најде чаре. Во дваесет и првиот век сме, сепак.

Облаците на очајот имаат некаква специфична улога на патокази – ги насочуваат црнорисците, а тие се котат правопропорционално со облаците на очајот. Над таквите облаци – господарите-алхемичари, кои очајот го преименуваат во општонародна среќа. Поточно, го прекрстуваат, оти господарите-алхемичари многу љубат да се прикажуваат како се крстат. Затоа и одат в црква, да ги сликаат како се крстат. Личотии едни, уште за сликање се!

Црнорисците, значи измеќарите на господарите – алхемичари, не би биле црнорисци ако не се прикажуваат како осветлувачи, небаре носители на олимпискиот факел. Направи првин политичка чадна завеса, па после дувај, дувај од силно посилно, да се расчисти чадот, да блесне светлината. Нивната, црнориската светлина.
Црнорисците се љубители на страв и покорност. Инаку те лапна ламјата, ти ставаат се што имаш да блеска на најсветлата светлина. На таквата светлина се ничкосува приватноста, ама буи омразата и одмаздата, како чудотворен лек за некакви црнориски фрустрации од детството, за некакви заблудености од сегашната моќ. Ни се може и што ни можете – е еден од главните подвижнички лозунзи на црнорисците, ѓоа осветлувачи.
Црнорисците, ѓоа осветлувачи, предат како стари, црни мачори. Ѓоа отпетлуваат историски клупчиња, за сметка на сегашноста и иднината.

Црнорисците, ако без никаква потреба ти тропнат на врата и ги избркаш, каков што е домаќинскиот ред, ќе измислат потреба и ќе се обидат да ти влезат низ пенџер, низ оџак, низ ќенеф, ако така е речено. Само забораваат дека мнозина не се плашаат кога ќе видат глувци, стаорци мизерни, црнорисци.

Пак се на оро црнорисците. Им потскокнуваат крастите. Веселнички, туку така, на оро (за „шизење“ не ги бива) смислуваат нови основани сомненија. Дела не се потребни, и сомненијата вршат работа. Сега да се правело толку масраф за некакви тајкуни и комуњари – дваесет години по падот на комунизмот!
Насладата на црнорисците е комплетна кога ќе им дадат табло и на него ќе лепат што сакаат, кого сакаат, колку сакаат. Тамам толку, колку латентно да се ќеифлии господарите-алхемичари.

Во меѓувреме, мнозина од веќе подготвените за истопорување на интернет-таблоите на црнорисците, сфаќаат дека подземи им е каде-каде подобро отколку во шуплите глави на црнорисците,а и на нивните господари-алхемичари. Црнорисците тогаш збеснуваат, ако треба ќе смислат пропис што нема да ги остават на раат ни оние подземи. Нема бегање од раката на црнорисците, едно време некои од нив се перчеа дека долга била таа рака.

До кое колено? – се прашуваат оние подземи, или оние кои веќе кинисале по нивниот пат. Оти, нели велат дека мисијата на црнорисците била света, помирителска? Првин силеџиска, па помирителска?
Сега би можело цинично да се каже – лесно им е на оние подземи, навреме го фатиле патот. На другите, пред наездата на црните стаорци, им преостанува прашањето: што ќе донесе утрешниот ден? За задутре е рано да се мисли.

Шуќур што на црнорисците не им се свртеле в глава границите. Тие се отворени, а гледаме, штоако со натажени очи, дека младите знаат што да прават кога се отворени границите, додека црнорисците, ѓоа осветлувачи, веселнички потскокнуваат на своето оро. За „шизење“ сепак нема да ги биде – ем им е таква семката, ем им е доцна. А можеби им е и рано, отшто тие љубат да живеат во минатото. Во сметилиштата од минатото се уште има место за секаков, па и ваков безумен активизам и занес, кој исцело треба да се игнорира. Со една попатна напомена: си доаѓа, кога тогаш, колце на тркалце.



ИДЕНТИТЕТИ

Всушност, којшто прави овие две децении, ние таа пак таа – тиради за идентитетот, интегритетот, суверенитетот. Многу зборови, малку фајде. Како што одминува времето, сè понејасен ни е овој расчекор. Муабетиме во нови, модерни кафулиња, на улици со сменети имиња, ама како да седиме во минатото. Тешко ни оди одлепувањето од минатото и залепувањето за иднината.

За идентитетите, си велиме деновиве со пријателот, се напишани томови и томови умни мисли. И не дека не се прочитани, макар што некои главатари не се баш по читањето книги, ама белки имаат и по некој советник – читач. Го спомнуваме Амин Малуф, неговите дамнешни „Погубни идентитети“ кои вреди (и треба) одново и одново да се препрочитуваат, да се цитираат, да им се посочуваат на потенцијалните читачи. И не е само Малуф распнат во одгатката на цивилизациското распетие меѓу минатото и иднината.

Глава не се крева од армиите бранители на идентитетот. Колку подлабоки корени ако сме имале, толку поцврст ни бил идентитетот. Свесно се прескокнува урокот дека така стокменото сфаќање од идентитетот прави – лажен пријател. Лажните пријатели се татковци на лажните занеси, на самовеличењето, а често и на напакостувањето другему. Лажни пријатели, лажни времиња, лажни идентитети. Расцут на фантазијата за предците – овенување на непобитната реалност дека сите ние, сепак, сме синови на своето време. Така беше бил рекол некој историчар, не некој претскажувач на иднината.

Нагласката на нашиот длабок корен, може да создаде и вишок на нетолеранција – и кај нас, и кај оние кои живеат со нас а си имаат друг корен. Кога ќе се стаса на тоа дереџе, обично е доцна да се види дека немала баш голема смисла толкавата заслепеност од минатото. Не треба да се заборави дека понекогаш и од иднината се прави Ватерло. Кој прв почна – тоа е наслов за в театар. Секоја чест на насловите, ама животот сепак не е театар. Од таквото минато времето прави бледи, речиси бесмислени спомени. А минатото е минато по неговите големи моменти. Тврдините на минатото не се задолжително тврдини на фанатизмот, напротив.
Вреди севезден да се прават напори за идентитетот да се говори во идно време. Тоа не значи кревање раце од минатото, туку просто свест дека некако не го личи човек повеќе да е обземен со минатото, отколку со својата иднина. Иднина која не го анулира континуитетот, но која е сосема свесна за длабоките преобразби како сине љуа нон. Иднина која ќе умее да го прескокне јазот помеѓу она што навистина сме и помеѓу она што посакуваме да сме. Огледалцето коешто кажува најубав на светот кој е, не е патоказ кон иднината – води во обратна насока.

Наспроти сите популизми кои запнуваат да се прикажат како знак за распознавање на нашето време, ни би ни личело да сметнеме од ум дека сепак живеем, како-така, во времето на поединецот. Навивачките маси, и покрај сиот налет, не можат да го згмечат идентитетот на поединецот. Не толку одамна, Љоса беше ркол дека идентитетот е нешто што му припаѓа на поединецот, а колективитетите него го губат оној час кога ќе го надминат племенскиот начин на живот. Богатството на идентитетскиот колорит е во континуитетот кој и нема идентитет, оти, заправо, ги има сите идентитети.
Идентитетот е грдолик ако е квота.

Идентитетот е грдолик и ако е топорење на мнозинството.

Идентитетот е е само собирање, секоја математика познава и одземање, делење, множење. Секој живот познава и давање, тадури и откажување од своето битие. Не во името на апетитите на другему, ами во името на модернизацијата, во името на новиот ден.

Тој, новиот ден, не е безбоен, безмирисен и безстожерен. Скраја да е. Јазикот, да речеме, е еден од основните стожери на новиот ден. И на идентитетот, се разбира. На културниот идентитет. При што се подразбира постоењето на јазична разноликост. А и разноликоста си има свои стожери.

Надежно звучи сознанието дека се уште има време да поитаме кон вистинскиот извор: брзаците коишто потекуваат од него не се само обична глетка за восхит, ами многу повеќе - животворна притока која се влева во регионалните, па и пошироки текови кон утрешниот ден.



ЧЕПКАЛКИ

Отсекогаш, во секое општество, убаво се знаело кои се кркачите. Се знаело и кој ги вардел додека кркаат, кој им носи вода (тоа со водата останало во поговорката, сега за вода се есапат сортите виски со мраз и првокласните вина). И сега е така, кој вели дека не е така?!

Трпезите на големците се различни, зависат од вкусовите за коишто некој рекол дека не се дискутира и сите се држат за тоа како слепци за стап, ама трпеза без месо се уште не бидува. За големо разочарување на вегетаријанците.

Видејќи никој не е совршен, па така и големците-кркачи имаат некои баналности со крканлуците. Ќе си ги покапат скапите костуми со некоја чорба од препелици, на пример. Не е некој трошок за нив хемиското чистење или купувањето нов костум, ама срамот е голем и тој не се јаде, уште и на угледна софра. Во несовршенствата спаѓа и распоредот на забите на големците-кркачи, така што им се случува некој остаток од мевце од печено пиле или од јаре под саќ да им остане меѓу забите. Чепкалките се тука итно неопходни, пред да завладее нервозата и да се избербати гозбата со реткозабни шлапотења.

Чепкалките по правило се дрвени, изделкани од ќутуци. Во најново време се и пластични. Поважни од нив се човеколиките чепкалки (човекот е нашето најголемо богатство, се уште, белки) ама нив ретко кој ги спомнува и ги множи со повеќе од нула. Во секое време и на секое место тие им се при рака на големците-кркачи. Знаат тие, пред да бидат унапредени во чепкалки, дека од светло-белите заби на големците-кркачи зрачи светлата иднина на сите нас, ами како! Затоа е и од големо значење, ако не сте знаеле, улогата на чепкалките во изградбата на светлата иднина. Да нема забуни: за забочепкалките е зборот. Има и други чепкалки, за други намени и тие си имаат други имиња, супозитории, на пример. По карактер се дибидус исти како и забочепкалките.

Подразбирливо е и разбирливо чепкалките да се од доверба: што виделе не виделе, што чуле не чуле. Што не значи дека нема моменти кога не сакајќи ќе им се испушти и по некое тајно смешкање. Кога можат големците-кркачи да зајдуваат од смеење, зошто пак и чепкалките да немаат право да се поднасмејат, макар и скришем, скришем?! Башка што знаат и дека кикотењата на големците-кркачи се вештачки и дека зад секој кикот се крие некаква темнина, мрачна цел.

Чепкалките кога се смејат, скришем, скришем, мошне внимаваат синхронизирано да ја завршат смеата. Штоако се чепкалки, не сакаат да бидат како големците-кркачи за кои се знаеше дека кој последен се смее - не го разбрал вицот. А чепкалките, сепак, не беа толку за никаде...

Еден од условите некој да стане чепкалка е да е еластичен, флексибилен, нашински речено - превртлив. Како гимнастичарите кои се превртуваат и на разбој, и на вратило. Споредбите на чепкалките со гимнастичарите им годат, ама од корен се вадат од срдба кога некој непрокопсаник ќе ги нарече - гниди. Уф, колку прост народ имало меѓу нас! Е баш на такви ќе им се падне да ловат глувци, значи нема кој друг да ја врши таа работа. А тоа пак значи: глувците орото го водат - и Тешкото, и Пајдушкото, и Ајдучкото. Затоа во последно време и ората ни се такви некакви, не баш за никаде, ама развлечени, неразиграни, старобабешки...
Ај чепкалките, ама и некои големци-кркачи не ги бидува, брате. Немаат дарба, ни за оро, ни за други работи, па дури и за употреба на чепкалките. Ама тие тоа си го толкуваат како што им сече: немаш дарба, немаш проблем. Животот ита напред.

А на сите баш и не им се фаќаат крканлуците, слично како на оние кои садат милиони дрвца напролет, а не им се фаќаат, што ќе рече - отидоа и толку милиончиња во сува земја, црвеница.

Сакале-нејќеле чепкалките гледаат сè и понекогаш, море поначесто, не им оди в глава зошто големците-кркачи никогаш не се подготвени да се откажат од убавото мислење за себе. Или пак, зошто само мал број големци кркачи се секогаш двосмислени, а големско-кркачкото мнозинство ужива во бесмисленоста. Со бесмисленост полесно ли се полнат каците на времето, чиишто чепури, за жал, никогаш не се затнуваат совршено.

Во каците на времето, како старо вино, се чуваат и некои наслаги од историјата, во кои чепкалките не се разбираат многу-многу, ама гледаат да го одглумат спротивното. Де не би некој да рече на какви незнајковци им дале да бидат чепкалки. Ѓоамити големците-кркачи, пак, знаат нешто повеќе. Ќе чујат нешто од некој поумен и сал туку ќе повторуваат. За историјата, на пример: таа, демек, учела дека од неа ништо не може да се научи. Има големи, најголемци-кркачи, за кои, пак, минатото е сè! Оди па сега фати им го крајот.
Ем големи големци, ем современи Прометеи, на пример, кои си замислуваат дека (со гаќи или без гаќи) природата може да се совлада со малото прсте.

Што друго да рече човек на ова, освен варди нè Господи, ако те има, ако не нека се најде некој друг вардач - од таквите на кои силата им е во малите прстиња, од историјата, за која баш тие со малите прстиња (а големци-кркачи) велат дека почнувала со раните окупации на Македонија.

А кога завршува историјата? Сеедно ли е тогаш дали е граѓански еманципирана?
ГЛУВАРЕЊЕ
ДИСТАНЦА

Во нашиот живот дистанцата влезе со плурализмот, со прокламацијата на екви-дистанцата во односите на самостојна и независна Македонија со соседите. Некои се чудеа тогаш и на она еквио и мака мачеа да го дистанцираат од зборот Еквиноцио, на пример. Други се занимаваа со утврдувањето на истата мерка во односите со сите соседи: како да се биде подеднакво, до сантиметар што се вели, оддалечен од влијанието на сите соседи. Пак станаа, речиси по еден век, актуелни прикажувањата за четирите гладни волци оклу нашите граници.

И – минаа години, протече што протече низ Вардарот, ни волци ни волчици, а ни вистинска еквидистанца (на очи е работата) кога дистанцата пак ни се вовлече во секојдневниот говор. Стана актуелна временската, историска дистанца, неопходна за вистинската вредност и на настаните, и на луѓето. Секогаш сака доволно време да се оладат главите пред да се „пресече“ за било што, особено за она што ќе треба да го издржи испитот на историското време, па зошто не и - бреме. Време без бреме е малку празно време.

Уште дистанцата недоречена, потреба да се направи дистанца од самата дистанца, дистанца со еднакви аршини. И еднаквоважечки за сите - ни мајка, ни маќеа никому. Ако за еден треба време за да се види од сите страни каква оценка заслужува, сетики истиот аршин треба да важи и за друг, и за трет. Не туку така му текнало некому, не овде кај нас, се разбира, да остави една временска отсечка од 30 до 50 години на пример, да помине доволно време на настаните и документите документите коишто имаат печати на државна тајност, па потем релевантно да се оценуваат и настаните и личностите. Тоа време е нужно и да стивнат сите емоции, да останат саде фактите како такви – непристрасни, суви. Што не значи дека нема и отстапувања од овие правила, оти правилата, нели, си имаат и исклучоци. Исклучоците обично се прават по некои трагични настани од пошироки размери: Америка, на пример, не чекаше 30 години некои мошне важни институции да го добијат мето на Џон Фицџерлард Кенеди, по неговото убиство во Далас 1963-та. И Македонија, да се вратиме на домашен терен, не чекаше некои институции да го добијат името на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски. Не е да речеш голем грев кога стварноста ги надвишува принципите.

Но, што бидува ако зачести доминацијата на стварноста во однос на принципите на историската дистанца? Па, гледаме: најпрво се прави дистанца во меѓусевните односи на спротивставените политички чинители. Па почнува разврзувањето на клопчето, сосе валканиците кои не се секогаш за мезе на најшироката јавност. А ако и на таквите „методи“ им се погледне низ прсти, никако не може да се разбере причината за привилегираноста на едни во однос на други: зошто, имено, на едни експресно им се даваат имиња на улици, им се креваат споменици, а нивните современици се ставаа во чекалницата на историјата (заборавот?) Што ако по извесно време се покаже дека овенчаните со слава по брза постапка, баш и не морало да бидат така овенчани? Кој ја прави селекцијата, кој ја презема одговорноста? Оти, гледаме сега дека за некои пранешни величини нема место во современата пњрцепција на историјата. Друго прашање е дали треба да биде така, друго прашање е како да се восшостави и сочува историскиот континуитет, или обратно - да се аргументира дисконтинуитетот. Тињ работи бараат сериозни стручни дебати и преоценки и не се за пресекување преку колено, по чија и да е волја.

Сега, на пример, многу жолчка се истура врз партизаните, врз генерацијата од НОБ, која, ни било мило или криво, на плеќи го изнесе првото наше победоносно востание и ја создаде современата македонска држава. Дистанцата е мината, та премината, што покажува дека не било се во дистанцаа, нешто било и во политичката волја. Но, кого ќе обвинуваат по неколку години, кога по закономерностите на живеачката, нема да има ниту еден жив партизан? Ќе има ли и тогаш самоуверени шутеви од дистанца, без некому да му затрепери раката?

Дистанцата ако треба, а треба, не е за додека мине таа, дома да се чувствуваме како гости, да гледаме што не чини, што се прави пред наши очи, ама да се правиме дека не гледаме.

Потребата од дистанца, исто така, не значи дека која и да е генерација во меѓувреме има право од своите идеи, меѓу кои има и заблуди, да е бетонира иднината на нацијата и на државата.

Чекањето на дистанцата не е пливање во речните матежи полни јата пирани. Во тоа меѓувреме понекогаш ќе затреба и храброст, но на крајот сепак ќе се види дека вистинската тежина секогаш ја има - разумот. А не е баш разумно оние кои не можеле, ај да не се рече не ги бивало, да произведат стварност, сега да произведуваат слика за тоа што не ги бивало. Еве ја на очи стварниоста што тие ја произведуваат, а часовникот на дистанцата отчукува, отчукува...



СЛОБОДА, А КОНТРОЛИРАНА

Катаден, на секој чекор се разминуваме, се очешуваме или директно се судираме со парадоксите што ги живееме. Секој си ја сфаќа (и профилира) стварноста според своите узуси. Над тоа не се оди, туѓото гледиште станува чумосано. И веќе дваесет години се тешиме дека тоа е преодна, минлива болест на толку извиканата Транзиција. На мислата, ако е туѓа, се одговара со бесмисла. А бесмислата се прогласува за мисла, ако не е туѓа.

Најефикасен начин да кажеш нешто е да си молчиш, ама така стануваш почесен член на клубот на кукавиците, а автоматски се откажуваш и си го бербатиш професионалниот и човечкиот образ, макар што има многу примери врвни професионалци да бидат човечки ѓубриња и обратно.

Не е незнајно дека ако мислата се оддалечува од стварноста, таа, мислата – атрофира. Стварноста просто пека да се мисли. Да се мисли е морален чин. Да се мисли е упорно да се трага, да се копа, вистинскиот збор, да му се најде вистинскаата специфична тежина.

Од памтивек се сака да се има некаква контрола врз стварноста, барем врз некои нејзини сегменти – почнувајќи од сообраќајните правила на пример, преку редиците што се создаваат од прекуредни влегувања кај докторите-пријатели, прислушкувањата на телефоните, па сè до јавноста и медиумите. Нема кој да не ви рече дека секоја власт, на пример, каде и да е, сака да има некакво влијание и контрола врз медиумите.
Од една страна се прокламира слобода, од друга ти се втерува страв во коските. Се апсолутизира парламентарното мнозинство и се прогласува за Монт Еверест на демократијата. Намерно се заборава (или не се знае, што е уште полошо) дека во историјата има примери кога мнозинството станувало деспотија врз плеќите на малцинството. Што не значи дека немало такви однесувања и од малцинството, но очите на јавноста секогаш поизострено се насочени кон мнозинството.

Зошто мора да живееме така што да биде депласирано да се укажува дека демократијата не е дрво во кое заврзуваат само ластерите на мнозинството? Малцинството – безгласно ли треба да биде, со зарипнат глас? Она што ќе го рече малцинството, треба ли да влезе на едното и веднаш да излезе на другото уво на мнозинството? Каква е улогата на малцинството, ако не му се спротивставува на мнозинството? И каква е улогата на мнозинството ако априори ги игнорира барањата на малцинството? Искрено речено: по малку, море по малку повеќе, е депласирано денес, по дваесет години политички плурализам, се уште да се прават плетенки од вакви „музејски прашања“.

Ако сте село со кучиња, со сурии загари, зарем пак не сте село, далеку од вредностите на урбаната цивилизација? Во селата кучињата лајат, во урбаните средини тие се домашни миленичиња. Сетики се гледа разликата.

А сетики гледаме дека сите меѓусебни надитрувања ги водиме на работ на еден амбис и речиси веќе нема место за празни ломотења.

Ако тегобноста ни е еден од основните знаци на времето, какво фајде ако и таа се контролира?
Грозјето ако скиснува, стравот може ли да го дочува лозјето? А и чуму лозје со скиснато грозје, а и без него?!
Најнакрај: каде е кладенецот ка креацијата – во стравот или во слободата?



ПРЕКУ МРТОВ КОЊ

Не туку така, биле презирани „јунаците“ кои се изживувале врз мртвите противници. И оние што се јуначеле врз мртви коњи.

Има ли нашето време такви бои, тонови?

Има секое, па има и нашето време. На очи е работата, барем за оние кои, ако не догледуваат, користат диоптриски окалки.

Дваесет години, на пример, во Македонија нема Комунистичка партија. Може ли да се рече, сега и овде, дека антикомунизмот стивнува? Попрво би се рекло спротивното. Некако, ни бујат полињата на омразата. Ај да не речеме дека некои нови комунистички методи како да воскрерснуваат (водачи, најумни, несменливи, доживотни, оттука до вечноста), ама компарацијата со јакобинците секако е допуштена. Што ќе рече: граѓанската рамнодушност не е допуштена, ама почекајте, не брзајте, за јакобинците е збор, а не за поттик на здрав граѓански активизам. Ако не си со нас, тогаш си против нас – ете, тоа е тоа. Или – или, да ми простат колегите од истоимената издавачка куќа.

Резервоарот ни е на црвено. Уште колку километри можеме да истуркаме? А резервоарот на непомирувањето со она што ни се случува? Ако некој намерно ни го закочи семафорот на црвено светло, ќе окапеме ли од чекање додека ја сфатиме „финтата“?

Бае баба што бае, ние пак за минатото. Блиското минато го сплескавме на брзина, тука пронаоѓавме само „алиби вредности“ за уште пошироко да се отвори патот кон далечното минато. Колку подалечно минато сме имале, толку посвои сме биле. Свои на своето. Вчера свои на туѓото ли бевме?

Требало да ја распретаме традицијата, да ја оживуваме. А, не, никако да ја надживуваме. Тоа, дека традицијата може да се одржи само со создавање на ново, навистина го беше рекол Лешек Колаковски. И секоја му чест нему, ама тој не ја знаеше па и не можел да ја има предвид спецификата на нашиот случај. Нека почека малку Колаковски, да поживееме троа од митови, а некои богами и од товари мито, па ќе се свртиме кон новото. Никогаш не е доцна. Освен кога ќе сфатите дека сте го испуштиле последниот воз.

Оние кои велат дека никогаш не е доцна, всушност, на еден начин ја одлагаат иднината. Сега му е мајката, си велат, да покажеме колкави патриоти сме, да им покажеме на комуњарите, кодошите и сите други кои без два грама размисла се сместуваат во една исчашена номенклатура, да им покажеме демек – кои сме, што сме, од каде сме, каде сме кинисале, каде ќе стасаме. А патем, се разбира да им го покажеме најважното: минатото. А како бонус и тоа – како се прави држава, патриотска држава. Можеби така што на сила ќе се обезвреднуваат токму оние кои ја создале државата? А да не е поголем патриотизам денес да создаваш нови вредности со кои ќе се гордеат новите поколенија? Кои нови поколенија, па не ли сме ние нови поколенија?!
Нови поколенија – нови работни победи. Повеќе победи и фалби по глава на жител, од кока кола или фанта на пример.

А мудрост, колку? И каква? Неа ја пиеме од сокарите што си работат по свои рецепти, значи без рецепти. Какви рецепти – такви сокови. Какви сокови – такви мисли, разводнето-мудри.
Чаре?

Сите зборат за некакво помирување. И ќе зборат. И пак ќе си се држаат за онаа нивната, традиционатата: поарно да цркне селото, отколку во селото адетот.

За помирување сака машко седнување. Аман веќе од политички травестити!

Сите знаеме дека полесно се дише ако го прескокнеме мртвиот коњ на патот кон вистинските македонски државни позиции. Ама, што ќе прават тогаш пишман-аџиите, факелоносците?

А еден ден ќе мора да се објасни зошто не се направи баш тоа што требаше да се направи? Речиси е сосема сеедно кој ќе го објаснува тоа. Мислат ќе им верува некој? Па уште отсега се гледа дека повеќе сакаме да прескокнуваме и да им се силиме на мртви коњи, одошто, конечно, да направиме, каков-таков, интимен допир со времето што го живееме.



ПАУНД И ХАЈДЕГЕР

Нека си остане, засега, моја работа зошто, кога ќе се најдам, на пример, во Вараждин или во Москва, во Прага или во Париз, во Буенос Аирес или во Њу Орлеанс, во Санкт Петерсбург или во Венеција, право тргам кон гробиштата, па потоа зјапам по галериите и сè друго што треба да се види од „историските знаменитости“.

Лани, на пример, се најдов во Венеција. А тоа баш автоматски значеше и на оближнното мало островче Сан Микеле. Се оди дотаму со бротче, најмногу десетина минути. Неспоредливо повеќе бротчиња одат во соседното Сан Мурано, на директна средба со прочуените дувачи на стакло, ама, се наоѓаат и кандидати за Сан Микеле.

Таму, во Сан Микеле, му бев неканет гостин на Јосиф Бродски, одамна му го должев тоа. Во меѓувреме, дознав дека одамна пред Бродски, на Сан Микеле почива и Игор Стравински – тој барем не е сам, до него е сопругата Вера.

Му кажав што му кажав на Бродски. Не беше баш кратко и формално. Му кажав и дека ми е малку чудно што е во протестантскиот оддел, а не заедно со православниот и славен земјак Стравински.

Нејсе, не многу далеку од Бродски, спокојно им отпоздравуваше (можеби пркосеше, пркосникот повеќе пркоси) имажинистот Езра Паунд. Знаев дека е тука некаде, ама и не дека е близу до Бродски. Му се поклонив и на Паунд, иако идеолошките уверувања нè оддалечуваат сончеви години.

Се разбира, знаете што мислеше Езра Паунд во свое време и како, лека-полека, ама никако кроце-кроце, стана еден вид пропагандист на фашизмот. Дури го повикувал и Рузвелт да се приклучи кон Третиот Рајх.
Војната што ја покрена фашистичката машинерија заврши како што заврши (ене го кајшто сведочи за тоа качен на коњ пред московскиот Мањеж маршал Георги Жуков), што не значи дека нивните следбеници денес одат со наведнати глави. Сведоци сме на спротивното.

Но, за Езра Паунд беше зборот. Веднаш по војната едно време е в затвор во Пиза, но Американците не го забораваат, без оглед на сè. Уште во 1949-та, му ја доделуваат престижната Болингенова награда на Конгресната библиотека. Не му одзеле, му дале награда. Испратен е на психијатриско лекување, се чини со јасно видлив поттекст: само луд Американец може да биде фашист! Додека бил во болница катаден го посетувале мнозина, меѓу другите и Гинзберг. Во 1958 година е пуштен од болница и пак се вратил во Италија, каде што умрел баш каде што сакал – во Венеција, во длабока старост, два дена по 87-от роденден.
Топло ви препорачувам да го прочитате животописот на Езра Паунд, неговите песни пред сè.

Што би рекле баналните досетливци, секоја сличност со нашето совремие е исклучена, најмногу поради тоа што ова што го живееме е просто – сурогат, грда имитација.

Истото важи и за судбинската патека на германскиот филозоф Мартин Хајдегер, познатиот хитлеров мислител и ректор во Фајбург, за кого никогаш не било оспорувано дека бил нацист. Бил мозок, не изведувач на работите. Хана Арент го нарекува таен крал на империјата на размислувањето. И како таков, по војната, ги минимизирал нацистичките злосторства и холокаустот. Баш Арент, Еврејка, негова студентка, му простила, а по неа и другите, макар што не се избришани сите контроверзи околу Хајдегер, кој и по војната бил универзитетски професор и починал во длабока старост, речиси како врсник на Езра Паунд, во 1976-та.
Да се прашувам ли сега, однапред знаејќи ја бесмисленоста на прашањето: може ли некој умен човек кај нас, доволно оддалечен од власта како било бојосана, да стане ректор? Тоа во однос на струката, а другите шиканирања, пристојноста налага, да се прескокнат. Многу лефтерно кај нас, на пример, без око да им трепне на безочните егзекутори, бидејќи не можат да се дисквалификуваат професии и професионални достигнувања, се дисквалификуваат луѓе. Кога не можеш по атот, удри по самарот.

Нашите идеолошки зурли „растураат“ оти оние кои ја нарачале свирката, дилетантите со кренати глави и носови, сакаат средсело да ги видат сите како ладнокрвно сотираат сè што е подобро од нив. А секогаш ќе се најде некој кој ќе крене две прстиња и баш нив, напернатите дилетанти, ќе ги прогласи за вредности, со сите епитети што одат со тоа прогласување.

Сетики нема да нè дресираат да го почитуваме нивниот невкус. А наукот од Паунд и Хајдегер е за оние што го научиле, кога требало, да знаат што е наук.



ГЛУВАРЕЊЕ

Глуварењето не е само привилегија на градските фраери, во најново време и фраерки. Троа кикирики, сладолед и многу крукчиња низ градот. А да преживееше и корзото?!

Вака, гледајќи ги спорите текови на нашата Транзиција, ми доаѓа мислење дека глуварат, всушност, цели држави. Нашата ич не е исклучок. Вртењето во круг уште малку ќе го озакониме како потесна специјалност. Исто како и празнозборот. А можеби и играњето тенис без мрежа, замислувајќи си дека имаме барем игралиште. И правиме уште, а за мрежите си мислиме - лесна работа. А не излегува така, како домашниот и чаршискиот есап. А кога не излегува есапот, стануваат збрки: алишта сушиме во рерни, лубеници ладиме во машини за перење алишта.

Во меѓувреме, глуварењето продолжува. Вадиме песни од старите фонотеки: гаќи имам, учкур немам... Ја бидува ли така: сите, и којшто има и којшто нема, да ни даваат ум, а никому да не му текне дека ни треба учкур! Или, им текнало да не им текне: демек, Ви го забораваме името, пардон - референцата!

Запињаме да докажеме кои сме биле, не кои сме и кои ќе бидеме. А забораваме што бевме, што станавме и што ќе станеме, ако продолжи нашето спокојно, фраерско глуварење.

Преведуваме книги - петстотини, па илјада, колку што треба, белки. А нашите не си ги читаме, во кусок сме со време - од пусто глуварење. А и ако ги прочитаме, бргу ги забораваме, како да не сме ги читале. Чудна некаква амнезија. Не гледаме дека одново влегуваме да се вртиме во старите кругови. При толку прочитани книги, како пак да се налепивме на старите пропагандни приказни што ни го темнеат небото. Ќе знае ли некој да објасни како се случи тоа, зошто се случи?

Споменициве околу плоштадот нè нервираат, ни ја стежнуваат немаштијата, ама ги гледаме, со голо око. Не ја гледаме само кулата од пропаганди, а катаден глувариме околу неа. Не ја гледаме таа кула, ама на невидено викаме и „браво“ и „уа“. Дележите ни влегоа во крвта, ни стануваат навика. Како во оние првобитни социјалистички денови: а видиш редица застанувај во неа, макар што не знаеш што тоа чека народот? Не гледаме, не знаеме, ама викаме ли, викаме: и „браво“ и „уа“, сеедно.

Глувариме, глувариме. И ни успеа, ете, да ја натераме самата историја, во чии дворови ора поведоа разни незнајковци, да се брани од нас самите. Историјата се плаши, нам око не ни трепнува. Стравот бил одлика на кукавичлукот, што во одделни историски околностти и не е неточно.

Знаеме дека не сме тиква без корен, ама знаеме дека има и такви тикви, со исушени корени, без семки, безполезни јаловици.

Знаеме, кога глувариме и околу пазариштата, дека се на овој свет си има цена. А ја знаеме ли, ние, цената што треба да ја платиме? Знаеме ли дали веќе плативме, или уште ќе плаќаме допрва?

Им продаваме на намерниците ајле сувенири од керамика. Нè фалат дек сме биле мајстори за таа работа, а ние успеавме да го испуштиме од раце најубавото грне, да го парчосаме. И сега глувариме околу парчосаното грне. Кој ќе се јунак изнајде грнето да го залепи?

Или, можеби е подобро да се прави ново грне? Ама кој да му ја мисли за тоа баш сега, кога мислењето не е баш во мода?

Додека глувариме, речиси безделнички, отшто се нема што да се работи, насетуваме ли дека плиткоста, па и плиткоумноста, се дрвја – привлечници на громовите на злокобата, на исчезнувањето на убавите надежи?
Заглуварени сме околу (ѓоа) невидливата пропагандна кула, стогодишнината од Балканските војни, утре стогодишнината од Првата светска војна.

Еден век подоцна, која посока ја фаќа сказалката на нашиот часовник, која, нели, треба да ни даде знак дека доста беше глуварењето.



И, ШТО НАПРАВИВМЕ?

Секогаш и секаде, по изврвената врвица за која се смета дека и дошол часот за (пре)оценување, се поставува прашањето – што направивме, кон кое нашиот Мисирков го додава и неизбежниот втор дел – што треба да направиме за однапред?

И, навистина, што направивме?

И се израдувавме ли како што треба на независноста и самостојноста, или вистинската радост ја престоривме во бирафест пијанчења крај распалени скари и растрештен увозен турбофолк, макар што и домашните имитатори не се баш за фрлање?

Дали заборавивме дека пред две децении, оние кои ги оценуваа европските перспективи на раздружените братски народи и народности на покојната Југославија, нам, заедно со Словенија, ни беа дале највисоки оценки? Каде е Словенија, каде сме ние? Што направивме?

Направивме неколку попатни и една темелна прекројка на Уставот? Тоа – на хартија. На хартија имаме и дузини други работи, а најмногу, изгледа – демократија.

Рековме, во еден глас: сè за Европа, сè за НАТО. Кога, види чудо: се ниша нашиот европски олтар: сериозни учени луѓе низ цел свет катаден го поставуваат прашањето дали Европската Унија ќе ги преживее сопствените огромни искушенија. Сосе НАТО, само што не ни ја отклучиле вратата за таму, станавме извозници на мир и демократија. Друго за извоз одвај нешто да имаме, освен лон-работна сила. А нè фалат дека сме се покажале како добри извозници на мир и демократија – и во Ирак, и во Либан, и во Авганистан, тадури и во Босна и Херцеговина. Арно ама, се покажува дека клучот не бил кај Џорџ Буш помладиот и неговиот наследник, туку кај Караманлис и неговите наследници. Оди па поверувај. Што не значи дека во целата приказна околу клучот ние сме цвеќе за мирисање, невино јагненце среде трнлива ливада каде првин те тераат да го научиш зборот компромис, па да ти подадат рака. Па излегувајќи од трнливата ливада, белки заедно да ја запеете онаа старата, партизанската: „Македонско име – нема да загине...“ Вистина, што стана со песнава? Толку брзо ли си ги забораваме песните? На песните, особено таквите, не им е место во бироата за изгубени работи: таму се носат изгубени паричници и аман веќе од паричките за раскусурување во нив.
Никој не е безгрешен: и условопоставувачите, и условоисполнувачите. Разликата е само навидум дребна: само кај едни е и стапот, и оревот. Има ли смисла да погодуваме кај кого?

Но, грешките, особено кога се очевидни, бараат да се застане, да се запре, да не се продолжуваат веќе. Понекогаш мора да се живее и со грешките. Нова грешка, нова мака потешка. Но, животот долго трае, понекогаш достатно за да се исправат грешките.

И демократијата не е безгрешна, и таа севезден треба да се гради, ама и да се варди. Друго чаре нема. А, да парафразирам еден ценет колега, демократијата не се брани со пушки и други матракуки од воените арсенали.

Еве, на пример, мислиме дека успеавме во изградбата на политичкиот и културниот плурализам, што не е неточно, макар што на ова поле има уште многу да се ‘рмба. Но при сево ова досега, што стана со системот на вредности? Како ли само успеавме речиси да го урнисаме? Врховна вредност станаа парите – за пари се здружуваат и шуто и рогато, се газат слободи, се понижуваат медиуми – небаре сме излезени од секси-палатите на Берлускони. Па, потем се чудат нашите елити (ептен елитни!) и се допрашуваат: зошто се толку презрени?

Народот полека ја отфрла „културата на стравот“, а неа барем ја имаме во континуитет. Станува јасно дека кајшто има страв, нема дискусија, кајшто нема дискусија нема ни љубопитност, ни устрем кон новото. Дефинитивно станува подобро да пробаш нешто, макар и да не излезе сè како што замислуваш и како што треба. Тие кои викаат „џиш, џиш!“ повеќе сакаат да ти е жал што не си пробал.

Сите гледаме: никој не знае што ќе се случи со светот утре. Но застанувањето на судбоносната раскрсница не значи да им се прави пат на популистичките демагози и авторитарните самобендисанковци и нивните суети. Тоа никако, ни-ка-ко!



СТРАВ ОД ИДНИНАТА?

Имаме вишок пожари, ама стварноста не ни е просветлена. Напротив. Инаку не би мачеле мака со пожарите – од секаков вид.

Каква годе да е стварноста, и да врне и да вее – иднината доаѓа, фактички - секој миг. И тука, во ова – веќе наречено –заборавено ќоше на Европа. Заборавено, а центар на сите европски вриежи. Чудна некоја заборавеност.

Што ќе ни донесе иднината? Всушност, што ќе биде со Македонија? - е прашањето на кое сите ние тука, во Македонија, би сакале да го знаеме одговорот.

Сценаристи – колку да сакаш. Катастрофичари – можеби уште повеќе. Толкувачи на теориите на белосветските заговори – со вагони.

Факт е дека работите не врват во посакуваната насока и со посакуваното темпо и дека кризата околу името уште повеќе го успорува секој разумен чекор кон иднината.

Едно од најважните прашања за балканската иднина секако е – колку е реална можноста за формирање на Голема Албанија? Прашањето не е проијатно, ама ние ние нема да се чувствуваме попријатно ако ги затвораме очите пред него. Како и пред предвидувањата на некои добри познавачи (Миша Глени) дека некаква нова албанска држава ќе го означи крајот на балканската криза. Го мислиме ли Балканот? Како го мислиме, како да го мислиме Балканот? Имаме ли време за тоа, од толку силни страсти? Имаме ли и дооволно мислечки луѓе и институции за оваа задача?

Не верувам дека се сомневаме сами во себе, ама дека сме склони кон самозалажување - склони сме, макар и не баш претерано.

Во иднината одиме нарамени со едночудо митови. Ако кажеш, а знаеш дека е тоа пропадната работа, ќе ти фатат за кусур. И тоа не баш мал кусур. Џабе ќе ги уверуваш усвитените дека Балканот веќе виде доста аир од митовите – во вид на трагедии и катастрофи. Време е да се запре таа колона на привидот. Товарите историја само не подгрбуваат уште повеќе, а баш во вакви времиња сака да сме исправени. Во вакви времиња, исправени, треба да смогнеме некогаш и да кажеме „не“ – баш оти знаеме колкави сме. И скраја од безглавоста, а во името на образот.

Сите знаеме дека живееме во слобода. Слободата послобода ли ќе биде, ако тоа што било пред неа мора да го викаме ропство? И пред слободата имало слобода, слободата не е за една употреба.
Во демократските општества, никој освен народот, не се прикажува како сопственик на човечките судбини. А и од секакви пороци нема фајде.

Не мора се што ќе се прави да има херојско значење. Брехт не туку така велеше: тешко на земјата на кои и се требни херои. Знаењето денес е значаен и висок хероизам. Знаењето поставува отворени прашања: истрошена ли е стварноста? И трага по нови одговори. За почеток е сосема доволно решливите проблеми да ги решиме.

Знаењето го брише и вековниот лозунг „има и бетер“. Знаењето го знае тоа и уште знае дека тоа е еден од полошите изговори. Знаењето не се плаши од иднината.

Не живеевме и не живееме под стаклено ѕвоно. Насобравме доста купишта ѓубре од модерните европски депонии. Некои ептен брзо ја сфатија, на пример, моќта на парите. Не се справивме како што треба и со разорната моќ на корупцијата.

Неопходно ни е сапоспознавање, низ критика на постојната практика.

Критиката подразбира и темелна анализа на нашиот концепт на мултукултурализам. Колку тој ги релаксира, а колку создава напнатост во општествените односи? Белки се подразбира дека поставувањето на ова прашање произлегува и од сознанието дека идејата за хомогеното општество, колку што не е добра, толку е и неостварлива.

Не тука кај нас дома и во регионот, ами и во светот се водат опсежни дебати за иднината на националната држава, при што се смета дека дека ќе дојде до нејзиното исчезнување, во сегашна, класична форма. Глобализацијата, велат, не е дојди-замини. И да остане нешто, тоа би било сосема обично задоволување на формата – некаков вид регионална управа со ограничена власт, а не враќање кон концептот од 19-от век.
Еве ја, пак, кај доаѓа иднината. Ние во неа – задумани сами за себе, исправени пред сосема новите значења на потребата како, сепак, да се биде – свој на своето. Во духот на веќе осведочените заложби на Делчев и Рацин и нивното далекусежно значење.
НЕГОВИОТ ОДГОВОР
КУЌА

Тешко се гради куќа.

Затоа толку се радуваат и мајсторите и стопаните, кога се клава чатијата. Затоа триста здравици и благослови, кога ќе се направи куќата. Амин, луѓе, и на ваша куќа!

Има куќи-палати, сараи со високи чарда-ци. Има и куќи-колипки. Се рекло: куќа тесна, челад бесна. Сепак, срцето и душата на домаќинот се мерник за големината на куќата.

Куќата ја ѕидаат мајстори, а ја вардат сто-пани. Има правикуќи и вардикуќи. Има и растурикуќи, паликуќи. Вардикуќи има, оти има и арамии. Има секакви арамии. Куќниот арамија пак, е полош од јабанџија. Не се рекло џабе. Ништо не се рекло џабе.

Куќата служи за во неа човек век да векува. Колку радости и таги, колку тајни и колку приказни од животот, за навек се скриени меѓу ѕидовите на секоја куќа? Ѕидовите, се вели напати, имале уши. А јазик? Што би се случило кога би проговорила куќата?

Куќа се гради на булевари и авении, во градови и во села, во планини и долини. Во најново време и во транзиторните сокаци. Кајшто ќе му фати окото на градителот. На убава куќа, убаво место и прилега. Некој учен беше забележал дека „кој ѕида убава куќа на лошо место, самиот себе се става в затвор“. А куќата е да дарува слобода и топлина.

На секоја куќа и прилега и џагор, убавината и полнотијата на живеачката. Риба без коски и дом без зборови не постои, вели една албанска народна поговорка. Зборот ја краси куќата, ама и ја гнаси.
Може да биде на сите секогаш да не им е убаво и удобно во една куќа. Може да биде покривот да протече, олукот да се затне, некој прозор да пропушта провев. Секаков таксират може да ја снајде секоја куќа. Галиба, тоа не е причина куќата да се урне. Уривањето секогаш е лесно, неспоредливо полесно од градењето.
Куќа без куќен ред нема. И ако има, тоа говори лошо за стопанот и домаќинот, за тоа дека растурикуќите го прават својот пир. Куќниот ред не е од куќата да направи касарна или зандана, скраја да е. Стига секој да приклади нешто за обичната хармонија на обичната живеачка. Сообразувањето не е нужно и губење на станарското и на сите други права под покривот на куќата. Иво Андриќ, кому не му недостасуваше животен опит и мудрост, беше запишал: „Можно е во една куќа сите да ги остварат своите права до крај, но тогаш веќе ја нема куќата“.

Работата е да се остварат правата, ама да се сочува и куќата. Бескуќниците се тажен декор на живеачката на крајот на столетиево.

Можеби затоа мнозина кога зборуваат за куќата мислат, всушност, на државата. Можеби.

28.10.1995.



НЕГОВИОТ ОДГОВОР

Разни насоки и патокази има на патиштата на Транзицијата. Секој сам си ги бара ориентирите на иднината. Некој прави басамаци до ѕвездите, некој копа бунари на безнадежноста. Не попусто беше се рекло: секоја планина си ја знае својата тежина.

Има на патиштата наши заитани патници, има и сеирџии, има задумани и такви што ич не му ја мислат. Има умни луѓе, има и ашлаци, има благоречиви и пис-дрдорковци, има вистинољубци и пепелажи, има дење што везат и ноќе што параат, има секакви. И нека има, дај боже: низ нив се прикажува, како на кадро, богатството на живеачката. Транзицијата може да биде и едно огромно складиште на времето. Среќен им пат и со здравје на сите: и на оние што велат дека кинисале лево, и на оние што се отспротива, десно, и на оние што го фатиле центарот. Нека си ги допрашуваат севезден нивните огледалца, како онаа царицата што правела во бајките. Умниот, безбели, знае кој пат да го одбере. Знае и дека ако се одбие од патот, може да си го скрши вратот.

Туку, друго сакав да кажам. Завчера бев на гробишта, сам, ептен сам. Си реков да си поприкажеме нешто со Професорот насамо. Просто, има мигови кога човек ќе ги пофте волшебните зрачења (и значења) на немуштиот говор.

Нејсе, многу работи му изнакажав на Професорот. Како прво и прво, дека рано нè остави, дека без неговата поткрепа стоиме на една нога. Ама, стоиме – не ползиме, не виткаме опаш. Дека деновиве во МАНУ, куќата чиишто темели тој ги постави, често се споменуваше неговото име – со гордост и почит. Дека такви какви што сме, влечковци, а далдисани по политики и бизниси, речиси и не сме почнале да му се оддолжуваме како што прилега, иако, ете, летнаа полни две години од последното збогување. Дека многу, многу сме му борчлии и дека сите наши поколенија нема да си го заборават борчот...

Се мислев, многу се мислев, дали да му скоривам јадови, дали да го потсетувам на ветрогоните што ги запамети по нивните погани пароли кои, во занесот на сопствената пизма, не толку одамна, ја бараа и неговата глава. Чираците на омразата пак пелтечат, сакајќи да вреснат. Заби немаат, а пак сакаат да касаат. Бербатковци, блујат, со опроштение, отрови каде што ќе стасаат, во зачадени крчми, во наши и туѓи весници и списанија: јазикот наш, македонски, ни бил „политичка алхемија“, демек!

Како и секогаш: еден куп прашања му истурив на професорот - и за патиштата и патоказите наши, и за крстопатите, па и за душманите негови и наши. В миг си спомнав на Неговиот одговор што го приложувам за препрочитка од стихозбирката „Црква“, објавена осумдесет и осмата:

МОЛИТВА

Спаси ме, боже, од болните луѓе
што се накажани,
та не се криви,
нивната злоба умерено суди ја,
самите од неа одвај се живи.
Тие се мислат повикани да водат
како Мојсија и другите пророци,
а самите не можат да се ослободат
и влечат по себе ситни пороци.
Дај, Господе, што помалку очите да им ги бодам,
штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам.


Колку однапред и колку далеку гледаше Професорот!

Жали ги, боже, глувите пред молитвата на Професорот наш, Блаже Конески!

09.12.1995




ПИСМАТА НА АЦО ШОПОВ ОД СЕНЕГАЛ

Минаа повеќе од три децении откако Ацо Шопов отиде во Сенегал и откако Леополд Седар Сенгор дојде во Македонија. Обајцата останаа со новите поколенија – нурнати во нивните песни или исчезнати во убавините, како што запиша Шопов во „Песна за црната жена“.

Еве ги обајцата – Шопов и Сенгор – меѓу нас, загледани еден во друг, си даваат меѓусебна поткрепа, а нè крепат и сите нас збрани искрено да им се поклониме на двајцата поетски великани, на двајцата одважни негувачи на достоинството на човековата болка.

И сега допира до нас гласот на Сенгор, струшкиот венценосец од 1975-та:

Во дното на бунарот на моето сеќавање го здогледувам твојот лик
и оттаму црпам вода што ја освежува мојата вечна тага.


Отспротива, нашиот Ацо Шопов со „Песната на црната жена“ донесена од Сенегасл, со сознанието дека човекот е огромен, а океанот е мал и со блескавата паралела за Штип и Жоал:

Штип и Жоал,
Еден под Исарот,
друг на Океанот.
А исти љубови,
исти бранувања
и исти поетски маки и сонувања.

Во тоа време, кога Шопов во земјата на фланбоајените го препејуваше Сенгор, јас тука, во Скопје, играв во подмладокот и не баш стрпливо чекав да видам како тоа светот им останува на младите. Бев во редакцијата на „Млад борец“ кој, нели, повлече златна жица во македонската литература и новинарство и кој, како благодарност за тоа, стана една од првите жртви на Транзицјата.

Нејсе. Тогаш немаше ни мобилки, ни и-мејлови, ни факсови. Тогаш еден телефонски разговор со Дакар се закажуваше преку пошта најмалку два-три саати порано, а квалитетот на врските беше таков што и во соседството ќе дознаеја дека разговарате со некого во странство. Тогаш се живееше опојната радост на допишувањето.

Оттогаш, наспроти сета моја немарност, останале три писма од Ацо Шопов од Сенегал, баш од времето кога тој го препејуваше Сенгор. Сега ќе ви ги ставам на увид, почитувајќи го вашиот пиетет кон делото на Шопов и длабоко верувајќи дека, 31 година по нивното пишување, ќе бде разбрано дека единствен мотив тие да се објават е надежта дека можат троа да припомогнат в дорасветлувањето на творечката постапка на Шопов.

Првото писмо е испратено од Дакар а 11 февруари 1975. Шопов пишува:

„Како што знаеш Сенгор доаѓа кај нас и јас веќе на голем работам над мојот дел на препевите. Матевски ми пиша неодамна дека освен мене ќе работат на препевите Сталев и Урошевиќ. Во текот на работата се сретнав со некои зборови кои не можам да ги преведам на македонски, па би те молел да ми помогнеш и да ми ги јавиш што побргу. Тоа се зборовите вилин коњиц, кос и латица.

Инаку, со преводите уште малку ќе бидам готов. Лично сум задоволен од работата, а колку ќе бидат останатите ќе видиме.

Ти праќам една моја песна, па кога ќе можеш објави ја во весникот. Прашај го Матевски и јави ми дали ја примил пратката со песните на Сенгор и списокот на избраните песни“


Песната носеше наслов „Во Сонот на црната жена“ и веднаш беше објавена во „Млад борец“, како претходно и некои други песни на Ацо Шопов.

Се подразбира дека, како играч на подмладокот, безмерно почестен баш од бардот, летајќи тргнав да ги барам македонските значења на зборовите што му требаа на Шопов за препевот на стиховите на Сенгор. Вилиниот коњиц, тоест вилинското коњче, доби и анегдотско значење. Во некоја од енциклопедиите најдов дека некое растение носи такво име и му го препратив тоа значење на Ацо во Дакар. А оттаму, на 28 март, одговор:

„... Посебно ти благодарам на македонскиот превод на зборовите сo кои се судрив во препејувањето на Сенгоровата поезија. Само ми се чини дека има едно недоразбирање во врска со поимот „вилински коњиц“. Ти велиш дека тоа е некаков цвет и го преведуваш со „вилинско коњче“.Колку пак јас што знам „вилински коњиц“ е некаков инсект со проѕирни крила. Во својот роман „Песна“ О. Давичо го споредува својот главен јунак Миќа со него. Те молам провери ја уште еднаш оваа работа и јави ми!

Што се однесува до Сенгора свјот дел од работата го завршив, препеав околу 600 стихови. Изборот од неговата поезија знатно го проширив и сите додатни песни, покрај оние што од порано ги зедов, веќе ги препеав. Навистина, овој чудесен поет сè повеќе ме воодушевува. Но сега ми останува уште не помалку важната и одговорна работа – предговорот. Се надевам дека до мај и таа работа ќе ја завршам и со препевите ќе му ја испратам на издавачот“.


Тогаш се активираа и какви-таквите телефонски врски и се брзо се реши: проблемот со вилинското коњче, она од романот на Оскар Давичо и она хеликоптерче од нашето детство.

Не мина долго време, а од Дакар стигна уште едо писмо, што го донесе една нашинка која се беше вратила од таму. Ацо Шопов пишуваше:

„Бев зафатен со препевите и предговорот на книгата на Сенгор и тоа ми беше најважно. Сега таа работа ја завршив и препевите му ги испратив на Матеја. Неколку песни ти праќам и тебе за да ги објавиш во „Млад борец“, ако имаш можност. Но најмногу што сакам е ова писмо да го добиеш в добра здравствена состојба – тоа е најважно!“

И во пост скриптум:

„Полека се спремам за дефинитивно враќање дома, но времето некако доста бавно ми мине, иако имам обврски преку глава“.

Во сегашниов контекст, важно е да се подвлече фактот дека благодарејќи на оваа преписка, песните на Леополд Сенгор, препеани од Ацо Шопов, за првпат се објавија на македонски јазик токму во „Млад борец“.

Ете, ова сакав да го соопштам. Како припадник на тогашниот подмладок, прооден под истиот Исар како и големиот Ацо Шопов, со мисла дека допрва ќе се раздиплуваат убавините од очите на сињаркире.


САРАЈЛИЌ ВО САРАЕВО

Белокос, истоштен, тивок и блед. Тажен, никогаш потажен. Изет Сарајлиќ на телевизискиот екран. И неколку минути потоа, во претполноќниот телефонски разговор.

Колку вчера, на струшките поетски деноноќија, не му требаше ни соба, ни постела. Достатна беше гитарата, виното и песната на пријателите. Сега, нестварна морничавост: гранати ја параат душата на поетот. Кратерски дупки на таваните. Сарајлиќ во срцето на Сараево. Сараево во срцето на Сарајлиќ. Ноќ. Долга, проклета, крвава ноќ. Трамвајот за Илиџа е вкочанет на појдовната станица. Налудничав продув од Требевиќ. Во улицата на поетот испраќаат проектили од Пале. Оттаму каде што береше цвеќе за другарката Сарајлиќ, додека работеше врз текстот за големиот крагуевачки школски час. Кутрата поезија!

Има ли смисла старото прашање: како да се напише својот „Фауст“? Таму, на Пале, Радован Караџиќ се перчи мефистофелски. Сарајлиќ до Караџиќ, пророчки, во писмото во стихови, пред дваесет години: „Се плашам дека нашиот суд за 20. век е премногу и едностран и избрзан. Па не е белким ѕвездата на бесмислата единствена што сјае на неговото небо?“ Креаторите на бесмислата и натаму даваат интервјуи. Пак една - ноќ. Молчете, замолкнете. Маските паѓаат.

Гранати врз детските игри и сни. Од нив многу брзо се расте. Во татнежот, не се слуша предупредувањето на поетот, од пфред четврт век: „Мила, запри. Секогаш ќе стасаш да станеш вдовица на идниот војник!“ Стварноста се пишува во сегашно време. Чакнато време. Што станува со стиховите за добра ноќ?

Уште колку црни листови има на календарот на злото? На Сарајлиќи (и на сите како нив) им е преку глава од војни, а уште еден мир би пречекале со раширени раце. На Сараево му треба нежен збор. Сарајлиќ е таму, на работното место на надежта: ја завршува песната за поразителниот крај на дваесетиот век. Ќе пукне од мака што се случи под Бранденбуршката порта да не помине последниот ден на војната. Па сепак, би им наздравил на ѕзвездите, макар и од визбата, и ако треба - за инает. Со оросени очила. Како што му прилега на стариот елегичар.

Зарем е ова време за лирика? Прашањето не е безразложно. Категорички ќе речат „не“ оние кои говорат низ нишаните на оружјето. Тие би сакале да занеме сè. И автентичниот лирски сведок и толкувач на ова доба – злодоба.

Генералот Герт Бастијан, командант на Бундесверот, пред пет години доби аплауз од поетот и остана меѓу кориците на неговите книги. Овие, кои безмилосно го уништуваат Сараево, се генерали од поинаков сој. Од никаков сој, всушност. Потонати во ништожност. Презрени, проколнати. А цвеќето и под бомбите не престанува да цути. Сепак.

Не му е јасно. Ништо не му е јасно на поетот. Никому ништо не му е јасно. Не знаеме зошто. Ужасно ефтина станува живеачката. Присуството на човекот се чувствува сè помалку. Луѓе, каде е човекот? Станува несносливо ова паѓање до дното на историјата. Зарем и под дното има дно? Зарем е можна историјата на утрешниот ден без луѓе, без деца, без градови и без села, без песни и гитари?

Пак ноќ. Пак прашање. Рој прашања.

Се збогуваме ли, дефинитивно, со европскиот хуманистички идеализам? Забораваме ли, лека-полека, дека само оној кој љуби има право да го носи името човек? На тие кои љубат им треба насмевка, им треба росно цвеќе, клупа во паркот, место во последниот ред на кино-салите, маса за двајца во летните бавчи на рестораните (како оние во Баш Чаршија, на Илиџа и Требевиќ), им треба пролетен дожд и севдалинка, а не - тенкови.

При сета збрка, едно е совршено јасно: Изет Сарајлиќ е човекољубец од глава до петици. Со непресушни нежни струни во гласот. Се чувствува неговата чувствителност. Како горжлива иронија на судбината звучи некогашниот запис на Никола Кољевиќ за поезијата на Сарајлиќ: „Емоцијата на неговата песна... тоа е онаа емоција со чија што помош се браниме од она од што историски најмногу се плашиме“. Се појуначи ли Кољевиќ? Каква е состојбата со неговите емоции денес? Ги заборави ли стиховите на Изет?
Над Сараево се надвива уште една црна ноќ. Пусто е, со недели веќе, Вилсоновото шеталиште. Капки надеж сигурно се тркалаат врз новите стихови на поетот. Му трепери гласот: „Поздрави ги, те молам, сите мои пријатели во Македонија...“

Што, всушност, сакаше да каже поетот?

Ќе останат лузни и зрнца очај. Но и непобитната надмоќ на поезијата над здивената стварност.
Поштарите и натаму ќе разнесуваат писма, му порачува Сарајлиќ на Гане Тодоровски во песната „Кого утре ќе го возат таксистите“.

Разговорите продолжуваат.

Утре-задутре, Сарајлиќ пак ќе се качи во автобусот за Скопје. И по пат ќе јаде грозје со шпанската поетеса Клара Ханез.

06.05.1992.



ТЕМНИ ВОКАЛИ

Времето е такво, како во темните вокали на Бродски. Угоре високо, удолу длабоко. Дузини кафкијански наметки. Под нив сурија гатачи. Гатаат од дланка и од филџан, отвораат пасијанси, токмат хороскопи. Небаре е фрлена нова парола: гатачи од сите земји и од сите бои и вери, сега му е мајката!

Има разни сорти гатачи. Има безгрижни веселници, има и намрштени намќори. Има и претскажувачи на политичкото утре, сценаристи, хироманти, катастрофичари. Со поза на задумани аналитичари. Со апаратчиња за дале-чинско управување, на батерии. Ѓоамити, поудобно е да се гледа сеир низ замаглените џамчиња на замислените Ноеви ковчези. Нам ни ги отстапуваат лавиринтите на совремието. Колку пати веќе требаше да им бидеме утринско мезе на ламјата, ако живеачката се редеше по нивни теркови? Сепак: сметката не се прави без крчмарот.

Животот не е само некаде другаде, како и маката. Капки горчливи претсказанија се лизгаат врз веќе нагризената коцка шеќер. Вртат неуморно, налудничаво, барабаните на балканските политички томболи. Маршираат разни џокери врз зелената чоја. Чкрипат панаѓурските рингишпили. Ем лефтерност, ем нервозна заитаност во сложувањето на волшебната коцка. За некои унгарска, за мнозина балканска. Весела и шарена играчка што се престорува во пеколна машина.

Не е работата во тоа од челично-птичја перспектива (авакс, мираж, фантом) да изгледа дека сите јадат увозни чоколади со лешници. За таква вртоглавица и слепило достатно е и криво магаре. Е ли работата во катадневното потквасување на безнадежноста? Кој ли нè турка кон ширум отворените порти, во тремот, па и во средиштето на шеколот? Прашања, прашања... А можно е само она што се случува, нели? Што ни се случува? До каде се протега дрворедот од прашалници?

Со тазе штрекнувањата од катастрофичен вид не е баш скудна јавната трпеза. Кобниците сонуваат крвава наситка. Колкаво е растојанието од спуштените микрофони до кренатите бајонети? Иде лето, жега. Па врапит изборен мегдан. На која температура пламнува жарта од потпалените стрништа на страстите? Во кои услови реториката на делбите и омразата ја менува агрегатната состојба и станува општ пустош? Која и каде е котата на разбирачката? Какви сопирачки и какви мажи се требни за запирање на разулавената балканска вртелешка?

Добро де, не сме баш вомјазени од репортерските, чиновничките, тадури и експертски бабароги. И од гатачите – распродавачи на страв по белосветските панаѓури. И малите деца не се тревожат од секакви прикаски. Просто: лага река не гази. Противречностите не се за застрашување, ами за разрешување. За нас е зборот, а не за гракањето на црните птици. Белким запикасавме дека откога ќе се скрши колата, многу патишта се отвораат. Мисирков, уште дваесетитретата беше рекол и подвлекол: „Разрешувањето на македонското прашање не ќе дојде однадвор, туку одвнатре, од самите Македонци“. Сака да се препрожитува Мисирков! И другите како него. Се виде фајдето од отровните брборења. И од фестивалскиот наплив на „прегреан патриотизам“, ако баш сакате. Трубите свират и воинствени, и погребни маршеви. Свират и обични, ведри ноти. Зависи од трубачите.

Патем: узреаја јагодите. Црешите пролетва малку доцнат. Со нив народот ги споредуваше зборовите. Тие се како цреши: една фати, сите ќе се кренат. Сосе темните вокали. Каменот пак, на местото си тежи. Влатко Стефановски прекрасно си игра каубојци и индијанци. Во Драмски Унко го прегнал Калдерон, или обратно, сеедно: животот е сон. Завчеравечер, пак во Драмски, со Љубиша Георгиевски го чекавме Годо, иако знаевме дека тој обично никогаш не доаѓа. Арно ама, ѓаволот ни ора, ни копа!

30.04.1994.




ЗОШТО ПОЕЗИЈАТА МАЛКУ СЕ ЧИТА?

Прашањето од насловов е глобално, ама јас – со години веќе – си го поставувам на крајот на секое лето, во времето на одржувањето на Струшките вечери на поезијата. Делува навистина импозантно кога на затворањето на овој поетски фестивал од светски маштаб, поети од цел свет, од струшкиот мост на поезијата, читаат песни пред десетина илјади посетители. Еве, проценителите нека претерале и за половина – пак воопшто не се малку пет-шест илјади души кои се насобрале да слушаат поезија, а не некаков предизборен говор, на пример. Од друга страна, делува навистина мизерно сознанието дека во истата таа Струга нема книжарница во која човек може да купи книга (не мора поетска, дури каква и да е!) од главниот фестивалски лауреат. Книгите на струшките леуреати сека година се печатат луксузно, им се делат во едно торбуле (волнено, демек ракотворбено или пластично, зависи од тоа колку пари има организаторот) на сите учесници на фестивалот и толку. Во книжарница не може да ја најдете, не само во Струга, ами во цела Македнија, толкава колкава што е и таква каква што е. А само бегло да се присетиме, струшки венценосци биле: Вистон Хју Одн, Еуџенио Монтале, Пабло Неруда, Ханс Магнус Енцесбергер, Андреј Вознесенски, Јосиф Бродски, Томас Транстремер, Јанис Рицос, Рафаел Алберти... Нивни книги, со еден или два исклучоци, во Македонија не се печатат и отпосле, читателите да видат како и се множи опусот, или, ако си заминале од овој свет, да се присетат на нив, на некои песни што не биле публикувани во луксузните изданија на Струшките вечери на поезијата.

Но, Струшките вечери се само малку поизострен поглед врз суштината на прашањето. А тоа не имплицира борбена настроеност за одбрана на приметот на поезијата, за која Бродски, на пример, вели дека најкондензиран начин на пренесување на човековото искуство.

Во меѓувреме, светските фабрики на бестселери работат во три смени, што повторно не значи дека денес луѓето се претргнуваат од читање, макар и на евтините бестселери на кои се гледа презриво од литературните олимписки висови. Мнозина добри прозаисти страдаат од истата болка како и поетите, но во овој текст се постави прашањето за (не)читањето на поезијата.

Македонското искуство е повеќестрано поразително и вртоглаво се приближува до прашањето: чуму воопшто пишувањето поезија? Поетите знаат, ама се прават дека не знаат, дека пишуваат и објавуваат само за пријателите. Издавачите знаат дека поетските книги речиси воопшто не се продаваат, ама ги објавуваат оти се покриени со државни дотации. Добар дел од читателскиот корпус времето го тепа со телевизиски сапуници, во кои, нели, нема ни здодевна проза, а не пак поезија. Со еден збор: сите знаат сè, ама се прават или навистина сакаат да знаат дека не знаат ништо за судбината на поезијата наша, насушна.

Самата поезија не е без вина виновна. Многу лесно и без борба и сепредаде на суровите и студени навеви на Транзицијата. Не успеа (нема гаранции баш и дека сакаше) да се оттргне од старите клишеа, од истрошените, да ги речам, средновековни поимања на поезијата и поетите. Наместо да му речат „слава му“ на застарениот (ако не веќе и парталосан) зборовен збир, тие од ветви зборови сакаа да прават балони на нова слава. На некои руралните спомени, тревките и камчињата, им беа поважни од жестокоста на животот, заборавија дека без живот – нема поезија. Животот се разбира не е еднаков на поезија, ама поезијата е секогаш еднаква на спротиставувањето на старите клишеа.

И критиката крена раце од поезијата. Има еминентни критичари кои со години не прелистале поетска книга. Некои дури и кога ќе ги натопорат во некое жири за доделување на некоја поетска награда, првин чекаат другите да го направат најтесниот избор, па отпосле да свртат по некоја страница од веќе направениот избор. Критиката ни се поболе од – пригодност. Нејзината улога се сведе на пригодните беседи при промоциите на поетските книги. И со такви беседи потем се полнат страниците на она што остана од литературните списанија. Во пригодните говоранции на промоциите, сите поетски книги се – добри, многу добри, најдобри. Самозалажувањето оди дотаму што мнозина поети недосонуваните соништа сакаат да ги преточат во јаве: демек, сме имале поезија свежа и полнокрвна, од модерна помодерна, од чист европски маштаб, дури и за пример сме можеле да служиме. Што не значи дека немаме и такви проблесоци, ама сите знаеме што се проблесоци.

Поезијата во образовниот систем? Ајдете, ви се молам, каков систем – сето тоа повеќе наликува на некаква прастара, ‘рѓосана машинерија, со испокршени запчаници. Ќе чкрипи додека чкрипи, па што биде нека биде – кој сега да се сакалдисува дека тоа оди на штета на поезијата, при толку нешта наоколу што одат на штета на државата, на општеството?! За Црногорците владее мислењето дека сите го знаат наизуст „Горскиот венец“? Кој наш поет ние, особено нашите најнови поколенија, го знаат наизуст? Рацин? Прличев? Некој трет? Ние и не сме се „договориле“ кого задолжително треба да го знаеме наизуст?

Колку самите наши поети, предводени од бардовите, знаат каква поезија се пишува во светот, а каква преведуваме кај нас, ако воопшто преведуваме. Преведувањето на поезијата кај нас најчесто се прави по системот „јас тебе – ти меене“, затоа и најпреведувани се – поетите издавачи. Некои поети, а ќе станат издавачи, а ќе им тргне работата со сопствената афирмација во светот. прекутрупа, надвор до сите светски обичаи (преку агенти, афирмирани издавачи и сл.) а често и со наши државни пари, што сите сме ги одвојувале, како даночни обврзници. Раритетни се примерите од странски јазици да се преведуваат поети кои не се издавачи. И кога се случуваат такви (убави) раритети, тоа е повеќе за да се добие некоја пара од некои странски или меѓународни фондации за таа намена.

Никако не смее да се прескокне и фактот дека самите поети не се читаат меѓу себе. Стига е да се прашаме колку поети има во нашите две писателски асоцијации, а во колкави (симболични) тиражи се печатат поетските книги и сè излегува на бел ден. Има ли на јаве – друштво на мртви поети? Колку се живи поетите кои речиси некој не ги чита? Да се допрашува ли - колку наставници и професори по литература има во државата ни?

И еве го вистинскиот допир со незаменливото значење на поезијата како највисока форма на човековото изразување. Тоа, што веруваме дека е така, нè тера да продолжиме да пишуваме поезија, да не го обесмислуваме самото дишење, да не биде тоа дишење заради дишење, омлитавено, бесцелно, колку да му мине редост и да се крепи живуркањето. Поезијата бара, ама и дава широко отворени бели дробови.
Затоа деновиве како првостепено запрепастување, како вистински гром од ведро небо, како мелем да душа, ја ислушав приказната дека една мала група млади скопјани решиле да не си го абат времето со празни муабети по кафулињата, ами од време на време да се собираат на терасата на еден од нив, и толку колку што се, да читаат, на глас, баш – поезија, не своја, ами од „вистински“ поети – домашни и странски. Секој што ќе донесе од дома, да им го прочита на другите, па да помуабетат малку за тоа, не „високоумно“ ами баш како обични, најобични млади луѓе, кои, ете, виделе дека има смисла (и потреба, сетики) да се чита поезија.
Е, токму таа бистра вода од терасата на скопските девојки и момчиња, откога ја чув приказната за нив, катаден ми шепоти: ма, има смисла да се пишува поезија! Јасно е уште сега дека е претеризам сентенцата дека еден ден сите ќе пишуваат поезија, јасно е и дека на куково лето сите ќе читаат поезија, ама дека поезија ќе се чита многу повеќе отколку сега – ќе се чита.

Колку за потсетување: ова го потпишува кој поет за кого не може да се рече дека се занесува и дека не е цврсто наземи, а на кого, од друга страна, не му личи на годините да биде оптимист.



НОВОГОВОРНИЧКИ МОНОЛОГ

Замижи и почни!

Баш така бе, батка! Шо ти е гајле за чистунците и затуцаните пуристи, за малиот прст од левата рука не можат да ти се фатат! Ова не е старо време, едноумие, па све да биде по нивно! Слободата и демократијата са фалш ако не ти дават слобода да си збориш као што сакаш, мислам, на свој дијалект, сленг. Не можеш животот да го униформираш, не можеш ни јазикот да го униформираш! И фала му на бога шо е така. Гледаш, мењаваат директори и уредници на телевизија, ама у јазикот не ни пипаат и не ни се мешат. Умре тоа: поуки за јазикот и такви ствари! Мерамо му е шо сакаш и како сакаш да кажеш, и никој ништо да не ти може! Мислам, у однос на јазико, а садржината си е друга работа. За садржина може да одговараш на суд, а за јазик никаде. А ти, не си ваљда толку мутав па да ја зглајзаш на садржината! Ако си мутав, џаба ти демократијата: требе да знаеш да се уклапаш, да бидеш компатибилен! Не буљи у мене као прваче у слики со голи женски, стварно је така! Шо било тоа компатибилност?! Како не знаеш бе, батка?! Не ли си чул коа шиткаат компјутери: биле, као, компатибилни, се слажеле, ујдисувале со ИБМ. Нема везе шо се тајвански, важно са компатибилни со ИБМ! Мижи Асан да ти бајам! Не е све у компатибилноста! А и компатибилноста не се однесуе само на компјутерите! Еве, ги слушаш ли министрите и другите буџи: ќе сме ги имплементирале тија и тија прописи и кај нас, за да бидеме компатибилни и комплементарни со Европа и свет, ја! Успут: треба да причекаме на имплементацијата на Дејтонската спогодба, а во меѓувреме, ќе пристигнат и заклучоците на Бордот на директорите на Светската банка. Не знам кој, некој си Цацко, бил многу ригиден и не попуштал ни за влакно, таков некој катил: си ја гледам работата - велел - и јас не сум платен за заштита на вашиот дигнитет! Тие срцепарателни прикаски биле за на телевизија, а не за светот на бизнисот! Бизнисот ти е сурова работа! И кај се исплати у бизнис за репортажа од петнајс минути да се ангажират толку кабломани, микромани, видео-миксери! Това има само на телевизија! У новини је, богами, друга работа: по некој едиториал или колумна и - то! Учен народ, башка Транзиција, лептир-машни, самсонаит-куферчиња, крај му нема! И некој ќе ни отекува тука за јазикот наш македонски, што нè обединувал сите во една татковина. Као, мие не го знаеме тоа! Знаеме, де: и Шекспир, и Гете, и Пушкин са преведени на македонски. И?! Да си ја кршам главата барајќи тамо некои зборчиња, коа нишчо не и фали и на овија шо ги употребуам?! Баш ми пашат и ајде бе, батка, биди озбилен! Остај ме, бе, чоек, не ли гледаш, зимата помина, се топи снегот, уште малку да се пуштам по стаза, после ќе нема ни стаза, ни скијање, ќе остане само стаза слонова! И види вамо: и ти, и некој други матори не се мангупирајте ногу! Да се чувал јазико!? Од загадување! Како човековата околина што се загадувала, така и јазикот ни се загадувал! Ја, мајката! И од кого да се чува бе, батка, од нас ли!? Така пред дваестина години вриштеле маторците и за имињата: не ваља Боби, Џими, Жаки, требало македонски имиња, митревци и митри да бидеме сите, па шо не го бива, не го бива бе батка, кој век сме сега!? Гледам, неќни на факултет наеднаш промовирале чак три книги за јазико. Немам ништо против, нека си прават шо сакат на факултет, не им се мешам у бизнисо, само и они да не ни се мешат, нека нè остаат да си збориме кој као шо си знае, тоа ти е бе, батка - ем демократија, ем богатство на јазико!

Па, ако се разбравме: мижел, не мижел - темнина е, батка!

02.03.1996.

ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА И ЈАЗИКОТ
СТРВНА, ОМЛИТАВЕНА РИБА

Одите и триумфализмот со кои беше најавувана ерата на глобализацијата, полека се заменуваат со посмртни маршеви. Напернатите ултралиберали кои самоуверено и самобендисано со расфрлаа со волшебни стапчиња и спасоносни формули, почнуваат да ги наведнуваат главите пред стварноста која мнозина ја именуваат и како пропаст. Сакале-нејќеле, новите центри на моќта увидуваат дека парите и моќта што тие ја пружаат не се бесконечни. Пазарот, како основно средство на глобализацијата, се разнишува. Се демаскира и фактот дека големиот капитал поседува и пазарни новинари и медиуми, наемни мислители и верни бранители на новиот систем на нееднаквоста. Изминува рокот на траење на зашеќерените приказни. Се гледа дека пропагираната еднаквост на шансите, всушност, значела, во ист кафез да заклучите и лав и зајак, па нека уживаат во натшреварот и се разбира нека победи подобриот. Приказната за еднаквоста на шансите не им значи ништо на луѓето кои повеќе од една година упорно протестираат пред парламентот на Македонија. Нив, по 25 години поминати на работа, Транзицијата ги исфрлила на улица и не бараат ништо освен работа.

На новите господари на светот не им е мило што се поуверливо се покажува дека нивниот волшебен напиток не е за сите луѓе, деа за мнозина тој може да биде и отровен. На новите господари на светот не им е мило што и покрај сè што преку масовните медиуми беше направено за масовно покорување на духот, се распламти разногласие и жестоки полемики. Досетливи, какви што ги дал господ, новите господари на светот сега мрморат дека веќе и не е толку важна глобализацијата. Новите господари на светот сакаат да се помириме со доминацијата на незнаењето, но, тоа, сепак, ќе врви малку потешко.
Глобалистичките ветришта не се нов, современ феномен, само што порано тие поинаку се именувале. Виорите на глобализацијата силно удирале и оставале видливи лузн и врз лицето на духот. Јазикот, како живо суштеств, исто така е изложен на овие сурови ветришта, а речиси 4.000 јазици во светот ја доживеале судбината на малата рипка која завршила во стрвните усти на големата риба. Но, има и пргави и жилави рипки, кои знаат да ја искористат својата поголема подвижност и да и избегаат од пред нос на големата, омлитавена риба. Во тоа катадневно надитрување што се вика и борба за опастанок се раѓаат и нови вредности.

Еве, на пример, цели пет века од таканареченото Отоманско историско време во мојот мајчин, македонски јазик – како зрна песок во клепсидра – влегувале туѓи зборови. Како резултат на тој процес, денеска во моите песни, на пример, ќе ги сретнете и овие зборови: ишарет, риџа, мерак... Нашите лингвисти нив ги нарекуваат архаизми, а тие зборови мене ми служат за нагласување на колоритноста на мојот сопствен јазик. Во најуси црти, ете тоа е влијанието на петвековниот бран на тогашната глобализација врз јазикот на мојот мал, денес уште и уситнет народ. Сакам да речам: бил и поминал тој бран, а јазикот на мојот мал народ си опстана ами како.

И денес, во истиот тој мој мајчин јазик – пак како зрна песок во клепсидра – влегуваат туѓи зборови. Во моите песни нив ги нема, ама јазикот на помладите и најмладите не може да се замисли без таргети, дилови, стеџови, бекстеџови и други англизми, за кои, во речниците си постојат и прекрасни македонски зборови. Во некое идно време овие туѓи зборови ќе служат за нагласување на колоритноста на мојот мајчин јазик.

И така, оттука до вечноста. Како што ќе доаѓаат нови глобализации, секогаш поинаку именувани, ќе се обновува и своевидниот двобој на наслагите што ги оставаат тие во дамарите на јазикот, некако слично на холестеролот и другите масти што се талоат врз крвните садови. Во тој историски процес несомнено се збогатува јазикот, па и мојот мајчин јазик. Само што никогаш не треба да се заборави дека од многу глава боли, па и од многу тиѓи зборови во ризницата на еден јазик. Баш како што е неопходен таканаречениот добар холестерол во крвта и баш како што е фатален зголемениот лош холестерол.

Во разбрануваниот океан на глобализацијата, на малите јазици им е судено да пливаат до изнемоштеност, ако сакаат да опстанат и да ја сочуваат свјата самосвјност. Без разноликоста на јазиците, сите бранови би стивнале и сиот живот би станал едно огромно мртво море. Новите глобалисти не поднесуваат ни разноликости, ни полемики, ами безпоговорна еднонасочност. Тие од брегот сеирџиски го гледаат во морето само големиот бран – не знаат или не сакаат да знаат дека има и помали бранови и најмали бранчиња. Кога такви незнајковци во продавницата за сувенири ќе купат од оние руски дрвени матушки, воопшто и не помислуваат дека кога ќе ја отвориш најголемата, во неа има и помала, и кога ќе ја отвориш помалата во неа има и уште помала, и сè така до најмалата.

Новите господари на светот мнпгу би се радувале кога светот би го доживувале само на прв поглед, како нив. Кога би го гледале само големиот бран и големата дрвена матушка. За среќа, постои и она што секогаш и не се гледа на прв поглед. И ќе постои, наспроти дребноста. Така некако е и со јазиците. Та, сите ние знаеме колку големи дела се напишани и на таканаречените мали јазици.

Strict Standards: Redefining already defined constructor for class Net_URL in /home/icko/public_html/esei/files/URLrb.php on line 122

Strict Standards: Non-static method PEAR::isError() should not be called statically, assuming $this from incompatible context in /home/icko/public_html/esei/files/Requestrb.php on line 594

Strict Standards: Non-static method PEAR::isError() should not be called statically, assuming $this from incompatible context in /home/icko/public_html/esei/files/Requestrb.php on line 595

Strict Standards: Non-static method PEAR::isError() should not be called statically, assuming $this from incompatible context in /home/icko/public_html/esei/files/Requestrb.php on line 607

ТИШИНАТА, НЕБИДНИНАТА И ЦРНОТО СОНЦЕ

Мнозинa од нас тука, збрани во чест и слава на Ацо Шопов, лично го познаваа големиот поет. Повеќето прочитале се' што напишал тој, а и што е напишано и речено за него. Можеби затоа и верувам дека на ваква прилика и на ваков состав најмногу и прилега тишината - онаа тишина што Ацо Шопов прв ја откри во нашата поезија и која дури сега, во општата фејсбуковска и твитерска дрдорливост, ни го открива сето свое значење, ни открива всушност, дека не се наоѓа подобар и поумешен говор од говорот на тишината. Мислата како повеќе да одекнува ако не се каже, ако се одмолчи. Онаа мисла која кај Ацо Шопов никнуваше од бескрајните длабочини на празниот лист хартија.

           Ако моќта и припаѓа на тишината, што тогаш со зборовите, зошто служат зборовите? Па, зборовите служат да се пишуваат песни. Зад нив, секако, не стои само тишината,ама ние, од пуста мрза, често и не знаеме што стои зад тишината и зад зборовите. А ретко, ептен ретко запнуваме да ја откриеме јатката на зборот и што има во неа.

            Од зборовите се создаваат стихови, а од стиховите песни, сите песни на овој свет. Но, само кај вистинските и големите поети, каков што несомнено е Ацо Шопов, некои стихови звучат како цела песна. Спомнете си само: Океанот е мал, човекот е голем. Или: Кој ни ја досуди таа небиднина -да бидам стебло, да бидеш песна; Или: ( Човеку) птицо претворена во ѕвезда, кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна. И така натаму, и така натаму. Набројувањето би било долго.

             Од неговата рана младост, скоевска и партизанска, до 20 април 1982-та, поминаа многу историски татнежи и светкавици, се отвораа и многу темнини низ кои требаше да се врви. Ацо Шопов си ја чуваше светлината и си ја носеше длабоко во себе, како и тишината. Нека не се сфаќа како пригодничарски исказ верувањето дека таа светлина и ден денес штедро не' озрачува сите нас - неговите поклоници и следбеници.

              Ацо Шопов прв објави стихозбирка во слободна Македонија, онаа Македонија за која веруваше дека е судбина на светот, а светот судбина на Македонија и денеска таа македонска слободаска поетска прворожба не може да се есапи само за прост и празнозначен факт. Попрво ќе да беше тоа неговиот прв чекор кон иднината, кон веќе спомнатата тишина. Потем прв и единствен ја препозна небиднната, и го крена дулачето, и ја откри ликата. Среде небиднина знаеше да ни каже што ќе ни се случи вчера и што ни се случило утре. Среде небидниа, потем,тивко, тивко излегуваше од сонот, за в мугри да го препознае и црното сонце. И се' така, верувајќи дека сите реки и мориња имаат и друг брег. Се' така, знаејќи, и од сопствениот опит, дека поезијата - како и секоја вистинска уметност - е напор, тежок напор. Некој беше рекол дека пишувањето поезија е, всушност, увежбување на смртта.

              Со заминувњето, пролетта 1982-та, Ацо Шопов стана првиот класик на повоената македонска литература. До крај и остана верен на поезијата, нескршливо верувајќи дека токму поезијата ги достигнува највисоките висови на јазикот.

              И тишината, и небиднината, и црното сонце, се' што создаде Ацо Шопов се неодминливи знаци на една поетска великост, знаци на зрелост кои беспоговорно сведочат дека се' што ќе биде сработено и стокмено како што треба, се претвора во спомен, станува трајна вредност. Наспроти сите морници на новите времиња во кои не се баш и реткост обидитите значајни писатели да се тутнат во заборавот и тоа не со критика и превреднување, ами со неподнослива леснотија на едно ирационално самоволие.

               Нема кој да не знае дека Ацо Шопов, поетот на кој денеска уште еднаш му се поклонуваме, беше душа човек. Сушта потврда на тоа дека поезијата е еден вид душа искажана со јазикот.

Ристо Лазаров

3 maj 2012.